Денеска разговараме со координаторот на секторот земјоделие при политичката партија Левица, Никола Петров на актуелни и идеолошки теми поврзани со земјоделието, во Македонија како и актуелните протести организирани од страна на фармерите кои се случуваат на европско тло.

Што, според вас претставуваат најголемите проблеми со кои се соочуваат земјоделците?

Н.П: Проблемите на земјоделците денес, можеме детално да ги образложиме само ако ги гледаме како дел од целокупната аграрна политика. Ако ги гледаме земјоделците како дел од работничката класа, тогаш ќе дефинираме една група на проблеми, но ако ги гледаме како неотуѓив дел од целокупното производство на храна кое служи за да го храни населението, тогаш проблемите се сосема други.

Во однос на првиот проблем со кој се соочуваат земјоделците, гледани како дел од работничката класа, тоа се проблемите на исклученост на жените земјоделки од системот на здравствена заштита, односно, правото на платено породилно отсуство, лошите услови за живот на село итн. И воопшто земјоделците не ги уживаат истите работнички права како и работниците кои работат на други работни места. И ова е проблем кое бара системско решение.

Во однос на поголемите проблеми на кој се изложени земјоделците вршејќи ја својата дејност, а тие не прават ништо друго освен што го хранат населението, овде зборуваме за есенцијални проблеми, како правото на егзистенција и на опстанок. Тоа се глобалните политики на неолиберализмот, контрола на производството на храна и екстремниот профит. Како што знаеме, денес енергијата во светот, електричната енергија, гасот, нафтата, се под контрола на мега корпорации кои ја диктираат цената на берзите, шпекулираат, прават огромни профити. Преку енергијата кои ја имаат во свој посед, одлучуваат што ќе прават со неа, по која цена ќе ја продаваат, и следствено користејќи ја таа позиција на монопол ги контролираат помалите и сиромашните земји. 

Е сега, зошто ја споменав енергијата, а тоа е од едноставна причина дека и храната е еден вид на енергија. Храната која ја консумираме при процесот на метаболизам ослободува енергија која му е потребна на секој жив организам за да живее. Така доаѓаме до одговорот, а тоа е дека храната е последниот извор на енергија кој уште не е целосно под контрола на светските мега корпорации. А кој ја контролира храната тој може да го контролира и човекот, населението, владите. Прашањето на достапност на храна е истовремено и безбедносно прашање. Недостаток или висока цена на храната може да биде причина за незадоволства, штрајкови, бунтови, немири, паѓање на влада итн.

Нека ми простат вашите читатели зошто така опширно го елаборирам оваа прашање, бидејќи, за да ја дознаеме суштината на проблемот мора подлабоко да навлеземе и да ги анализираме работите кои на прв впечаток ни изгледаат не поврзани, но врската помеѓу нив постои и е комплексна.

Многумина не знаат дека три интернационални земјоделски корпорации со седиште во САД, Каргил, Дупонт и Монсанто станаа сопственици на скоро половина од плодното земјоделско земјиште во Украина кое изнесува 17 милиони хектари од вкупно 40 милиони хектари колку што поседува Украина. Тие со тоа го контролираат производството на жито, а Украина е една од најголемите житници во Европа, трговијата, транспортот и при тоа спрема нивните потреби манипулираат со цената на берзата. Украинското жито завршуваше претежно во земјите во Африка и така овие три корпорации ствараа екстремни профити од него.

Така, доаѓаме до тезата која сакам да ја изнесам во однос на ова прашање за проблемите на земјоделците со кои се соочуваат денес и во блиска иднина, а тоа е дека глобализацијата и неолиберализмот создаваат предуслови за преземање на производството на храна од рацете на индивидуалните земјоделци, земјоделските стопанства, семејните фарми, државните комбинати и другите мали и средни облици на производители, кое производство треба да премине во рацете на големите интернационални корпорации, кои ќе го интензивираат земјоделското производство заради висока профитабилност. При тоа нема да се води сметка за квалитетот на производите, добрите земјоделски практики, животната средина, социјалниот аспект,  куповната моќ на населението итн. 

Со други зборови кажано, големите мултинационални агро корпорации ги гледат како конкуренција земјоделците кои им јадат дел од колачот, и како такви, корпорациите со нивните истурени играчи во владите прават се за да ги натерат да се откажат од својата земјоделска дејност.

Да завршам, проблемот со кои се соочуваат денес земјоделците при вршењето на својата дејност е идеолошки и политички. Така да, решавањето на проблемите на земјоделците, ослободување на земјоделското производство на храната од канџите на глобалните агро корпорации, домашно производство на храна кое ќе ги задоволува потребите на населението и така натаму, може да го направи влада со суверена државна политика, која ќе се раководи од потребите на својот народ.

Кое е Вашето мислење во однос на моменталните огромни земјоделски протести кои што се случуваат во Франција?

Н.П: Земјоделските протести, најпрво почнаа со протестите на фармерите во Холандија, па протестираа земјоделците во Романија, Полска, Италија, Германија и сега Франција. 

Протестите се должат на сет мерки кои ги презема Европската Комисија кои се на директна штета на земјоделците и фармерите. Во Холандија тоа беше присилното затварање на фармите за крави, намалување на производството на млеко, млечни производи и месо, заради како што велат од ЕК, намалување на гасовите од кравите, гасови кои штетеле на озонската обвивка. Оваа причина наведена од ЕК, не е ништо друго туку само смешен изговор, а вистинската причина ја наоѓаме во првото прашање, а тоа е, преземање на производството кое треба да премине од фармерите кај глобалните агро корпорации.

За разлика од фармерите од Холандија, земјоделците во Романија, Бугарија, Полска, протестираа бидејќи на нивните влади им беше наложено да пуштат увоз на ефтино жито од Украина, без царина и други давачки, кое претставуваше нелојална конкуренција на домашното производство на жито. Така, украинското жито со сомнителен квалитет, знаеме дека скоро две години има воени дејствија на територијата на Украина и при тоа се користи муниција со осиромашен ураниум која е радиокативна и можно е да е контаминирана почвата, а и житото кое се одгледува на таа почва. Така, како што претходно кажав кој ги поседува житниците и трговијата со жито во Украина, заради профитирање на истите им беше наложено на владите на Романија, Бугарија и Полска да пуштат слободен увоз на жито по пониска цена, увоз кој штетеше на домашното производство и на домашните земјоделци.

За разлика од нив, земјоделците во Германија и Франција се соочуваат со укинување на субвенциите за нафта, даноци за земјоделски возила, и други мерки кои ја отежнуваат работата, производството и конкурентноста на производите. Едноставно, воената и паричната помош која се испраќа на владата на Украина и нелегалните санкции спрема Руската Федерација, создадоа буџетски дупки кои сакаат да ги амортизираат и намалат на сметка на земјоделците.

Така во Франција, гневните земјоделци почнаа да ги напаѓаат камионите кои носат земјоделски производи од увоз, да ги уништуваат и да не дозволат тие производи да ги заменат домашните производи на рафтовите во супермаркетите. 

Европските земјоделци како никогаш претходно, сплотени, заедно, си го бранат домашното производство на храна, си ја бранат својата дејност и егзистенција од глобалните корпорации кои преку нивните послушници, бирократите во Европската Унија, носат закони и мерки на нивна штета.

Мојот став по однос на протестите е јасен, во целост ги поддржувам и истовремено апелирам и македонските земјоделци да го следат нивниот пример во остварувањето на своите барања.

Какви мерки и промени предвидува Левица во својата програма во однос на земјоделскиот сектор?  

Н.П: Како координатор на земјоделскиот сектор во партијата, подолго време ги следам состојбите со земјоделството во државата и секојдневно сум во комуникација со земјоделци, сточари, откупувачи, преработувачи и стручни лица. При тоа свесен сум за тешкотиите во кои се западнати нашите земјоделци веќе подолг период, исто и јас како земјоделец ги чувствувам и на сопствен грб, а додека од ден на ден домашното производство на храна се намалува и става под голем знак прашалник.

Во соработка со мојот тим во секторот, кој е спој на теренци, односно луѓе кои се занимаваат со разни земјоделски дејности долги години наназад, како и експерти, доктори и магистри на науки по земјоделство, ветерина, рурален развој, бебедност на храна итн, составивме програма која сметаме дека ќе направи радикални промени во целокупниот сектор во државата.

Нашата програма народот ќе може да ја слушне и прочита веќе во изборната кампања, а сега ќе набројам само дел од мерките кои ги предвидовме во нашата програма.

Прво и основно е носење на долгорочна национална стратегија за развој на земјоделскиот сектор, нешто како петгодишните планови за развој во времето на СФРЈ. Наместо досегашното стихијно, дезорганизирано и непланско земјоделство, се насочуваме кон државно планирано и стимулирано производство кое ќе има за крајна цел, задоволување на потребите на домашниот пазар со квалитетна храна, храна за извоз, обезбедување на суровини за преработувачката индустрија и најважното, задоволни земјоделци со гарантирани приходи. 

Проблемот со откупните цени и исплатата на земјоделските производи ќе биде регулирано со закон, при што ќе се одреди минимална цена на стратешките производи, исплата ќе биде во законски ограничен рок, а парите за тоа претходно треба да ги има обезбедено секој регистриран откупувач.

Потоа, потикување на домашното производство на дефицитарни земјоделски производи со сет протекционистички и стимулативни мерки. 

Дестимулирање на увоз на производи кои ги произведуваат нашите земјоделци дома.

Воведување на аграрен максимум по поединечна земјоделска култура, за да не се случи тајкуните да поседуваат стотици и илјадници хектари земја и при тоа да ги уценуваат и уништуваат помалите земјоделци.

Укинување на субвенциите за големите агро комбинати и нивно пренасочување кон индивидуалните земјоделци и кон младите кои ќе останат да живеат на село и се занимаваат професионално со земјоделство.

Рехабилитација на земјоделската инфраструктура, системите за наводнување, повторно воведување на ракетните системи за заштита од град.

Обновување на старите земјоделски и индустриски комбинати во државна сопственост.

Воведување на закон за прогласување на плодното земјоделско земјиште од висока категорија како природен ресурс со цел заштита од негова пренамена во градежно, што се прави денес заради поставување на фотоволтаици.

И многу други мерки во интерес на земјоделците, кои ако ја добиеме довербата на следните парламентарни избори, заедно и напорно ќе мораме да работиме и да ги имплементираме за доброто на сите.

Евидентно е дека луѓето но особено младите имаат целосно изгубено интерес кога станува збор за земјоделието, како Левица планира да го промени тоа? 

Н.П: Како прво, младите луѓе мора да разберат дека се’ е политика. Односно, политиката, директно или индиректно, влијае на секој поединец, на секој човек во државата. Често младите кажуваат дека нив не ги интересира политика, не се занимаваат со такви прашања и дека дури и не излегуваат на гласање. А во исто време имаме голема невработеност кај младата популација, бесперспективност, апатија, масовни иселувања од државата, бран на незадоволства, сиромаштија и друго, кои се директна последица од три децениската реакционерна политика на капиталистичките партии кои се власт во државата.

Младите денес ја имаат Левица, единствена прогресивна и радикална партија која се залага за темелни општествени промени, за воведување на нов општествен систем на демократски социјализам со македонски карактеристики, чија цел е благосостојба на сите граѓани, колективно добро наспроти богатење на елитите, систем во кој одлуките ќе ги донесува мнозинската работничка класа, а не како до сега малцинската капиталистичка класа, тоест, олигарсите и тајкуните.

Овде не се работи само за изгубен интерес за работа во земјоделскиот сектор, туку за изгубен интерес воопшто за било која работа. Ние веќе се соочуваме со недостаток на работна сила во сите сектори, додека во земјоделството состојбата е трагична. 

Минатата година во Република Македонија е увезена храна во вредност од скоро 900 милиони евра. Од година во година увозот расте, се трошат девизи за увоз на земјоделски производи од трети земји, а на нашите ниви просекот на старост на земјоделските работници е над 55 до 60 години.

Со вакви политики за некоја година ќе нема кој да работи на нивите и комплетно ќе зависиме од храна од увоз.

Затоа ние како партија се обидуваме да ги запознаеме младите луѓе со вистинските виновници за овие тешки времиња кои ги преживуваме и ги повикуваме да ни се придружат заедно во борбата за подобро утре. Ние не ветуваме дека патот до целта ќе биде лесен и дека промените ќе дојдат брзо. Но, кога се има пред себе една возвишена и благородна цел, кога се работи со љубов и посветеност, кога нема откажување и подлегнување на притисоци, кога се работи заедно и другарски, тогаш промените се можни и подобар свет за сите нас е возможен. Затоа, на крајот ние ќе победиме!

Интервјуто го спровел: Кристијан Димков