Перспективи и дилеми на новата левица

Пишува: Хактан Исмаил ДСП Ленка

Уште во втората половина на минатиот век кога на идејно ниво прашањата околу животот во заедница се поставија во една рамка и критериуми кои беа определени како „научни“, политиката придоби некој современ облик на суеверно верување. Нејзиното интелектуализирање ги исфрли масите од директно учество во политичките процеси, со што економскиот терор и материјалното опустошување на Јавното беа незапирливи. Допирајќи ги границите на издржливоста на масите се создаде идеен вакум во политичката филозофија, ова подоцна се отслика и на практичната јавна политика. Сега, при соочување со економската криза, повеќе од очигледна е безидејноста на common политичките теоретичари (експерти за политика?!) како и постоечките политички субјекти на сцената на јавната политика. Токму сега се насетува можност и се отвара простор за афирмација, како за леви, така и за десни радикални политички опции кои би понудиле нешто во ова големо Ништо на политичката сцена. Сето ова има некаков призвук на неминовност, како да сегашноста придобива историска важност на хегеловски моментум – страста се враќа на политичката сцена, а нели „ништо големо не се случува во историјата без страст“.

Вдахнати од овој дух на историјата, очигледен и се поизвесен е регионалниот тренд на нови политички субјекти кои сериозно претендираат да ги заземаат местата на оние што во последно време постојано се менувале во власта (некои дури и веќе ги заземаа тие позиции, каков што е случајот со СИРИЗА во соседна Грција, на пример). Од овие искуства на политичките превирања во регионов, па и пошироко, една работа е јасна – тоа е дека борбата на левицата секогаш почнува како борба за примат во политичката арена на опозицијата! Не само поради тоа што постои идеен вакум на политичката сцена, туку и затоа што понудената алтернативата не е радиклано различна од постоечката само во економска смисла (социјалистичка), туку и во културолошко-граѓанска. Таа е толку различна што претендира да ги измени границите на јавното и приватното, како и самиот однос помеѓу нив. Додуша, може и да се каже дека во економска смисла, таа и не е толку радиклана сама по себе, туку така се перцепира затоа што владејачката ја нема, или пак, таа е многу површна, безсуштинска и монолитна, без разлика дали доаѓа од партиите на власт или тие што не се на власт, а претендираат да бидат. Имено, борбата за примат во опозицијата е незаобиколива поради тоа што тука „новата“ левица се појавува како критика на целата граѓанска култура и филозофија воопшто. Таа ги предизвикува сите постоечки вистини и, на некој начин, таа ја потценува самата историја – неа ја жртвува во има на иднината! Во една ваква ситуација сè порелевантна е дихотомијата во изборот – социјализам или варварство. Кризата од општи размери е тука, и таа ровари по сè постоечко.

Во сето ова помалку е и забавна сликата на богатите да се гледаат како ја претставуваат модерната цивилизација, како застарена тетка седната на кадифена фотелја на својата империја која го заштитува моралот и ја величи уметноста раздавајќи им поуки за однесувањето на оние „другите“ – безимотните, потиснатите и несигурните. Но, во овие моменти историјата има тенденција коренито да се менува. Безимотни и несигурни од утрата се младите генерации – а тие сакаат да живеат, а богатите од своите свилени и кадифени легла повеќе не се во состојба да ги задоволат нивните потреби и барања со голи фрази. Историјата повеќе не дозволува маневрирање!

 Најголемата дилема на левицата денеска се народните маси кои спонтано и инстиктивно се креваат ширум светот, покажувајки го отворено своето незадоволство но и својата збунетост. Граѓанскиот отпор постои, но тој е дифузен и бесцелен; масите се некако ирационалени во својот бунт, сè се случува како еден вид социјален афект каде бунтовниците единствено знаат што не знаат, но очигледно не им веруваат и на оние кои се на власт. Левицата треба да ја реши оваа дилема и да превземе политичка одговорност со што неправдите и незадоволствата ќе ги артикулира во единствена и сеопфатна политичка платформа и со тоа ќе ги активира сите прогресивни сили на општеството во негово повторно рестартирање. На левицата денеска повеќе не и требаат водачи, туку следбеници кои таа мора самата да ги придобие! Со расчистување не само на неолибералната градба, туку и на онаа класична либерална (оти ние сега се соочуваме со фактот дека и социјалната држава како таква не функционира) се отвара простор за интервенција на левицата каков што во последните неколку децении го немаше. Таа е повторно во позиција да може да фати чекор со општествените движења и да ја организира работничката сила. И јасно е дека на овој пат не постојат пречки, само што битката треба да се издвои во влјанието кај граѓанството за тоа што е кризата и како единствено таа може да се надмине. Таа мора да ги промени структурата, политиката па и културата на масовните движења за да допре до неорганизираните маси и незадоволните граѓани. Како што гласи поговорката, ако не сака брегот кај Мухамед, тогаш Мухамед ќе сака кај брегот.

Преспективите на една радикална македонска левица се следниве:

–  таа, пред сè, треба да го пополни јавниот политички дискурс со антикапиталистички елементи; и не само економска критика туку од иста важност се и политичката, како и културолошката критика на постоечкото;

– таа треба отворено и бескомпромисно, како за почеток, да се залага за поопштествување на клучните индустриски гранки – а пред сè енергетиката;

– менување на политичката практика која на граѓаните гледа како клиенти, туку превземање на акции за одговорност во подигање на едно повисоко културно и интелектуално ниво на граѓанството – сосема различна политичка култура преку ресоцијализација;

–  интернационализирање на проблемите околу нечистиот воздух, комерцијализацијата на водата за пиење, квалитетната храна и слично, кои очигледно е дека не можат да се решат на национално ниво;

–  артикулирање на студентските проблеми кои се веќе алармантни, а освен тоа и студентите, како класа, се најголемиот потенцијал за радиклани промени.

   Новата левица не смее да биде само нов политички субјект, таа не смее да биде под директно влијание од стари политичатри, поранешни како и сегашни функционери и авторитети на опозицијата! Новата левица мора да биде автентична како и нејзините почетоци. Таа мора да гради објект во јавниот простор кој директно ќе влијае на субјектот во секој сегмент па и во неговиот приватен живот. Таа треба да биде образувачка, а не прилагодлива на општото милје. Во тоа е и нејзината алтернативност. Новата левица ќе ја карактеризира не само отпор кон власта, туку и отпор кон општествено-политичкиот режим воопшто и посебно против таа политичка култура на апатија и дифузност која владее со граѓанството.

  После сè, на крај неминовно се поставува прашањето каков би бил односот на моменталната опозиција кон една таква радикално  лева партија која во овој случај, сакале ние или не да го прифатиме тоа, извесно е дека се појавува како директен кандидат за приматот во диктирање на политичкиот дискурс и завземање позиција на прва алтернатива на власта. Тоа не можеме со сигурност да го констатираме, но верувам дека тоа најмногу ќе зависни од поединечните карактери во самата сегашна опозиција и нивната доблест. Но, она што е сигурно е тоа дека таа нова левица не смее да се согласи – дури и во една можна широка коалиција – и понуди повеќе од она што за неа претставува минимален, а за моменталната опозиција максимален компромис.

Последно