Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Го користам називот на политичкиот ТВ магазин повеќе како метафора, отколку како повод за колумна. Со месеци и месеци темата е иста (само варијациите и формулациите се менуваат, а и по некој гостин): дали одиме напред или назад, дали во прогрес или во регрес, дали кон ЕУ или кон нов конфликт? И никој како и да не забележува колку ни е бизарен целиот дискурс. Кај нас нема среден пат – или е хепиенд или катастрофа. Или тукушто не сме влегле во НАТО/ЕУ или само што не припукало. Простете, ама ова наликува на шизофрена (државна) личност. Таква е дебатата и оценките на домашните „експерти“ (меѓу кои и странски државјани кои како премиери ни ја „средија“ земјата, а сега биле zoon politikon; зошто ли ги канат во емисии!?). А богами и надворешните арбитри никако да се одлучат дали да нè третираат како земја со исполнети стандарди за членство/почеток на преговори, или како буре барут и европски безбедносен проблем. Овде веќе не помага ни дијалектика, спој на спротивности или слични ментални и интелектуални акробации.

Нелогично е истовремено да сте земја пред распад и да сте пред портите на НАТО/ЕУ. Не е логично да сте ги исполниле Копенхагенските политички критериуми, а истовремено да сте балканска Белорусија. Не е логично да сте носител на кандидатски статус, а да го откривате Милошевиќ во својот двор. Не е логично истовремено да ви кажуваат дека треба да решите само еден проблем, по што ќе ви се отворат ширум портите, а притоа тој „проблем“ еднаш да е вашето национално/државно име, а друг пат тој проблем да има лично име и презиме (Никола Груевски). Не е логично еднаш да ви кажат дека ако по некое чудо најдете компромисно решение за името, ќе ве пречекаат со ширум отворени прегратки, но штом видат дека е тоа или невозможна мисија или народецов покажува зачудувачки отпор, приказната се менува. Тогаш ви ги вадат од ракав и судските реформи, и слаба администрација и „дежурниот“ џокер на експлозивни меѓуетничките односи. Ах, и корупција ви споменуваат оние кои најбезобразно се обидуваат да корумпираат цела нација, нудејќи материјален надомест за одрекување од името. Сиот овој сплет на контрадикции има логика само во Орвеловата 1984-та. Овде некој не ја кажува вистината, т.е. лаже, а мене ми е доста од приказни за „мали“ нации. Значи, дајте да ги отвориме картите! Или, да се погледнеме в огледало!

Најискрено и најљубезно ја молам ЕУ да одлучи: дали е проблемот во името, неисполнувањето на стандардите, назадување заради пројавен фашизам или нешто друго? Ги замолувам најљубезно да ни го одземат кандидатскиот статус кој и онака ни го доделија незаслужено како морков кој го заработивме заради владиното минирање на референдумот од 2004. Ќе ги сметам за пријатели ако објективно (заради неисполнети критериуми и одредници) ни напишат негативен извештај, но нека не се закануваат со тоа од погрешни причини. Обратно, нивниот збор нема кредибилитет сè додека се „креативни“, па за Македонија измислуваат „нов бенчмарк“ – името! Сакам, не – поточно, инсистирам да ни кажат зошто не сме поблиску до ЕУ. Само така ќе знаеме што треба да сработиме, а и тие ќе си кажат јасно што им е приоритет – дали е тоа каков-таков компромис за името или сакаат Македонија да ја видат како пристојна демократска држава. Секако, со негативниот извештај Брисел ќе мора да проголта горчливо апче, зошто веднаш ќе се наметне прашањето каде им беа очите кога првпат дадоа позитивна препорака? Можно ли е за само шест месеци нивната успешна приказна да стасала до амбисот на нов конфликт, а политичкиот систем да се деформирал во, ни помалку, ни повеќе, туку фашистичка творба?

Она што навистина ни ја навредува интелигенцијата е КИСС принципот (Keep It Simple and Stupid) на кој сме изложени како јавност. Додека т.н. меѓународната заедница (западот) смета дека работите во Македонија ќе „тргнат“ само и само ако се реши проблемот со името, опозицијата покажува со прст на еден човек, т.е. владејачката гарнитура. Ако заедничкиот именител на овие дијагностички зафати е Груевски, тогаш валиден ли е заклучокот дека сè ќе се реши магично со проста смена на власта (во македонскиот етнички дел)? Дури таа и да падне, тоа ќе значи само нејзино поместување во легитимна опозиција и нема да престане да биде силен политички актер. Вака, се чини како да опстојува шизофрената и бизарна коегзистенција на демократска и фашистичката политичка опција. Ако на ова се додадат и не баш бенигните и радикалните опции во албанскиот блок, реално е да се прашаме: по каков пат и каде навистина оди Македонија?

Но, неприродно и смешно е разликувањето кое се форсира со цел цели популации да определат како проевропски (албанската) и антиевропски и фашизоидни (оној дел од македонско мнозинство кое се изјаснува против промена на името). Равенките намерно се поставени тумбе. Нема да се изјаснувам за албанските сограѓани, ама знам едно: оние кои не се за промена на името, не се автоматски поддржувачи на оваа влада. Таа е далеку од сонот на секој вистински демократ, но таа е резултат на сето она што одамна се сееше и жнееше во политичка смисла. Нејзиното етикетирање како фашистичка е на штета на досегашниот каков-таков изоден пат. Ако е точно дека назадуваме, тогаш да заборавиме на името и на интеграциите, туку да почнеме да размислуваме за поургентни и посериозни теми. Такви не сме за никаде. А ако некој си поигрува со споредби за милошевиќевизација за да освои симпатии на Запад и за да дојде на власт, не е голем борец за демократија, туку бескрупулозен актер кој е подготвен да гази по лешот на нашето какво-такво демократско устројство само за да биде капетан на брод што тоне. Македонија не заслужува, и со најлоша влада, да биде споредувана со најцрните страници на српската историја. Ако некој сака овде да гледа тенкови, Газиместани, Сребреници и Вуковари, има сериозен проблем со себе, ама создава и поширок проблем, бидејќи „пека“ да бидеме ставени на црна листа, изолирани или бомбардирани. Ако, пак, ние другите грешиме и сме неспособни да ја видиме опасноста, резултатот е повторно погубен за Македонија. Затоа, додека се тркала ваков дискурс, да не се залажуваме со светла европска иднина и нова зора која ќе светнела со брза промена на името и/или на владата.

Колумната прв пат објавена на 7 јуни 2010