Фејзбук статус на Проф. д-р Дејан Трајковски од Технички факултет Битола

Почитуван г. Премиер,

Ви благодариме на прашањето зошто во изминатите 40 години не била изградена реверзибилната хидроелектрана „Чебрен“, како и за можностa накратко да ги изложиме главните причини зошто токму сега нашата земја треба да инвестира во овој објект на критичната инфраструктура.

1. За наша среќа или несреќа, со потпишувањето на Парискиот договор за ограничување на емисијата на стакленички гасови нашата земја презеде обврска за Зелена транзиција кон обновливи извори на енергија (ОИЕ), којашто треба да заврши до 2030 година. По затворањето на нашите термоелектрани на јаглен со вкупен капацитет од преку 800 MW, најголемо учество во идното генерирање на електрична енергија ќе имаат фотонапонските електрични централи (ФЕЦ), следени од хидроелектраните и ветерните централи.

Со цел да се заштити населението од високите и волатилни цени на енергијата на отворениот пазар, каде би се набавувала и енергијата од домашните приватни електрани, градењето на државни ФЕЦ, хидро и ветерни електрани претставува императив. Цената на електричната енергија од државните електрани би можела и понатаму да остане регулирана и релативно постојана, изведена од инвестициските и други трошоци, цената на капиталот и периодот на експлоатација. Со почетно учество од 15%-20% државата би градела ОИЕ на кредит, при што отплатата би се вршела од приходите од произведената енергија. Со текот на времето би се вратило и почетното учество од државата.

2. Енергијата од ФЕЦ и останатите ОИЕ, од друга страна, е временски непредвидлива. Познато е дека при наоблачување или после стемнување аутпутот (излезната моќност) на овие електрани нагло се намалува, па и сосема исчезнува, поради што е потребно складирање на енергијата произведена преку ден. Освен тоа, наглите варијации на аутпутот предизвикуваат неврамнотеженост (дебаланс) помеѓу производството и потрошувачката на електрична енергија во системот, за што е потребно негово врамнотежување (балансирање).

Токму складирањето и балансирањето претставуваат главни предности на реверзибилните, односно пумпно-акумулационите хидроелектрани, каква што треба да биде предложената ПАХЕ „Чебрен“. ПАХЕ „Чебрен“ всушност треба да има централно место во идниот електроенергетски систем на земјата, базиран на ОИЕ. Доколку државата инвестира во неа, би имале стабилно и предвидливо генерирање, складирање и балансирање – со еден збор независен домашен електроенергетски систем, независен од неизвесноста на пазарот и интересите во партнерството, каде што грчката компанија би била доминантен партнер, а од нашата страна не би зависело ништо.

Се до сега, додека имавме значително производство од домашните термоелектрани на јаглен, складирањето и балансирањето не претставувале важни фактори, поради што и немало голема потреба од изградба на реверзибилна хидроелектрана. Но, светот се менува, се појавува потреба за систем базиран на ОИЕ, така што без ПАХЕ „Чебрен“ новиот систем едноставно не би можел да функционира како единствена целина. Ова би бил првиот и најважен аргумент, несфатен од многумина, зошто досега не се градел ваков вид на електрани, а зошто во иднина нема да можеме без нив. Што се однесува до самата физичка изградба, македонската градежна оператива веќе докажала во минатото дека е способна за изградба на хидроцентрали, а државата може да формира и јавно претпријатие за изградба на новата електрана, иако останува можноста за ангажирање на странски изведувач, независно од домашното инвестирање.

3. Една од причините зошто проектот досега не бил економски физибилен била ниската цена на електричната енергија, со којашто биле вршени финансиските анализи. Но, во последните 5 години цената на електричната енергија пораснала од околу 40 евра/MWh на преку 100 евра/MWh. Всушност, цената по која што ПАХЕ „Чебрен“ ќе ја продава својата енергија од протокот на Црна Река ќе биде уште повисока, бидејќи како и кај сите хидроелектрани – благодарение на акумулацијата на водата – ќе може да се продава по врвна цена (peak price), којашто во текот на годината изнесува просечно околу 150 евра/MWh.

Според тоа, сите пресметки на профитабилноста многу се менуваат, па поранешните студии, иако изработени од реномирани странски консултантски компании веќе се застарени и невалидни.

Освен приходите од генерираната енергија од протокот на реката, многу поголеми ќе бидат приходите од складирање, а особено од балансирање, особено ако ПАХЕ „Чебрен“ тоа го прави за отворениот пазар. Цената на складирањето со реверзибилни електрани е моментално двојно пониска од цената на складирање со литиум-јонски батерии, без проблемите што ги носи рециклирањето на старите батерии. Бидејќи ПАХЕ „Чебрен“ би била исплатлива (иако минимално) само од производството на енергија од реката, трошоците за складирање изведени од инвестицијата се блиску до нула, така што при цена на складирање од 50 евра/MWh, колку што изнесуваат само трошоците кај батериите, реверзибилната електрана би остварувала значителен профит, за што имаме соодветни пресметки.

Сосема накратко, доколку домашната ПАХЕ „Чебрен“ продава на отворен пазар, нето сегашната вредност (NPV) на проектот за 60 години експлоатација би изнесувала 2,5 милијарди денешни евра, при индекс на профитабилност од 20,1 во однос на почетното учество во проектот од 20% од инвестициските трошоци, а модифицираната внатрешна стапка на принос (MIRR) би изнесувала 4,97%.

Доколку сте заинтересирани, со задоволство би ги презентирале пред Вас, како професор по екононија и пред Владата сите финансиски анализи и би докажале дека проектот е економски физибилен, дури и при цитираната цена од една милијарда евра, вклучувајќи ги каматите.

4. Наспроти случајот на самостојна изградба, во случај на партнерство заложувањето на ХЕ „Тиквеш“ на 60 години само на грчката страна би и носела 2/3 од 1093 милиони денешни евра, но на нашата држава тоа би и носело исто толкава директна загуба поради нереализирана добивка. На тој начин, нето сегашната вредност за сите 60 години, нето од приходите на ХЕ „Тиквеш“, би изнесувала одвај 251 милион денешни евра, односно точно 10 пати помалку од случајот на сопствено инвестирање.

Освен тоа, со заложувањето на ХЕ „Тиквеш“ ние би губеле (според податоците на ЕСМ) до 150 GWh/год., а би добиле само 130 GWh/год. (50 GWh/год. од ХЕ „Тиквеш“ и 80 GWh/год. од ПАХЕ „Чебрен“, односно 1/3 од нејзиното производство од протокот). Би добиле и околу 250 GWh/год. складирање, но тоа не е примарна енергија, односно не би ја добиле доколку неа прво не ја проиведеме со ФЕЦ или други ОИЕ. Со еден збор, партнерството на грчката компанија ќе и донесе огромни добивки веднаш по отплатата околу 17-тата година од проектот, додека ние би биле во загуба цели 40 години поради загубите од нерелаизираната добивка од ХЕ „Тиквеш“. Грците би профитирале уште многу години после 17-тата година, а ние би профитирале минимално и тоа само после 40-тата година од партнерството. Накратко кажано, заложувањето на ХЕ „Тиквеш“ е причината за нашата непрофитабилност и мора да се избегне по секаква цена.

Доколку нашето учество во изградбата треба да го платиме со енергијата од ХЕ „Тиквеш“, тогаш по отплатата околу 17-тата година ние би биле рамноправни партнери и би требало да си ја вратиме ХЕ „Тиквеш“ назад. Недопустиво е Грците незаслужено да профитираат од неа уште 50 години, а ние да трупаме загуби. Да не зборуваме за нашето учество со изградбата на пристапен пат, трафо станица и експропријација, што дополнително ќе го забрза нашето израмнување во партнерството.

Најлошото е што наместо да ги имаме сите 750 GWh/год. за складирање, би имале само 250 GWh/год., а со примарната енергија од протокот би биле во минус, и тоа 20 GWh/год. Тоа дури ни одмогнува во Зелена транзиција, односно само попусто би ја изгубиле Црна Река.

Но, тоа не е се. Грчкиот партнер ќе има право да инсталира и турбоагрегати за производство на електрична енергија од акумулацијата Орлов Камен, што ќе им донесе 2/3 од околу 75 GWh/год., колку што ќе изнесува производството од оваа хидроцентрала (половина од годишното производство на ХЕ „Тиквеш“). За 60 години тоа би им донело уште нови 300 милиони денешни евра. Зошто тој приход да не го искористи државниот ЕСМ, со минимално дополнително вложување за агрегат од само 12-20 MW?

5. Тука накратко ги изнесовме само електроенергетските и финансиските аспекти на проектот, додека слични анализи можеме да изнесеме и за градежните, економските, водостопанските, метеоролошките, климатолошките, земјоделските, одбранбено-воените и археолошките аспекти. Од сите аспекти партнерството е неповолно за државните интереси, поради што би сакале уште еднаш да Ве замолиме, со својот авторитет и функција на прв меѓу еднаквите во Владата да не дозволите склучување на предложеното партнерство со грчката компанија за ПАХЕ „Чебрен“.

Истовремено би сакале да ја поддржиме Владата порешително да инвестира и гради државни капацитети за ОИЕ од 1.700 MW, бидејќи приватните ФЕЦ не можат да им донесат голема економска корист на нашите граѓани, освен ако државата со нив не склучи договор за откуп на целото производство по минимална загарантирана цена (LCOE – Levelized Cost of Electricity). Паралелно да се започне со инвестирање и изградба на две реверзибилни хидролектрани со капацитет за складирање од најмалку 1.400 GWh/год., односно два пати колку ПАХЕ „Чебрен“.

Повеќе за тоа што губиме доколку самите не ја градиме ПАХЕ „Чебрен“ може да се прочита на следните линкови: https://emiter.com.mk/vesti/20767 и https://emiter.com.mk/vesti/20750 .

Со надеж дека ќе ги разгледате нашите најдобронамерни аргументи, при што стоиме на располагање со дополнителни анализи и аргументи, користиме прилика срдечно да Ве поздравиме.

16.12.2023. год.

проф. Дејан Трајковски од Технички факултет Битола и група инженери