Пишува: Давид Бошковски

Каде исчезна борбениот дух на младината?

Младината отсекогаш била двигател на промените, одлучувачка сила во општествените револуции низ историјата. Но, денешните генерации, за разлика од младите кои со жар и посветеност го менуваа текот на историјата, сè повеќе се повлекуваат во удобноста на дигиталниот свет. Дали сме сведоци на губење на тој револуционерен дух или само еволуција на активизмот?

Особено денес, на 1 јануари 2025 година, 66 години по крајот на револуцијата во Куба, каде што младината беше симбол на енергија, храброст и идеали. Непоколебливи, со голема верба во подобар живот и правда, тие го напуштаа својот комфор и ризикуваа сè за слободата и правдата. Револуцијата не е само чин на борба, туку обврска кон идните генерации. Таа посветеност беше резултат на чувството на одговорност и заеднички идеали кои ги надминуваа индивидуалните потреби.

Денешната младина, иако живее во сосема поинаков свет, често се перципира како пасивна. Социјалните проблеми и економските предизвици бараат активна ангажираност, но таа е заменета со виртуална поддршка и краткотрајни трендови на социјалните мрежи. Прашањето е дали овој недостаток на револуционерен дух е последица на удобноста и индивидуализмот што ги нуди модерното време или недостаток на водство и инспирација што ќе ја разбуди вистинската сила што лежи во младината.

Во чест на предводникот на револуцијата во Куба, еден цитат од Фидел Кастро кој се обратил на младината со следниве зборови:
“Младината е моторот на револуцијата. Во нивната енергија, идеализам и желба за правда, ја гледаме иднината на нашата земја.”

Денешната младина мора да ја разбере оваа порака – промените не доаѓаат сами по себе. Промените бараат храброст, посветеност и активност од страна на младите, бидејќи само младите со својата визија и потенцијал може да го кренат народот кон создавање на еден похуман, поправеден и поубав свет. Време е да се разбуди тој револуционерен дух во младината и да го заземе своето место што природно ѝ припаѓа во општеството – на чело на промените.