Ноемвриските тези – за илузиите на ревизионистите и реформаторите

Критиката на политиките кои заговараат еднаквост и правичност, покрај другите, има и една исклучително важна карактеристика, а тоа е демаскирање на популистиките намери на оние кои тие политики ги обелоденуваат. Во насока на критичкиот пристап кон сето она што не опкружува, па и кон самите себе, односно самокритиката, еве еден аргументиран текст во врска со програмата 1:12 која беше ставена на референдумско прашање во Швајцарија и имаше за цел намалување на класната раслоеност и подобрување на правичната распределба на капиталот. 

Неуспехот на швајцарскиот референдум популарно наречен 1:12, за ограничување на платите на извршните директори во Швајцарија, како една од мерките на реформаторите (во овој случај швајцарските социјалисти), за намалување на социо-економскиот јаз и неправедната распределба на богатството, неизбежно со себе повлекува неколку заклучоци, кои уште претходно се наѕираа од неуспесите на претходни слични предложени реформи:

1. Неспособноста на демократските институции, дури и оние на непосредната демократија (како што е референдумот) да бидат носители и средство на реформаторите кон поегалитарно и поправедно општество, кое се разликува и е алтернатива на денешниот капитализам. Погледнете само како 65 % од оние кои излегоа на гласање, гласаа ПРОТИВ самите себеси т.е. против правилото за во една компанија да не може да се зголемуваат платите на директорите, доколку пропорционално не се зголемат и платите на останатите работници во сооднос 1:12; 

2. Стана повеќе од јасно дека идејата на социјал-демократите и демократските социјалисти, и останатите опортунисти кои сметаат дека можна е коренита промена на капиталистичките односи по пат на реформи и низ каналите на демократските институции, е чиста илузија и невозможна мисија; 

3. Постои еден парадокс кои ревизионистите како Бернштајн, Кауцки и останатите го превидоа. Тоа е моментот кога мнозинството гласа во полза на бенефитот на 1%, а не за подобрување на сопствената позиција. Дали огромната медиумска пропаганда и имплицитно заплашување, или пак можеби длабоко вкоренатиот компетитивен дух и гаењето на илузијата дека секој може да го постигне „врвот” и да зема плати кои се 260 пати поголеми од оние на останатите работници во истата компанија, се причината за тоа, не е целосно сигурно; 

4. „Капитализмот со човечко лице”, идеја која беше обострано прифатена од конзервативците и од социјал-демократите е само илузија и обид да се отргне фокусот од длабоки и суштински промени и решавање на проблемите кои земаат се поголем замав, особено во Европа, како што се огромната невработеност, сиромаштијата и се поголемо класно раслојување; 

5. Дебатите за абортусот, хомосексуалните бракови, еутаназијата, правата на животните, еколошките проблеми и сл. се само обид за отргнување на фокусот од дебатата за вистинските прашања и проблеми како што се:

а) Крајно нерамномерната распределба на богатството, која во никој случај не ги отсликува разликите во способностите на луѓето, туку е често резултат на среќа и останати фактори кои ги диктира пазарот;

б) Огромната растечка невработеност, особено помеѓу младите. Бројките во Шпанија, Португалија, Грција, Италија и во Југоисточна Европа се застрашувачки, повеќе од 50% млади се невработени;

в) Намалување на вредноста на слободата (во капиталистичко општество, слободата има реална вредност само доколку имаш финансиски средства да можеш да уживаш во неа. Ако немаш, тогаш таа за тебе е само илузија и нема никаква вредност);

г) Небезбедноста, зголемената агресивност, насилства и психолошки растројства кои се резултат на зголемената нееднаквост и начинот на живот лишен од значење; 

6. Демо-христијанската (конзервативната) идеологија е во длабок внатрешен конфликт, којшто се обидува да се занемари или заобиколи внатре во конзервативните партии. Така од една страна вредностите како семејство, солидарност, взаемно помагање, сочувство и соработка се во директен судир со пазарните вредности на компетитивност, натпревар, алчност и себичност. Некои обиди за надминување, како на пример од страна на CDU и CSU во Германија, се само фасада и илузија дека е решен тој конфликт. Во најголема мера, поставувањето на тоа прашање е само по себе страшно и е занемарено од сите десничарски партии; 

7. Потребна е одржлива политичка програма која ќе нуди реална алтернатива на капиталистичкото општество, но ќе ги надмине проблемите и замките на комунизмот, кој целосно се изопачи, особено во Северна Кореја, и донесе тоталитаризам од најлош вид, каде целосно беше укината слободата во секој нејзин аспект;

8. Таква искрена и автентична политичка програма и алтернатива не можеме да очекуваме од професорите и од „експертите” (економисти), кои еден дел се во функција на големиот капитал, а друг дел е потонат во комфорот, удобната позиција и во безначајните дебати кои ги спомнав претходно. Прочитајте ги само книгите на Фридман, Хаек или Мизес, најголемите проповедници на неолиберализмот. Таму на еден умешен начин сите нивни аргументи и ставови се затскриени зад барањето на поголема слобода. Но каква е таа слобода, која нема вредност? „Демократијата и капитализмот”, велат тие, „одат рака под рака”. Епа видете ја Кина денес господа. „Пазарната слобода е предуслов за политичка слобода”, пишува на едно друго место. Да но можеби за 1% од најбогатите, кои ги спонзорираат политичките кампањи; 

9. И за крај заклучокот кој неминовно произлегува од претходните точки е она што најмногу ме плаши. Така неможноста системот да се смени по мирен пат и по пат на реформи и постепена ревизија, неизбежно имплицира на заклучокот дека само по насилен и револуционерен пат тие коренити промени се можни. До тогаш ќе живееме во постојана криза, со постојан вештачки недостиг на ресурси, зголемување на невработеноста, на сиромаштијата и на класните разлики. Се разбира, ќе постојат обиди од добронамерниците, како некои партии и лидери, да го ублажат сето тоа, но тоа ќе биде само ставање на вистинските проблемите под тепих. А знаеме што се случува кога премногу проблеми ќе се соберат под „тепих”.

Автор на текстот: Благој Гелевски

Последно