Пишува: Портпаролот на Левица и ново избран пратеник во собранието на Република Македонија од редовите на политичката партија Левица, Амар Мециновиќ
На крајот на мојот мандат како член на Советот на Град Скопје, кој го извршував од крајот на февруари 2022 година до крајот на мај 2024 година, констатацијата е дека:
Во мандатот како најголем проблем кој не се реши, туку дополнително се продлабочи, несомнено е јавниот превоз. Со години Советот ја блокира набавката на нови автобуси и остана да тлее проблемот со приватните превозници кои ги нема во другите главни градови во регионот и на континентот. Состојбатa во ЈСП е очајна и работниците во ова претпријатие неколку пати беа предмет на манипулации и притисоци. Иако во ЈСП е најизразено доцнењето на платите, во другите ЈП многупати останува неактуелизирано поради помалиот број на работници во споредба со градскиот превоз.
Главниот град ќе продолжи да се гуши веднаш чим се спуштат температурите. Исцртани се контурите за кој е најголем загадувач на котлината и одговорот е УСЈЕ – покрај пакетот мерки кои во Советот беа изгласани за намалување на загадувањето, како и вонредниот инспекциски надзор на овој капацитет, ниту едното, ниту второто беа реализирани на терен.
Генералниот урбанистички план не беше донесен, ниту ќе се донесе иако временската рамка е одамна зрела и така урбанистичкиот хаос во догледно време само ќе се зголемува – од станбените и деловените простори, се до патната инфраструктура и јавните површини.
Градот има изразено несразмерно развивање, па така нема да има ни решение за социјалната и инфраструктурната девалвација на населбите во општините Шуто Оризари, Чаир, Гази Баба, Ѓорче Петров и други.
Гасификацијата на институциите е повеќе од нужна, бидејќи речиси сите градски институции се во бездна преку набавките на гориво кои создаваат милионски долгови – мерка која дополнително би придонела до намалување на аерозагадувањето.
Во сите претпријатија, што не е само случај во градот, огромен дел од вработените го засноваат својот работен однос преку договори на определено време – прво, така ги вработуваат за да можат да бидат притиснати кога треба и второ, за кога некоја друга структира нема да ги продолжи договорите да се кука за нивното отпуштање за политички поени – ние во текот на мандатот постојано посочувавме за потреба од прекинување на оваа пракса.
Дискотеките без лиценци не само што продолжија да работат, туку никнаа и нови повторно во близина на зоолошката градина – на местото предвидено за Луна паркот кој ни во овој мандат нема да биде изграден – и ако го земеме во пакет со предавањето на ингеренциите за реконструкција на Универзалната сала, заклучокот е дека ништо од вистинско значење нема да биде направено во рок од 4 години.
Ова е град кој наместо да ги крепи сопствените капацитети, напротив, тој го оневозможува работењето на сопствените претпријатија, па така наместо градскиот паркинг да биде во целосна контрола на паркинзите, постојано се издаваат дозволи на приватници да ја нудат оваа услуга. Во спротивна екстрема, иако ЈП Водовод и канализации настапува како монопол на пазарот сепак е во загуба. Е ај сеа.
Европската престолнина на културата за 2028 – Скопје, не ја збогатува културната понуда, ниту се има јасен увид во реализацијата на средствата предвидени во буџетските ставки поврзани со ова.
За сите горенаведени работи советничката група на Левица во Советот постојано посочуваше за недостатоците и нудеше решенија согласно јавниот интерес. Борбата ќе продолжи без мене и Реџеп Исмаил, но на Катерина Јовановска ќе и се придружат двајца нови советници за периодот до есента 2025 година. На следните избори треба мудро да се одлучи и да не им се даде нов мандат на ДПМНЕ кои имаат сегашен градоначалник и на СДС кои го имаа претходниот, и така наназад во низа.