(Колумна од 2013 година)
Во нашата ни мала, но за жал, само географски и природно прекрасна земја, политиката и политичките односи се во експанзија, се разбира и формално правно, уште од осамостојувањето и воведувањето на партискиот „бипартизам“ како прагматична субверзија на теоретско-политичкиот плурализам. Политиката, онаа парламентарната, е поделена на две страни, лева и десна. Тие две политички влијанија се толку многу „симпатични“, што можат невозможното да го направат возможно. Но, да одиме по ред.
Црвените, се оние од власта, а сините се оние од опозицијата – кутрите, па и боите ги помешале, затоа што црвената боја е карактеристична за партиите од левиот политички блок, а сината е карактеристична за останатите партии меѓу кои и политичките субјекти од десницата, барем по некој традиционален тек на нештата. Првите се толку моќни што го сторија она невозможното, кое го зачнав погоре, а тоа е: историзација на иднината, изградба на град во град, „хунзицирање“ на нашето потекло, поделба на својот народ на вакви и онакви, партизација на секој сегмент од државата (дури и дете од јасли да прашате, ќе ви потврди дека е партиски определено) и многу други чудесии…
Оние пак вторите, се во моментов ‘жртвите’ на сегашната политичка состојба, но во минатото… Како левичари, едни од основните политички вредности им се: Заштита на јавното пред приватното, борба за социјална правда, унапредување на работничките права и конструирање на држава на благосостојба или како што милуваа да кажат – Македонија како Швајцарија на Балканот. Наспроти тоа, тие го приватизираа јавното, ја поттикнаа социјалната неправда, ги поставија рамките на неолиберализмот, и’ пресудија на работничката класа и го удрија темелот на државата на ‘бедосостојба’ или Македонија ја конструираа во ‘Уганда’ на Балканот.
Арно ама за среќа, тука постои едно контра, независно политичко влијание, кое се појавува во својство на баласт на непрекинатото политичкото лебдење на претходниве, и не знам зошто, но се именува како Синдикат. Но, наместо контра, тоа е про-власта, и наместо независен сервис на народот и работниците, Синдикатот е зависен сервил (покорен слуга) на власта, сопствениците и капиталот.
Негова репрезентативна боја е жолтата, затоа што толку е корумпиран што бојата го избра синдикатот, а не обратно, како што беше случај погоре со левите и десните. Дојде и најтажниот дел од текстот (приказната наречена живот), за реален опис на себе, тебе, вас и нас.
Ние, народот сме сивата боја во приказнава – онаа најнеубавата, најбезбојната (бојата на празнотијата и неутралноста, во смисла индиферентност и пасивност), и сме сведоци на сите „добра“ што по хронолошки редослед ни’ ги приготвуваа поубавите бои од приказнава, сведоци сме на македонското сивило далеку од емпатија, апатично гледајќи, немоќно и афирмативно прифаќајќи ги политичките потези на „симпатичните“, на оние на кои им го даваме, или оние кои ни го земаат легитимитетот за да не’ водат.
Виновникот е тој што не можеме да го видиме (и посочиме), но добро го чувствуваме на своја кожа, тој е оној што се крие зад корозивниот политички систем, зад власта, моќта и парите. Убиецот на нашето време е и убиецот на нашата генерација. Тој е капитализмот, кому уште долго време нема да можеме да му пресудиме и за жал тој ќе не надживее. Тој е корозијата присутна во целата државна машина и хронична болест на нашето нездраво општество.
Kапитализмот е палетата на која удобно лежат сите бои, со која се исцртува целата слика, тој е мотивот за структуирање и дефинирање на боите на убави и грди, причината за моето метафорично изразување и за врежаното сивило во душата.
Капиталот е пак сликарот, авторот на ова апстрактно дело, мутант со човечки налик, крајно нехуман далтонист, кој ја перцепира само бојата на парите…
Тоа е извитопереното наше виножито, шарената македонска слика, каде полза имаат само поубавите бои од оваа политичка ликовна уметност, кои се драстично помалку застапени од сивата. Сивилото е толку сиво што ја обзема, скоро целата слика и за жал бојата станува се’ посива и посива…
Народе, крајно време е да се разбудиме од овој длабок и сив сон затоа што… Црно ни се пишува.
Пишува: Данило Апостолски, активист на Движењето за социјална правда – ЛЕНКА
Преземено од: Радио слободна европа