Пишува: Проф. д-р Билјана Ванковска
Велат дека на оној што чесно признава, половина му се простува. Можеби затоа и јавно го признавам поразот на една доблесна идеја, се соочувам со сопствената наивност. па преземам и дел од одговорноста за тоа што со формирањето на Граѓанското движење на Македонија разбудивме надеж дека нешто може да го разбранува нашиов жабурник.
Станува збор за граѓанската идеја… зошто, жално но вистинито, во Македонија може да се зборува само за идеја на граѓанство. Кога низ акција се зафатив со претворањето на идејата во практика, мнозина ме нарекуваа идеалист (ај, да бидам сосема искрена, мнозина мислеа дека или сум политички наивна или дека добро глумам). Според нив, ако професорски си се држев само до идејата, ќе си бев реалист. Вака, јас и една група на луѓе со срце и доблест одлучивме да сториме нешто, верувајќи дека „проблемите не можат да се решат од страна на скептици и циници чии хоризонти се лимитирани со очебијната реалност. Нам ни требаат луѓе кои умеат да сонуваат за нешта што никогаш не се случиле” (Кенеди). Нашата цел беше ограничена на Републиката, меѓутоа неограничена од грубата реалност, туку напротив – инспирирана од неа. Надежта требаше да се роди во темнината, да просветли, макар како светулка, и да остави трага, макар во меморијата.
Беше чесно и помалку кукавички да се тргне во нешто Донкихотско, отколку да не се направи ни обид нешто да се промени. Барем тоа беше мисла-водилка… Никој не очекуваше потфатот да биде лесен. Пречки на секој чекор: некој ве дочекува на нож или со потсмев, друг со малициозност, трет – со воодушевување, ама и со страв јавно да застане тогаш кога најмногу ви треба поддршка и заедничка работа.
Имаше толкувања дека граѓанската иницијатива, преточена во здружение, е не само демоде, туку е и назадна идеја. Имаше и јавно распнување на крст пред ТВ камери, во интервју во кое водителот стори се да докаже дека сум лицемер, искорумпирана – или будала!
Сепак. требаше да се одработи зацртаното, бидејќи ништо не успева како успехот. Надежта (која, без сомнение, успеавме да ја разбудиме до невидени раз- мери во извонредно кратко време) станува стварност само тогаш кога луѓето работат заедно.
Како што не ми беше срам да кажам дека верувам во принципи, идеали, па и во капацитетот на македонското граѓанство, денес нема да ја избегнам одговорноста кон оние кои веруваа во нас и во она што го претставуваме. Признавам дека не успеавме, или барем јас не успеав во она што го започнав… Неуспехот на првата заедничка (и многу значајна) акција, онаа во врска со реферндумот, во која ризикувавме да не наречат – и се уште не нарекуваат – хистерични етнонационалисти, не беше пресуден. Многу поболно беше сознанието во својата средина да почувствувате дека сте сами, или сте на фронтната линија – а зад вас, како што би рекле во соседството, „сви јунаци ником поникоше”!
Всушност, стана збор за пројавување на лични амбиции, противречни ориентации и толкувања на заедничката цел. На крајот, гледате дека нечиј личен интерес, протолкуван како лична слобода и право на избор (да се биде вицепремиер или не), води и кон лево, и кон десно, па малку и кон кокетирачки центар (демек, се нудам и ваму и таму, па кој ќе ме бендиса ќе му ја дадам лојалноста – политичката, секако). За на крајот да не остане ни “Г” од граѓанството…
Со длабоко жалење констатирам дека надежта, која така лекомислено ја разбудивме, била само ефтин лек за сите наталожени маки и фрустрации… А од ефтин лек, нема друго фајде. освен самосугестијата („сваког дана у сваком погледу, све више и више напредујем…”)– Кругот се затвори: наспроти изреката дека идеалистот е циник во настанување, јас се оби- дов обратно циникот во мене да го претворам во идеалист. Поточно на идеалистот во мене да му дозволам да земе крила… Сега е време да признаам дека во мене ќе опстојуваат, веројатно додека сум жива, и циникот и идеалистот. но во ликот на еден индивидуалец, кој во идинина ќе биде повнимателен кога ќе станува збор за проекти кои ќе го изменат светот, оној нашиот, македонски. секако…
Колумната прв пат објавена во весникот Дневник, 2005 година.