Пишува: Кристијан Димков
Изминатите изборни циклуси во Македонија покажале дека етнонационалистичката и етнотрибалистичката реторика која е постојан лајтмотив во политичкиот дискурс го достигнува својот зенит за време на „изборната сезона“, каде играјќи на националистичка реторика партиите се борат за „некој глас плус“ на изборниот ден. А бидејќи се наоѓаме во едно, релативно неизвесно предизборие евидентно е дека овие пораки од страна на одредени политички субјекти само ќе се зголемува, но прашањето е, што точно претставува етничката мобилизација и како таа да ја надминеме како екстремно негативна појава на политичката сцена во Македонија
Според американскиот социолог Тед Гур етнонационалистите се: „Релативно големи и регионално концетрирано етнички групи кои живеат во границите на една држава или повеќе соседни држави чии модерни политички движења се насочени кон остварување поголема автономија или независна (сојузна) држава“.Односно дека „овите групи се организирани, имаат свое водство и зафаќаат значителна територија, која честопати е вклучена во рамките на различни држави“.
Ваквото дефинирање на етнонационализмот како форма на етномобилизација соодветствува со повеќегодишната агенда на политичките партии од албанскиот блок (за жал се уште мораме да правиме поделба помеѓу македонски и албански блок на политички партии) за стремење кон отцепување од Македонија и креирање на нова држава, т.н Голема Албанија.
Голема Албанија претставува политички концепт кој има за цел да ги обедини сите етнички Албанци и територии каде што тие живеат, или наводно некогаш живееле, во еден ентитет. Клучниот, современ документ за реализација на проектот Голема Албанија е “Платформата за решавање на Албанското национално прашање“ на Албанската акадмија на науките, кој за прв пат е јавно објавен во октомври 1998 година, овој документ е попознат како „Тиранска платформа“
Оваа брошура тврди дека Албанците поделени во пет балкански држави и мора да се стремат да живеат заедно, во една држава како завршување на тој етнички и политички процес. Тргнувајќи од тезата дека „една нација треба да има една држава“, во Платформата се наведува дека по Втората светска војна, „со цел да го разбијат територијалното единство на Албанците и да ja ослабат силата на нивниот политички отпор, титоистичките раководители ги поделија просторите на историско Косово на три дела – меѓу републиките Србија, Македонија и Црна Гора“, па „Република Македонија го анектира јужниот дел на историското Косово (окрузите Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Куманово), заедно со окрузите Дебар и Струга“.
Оваа брошура предизвика официјална реакција и жестока осуда од страна на Македонската академија на науките и уметностите со поднаслов „апел за мир“
Историски „Голема Албанија“ постоела единствено помеѓу 1941 и 1945 година, за време на фашистичката окупација, кога Италија извршила анекс на Косово и Метохија, северозападна Македонија и делови на Црна Гора кои ги приклучиле под власт на Тирана, со указ од 12 август 1941 година.
Од Албанците се формирани единици како помошна полиција (балисти). Од Албанците Италијанците и Германците се формираат албански квислиншки формации: Бали Комбетар, дивизија СС Скендербег и Реджимент Косово. Ова е наведено во платформата како многу позитивна работа, односно да цитирам „На владата во Тирана и беа дадени на администрирање и регионите на Дебар, Кичево и Струга“. Зарем тоа е „етничка Албанија“? Ова со право е остро осудено во одговорот на МАНУ како скандалозно,бидејќи во ослободувањето на западна Македонија покрај многу македонски партизани, загинале и албански.
За жал апелот за мир на МАНУ не вроди со плод ниту на територијата на Република Македонија, бидејќи само две години по неговото објавување, избувна етнички конфликт.
Етнонационалистички политички партии во Македонија и во странство
Низ годините после распадот на (оваа верзија) од социјалистичкиот блок се имаат појавено многу крајно десничарски, профашистички политички партии, но ниту една толку опасна, не само по својата идеологија туку и самата стабилност на балканот како косовското „Самоопределување“. Движење кое директно учествува во загрозувањето на унитарноста на Република Македонија во колаборација со политичари во Македонија, етничко-македонските колаборационисти и етничко-албанските фашисти.
Во 2004, на Косово беше формирано движењето “Самоопределување”, како „лево ориентирано“ движење кое работи за сувереност и е едно од движењата кое се залага да се формира референдум за унија со Албанија, како дел од „правото на самоопределување“. Движењето “Самоопределување” чие гласачко тело и поддршка бележи континуиран раст во Косово а и очигледно и во Македонија. Имено „Самоопределување“ освои 12.66% гласови во гласачкиот процес во 2010, 13.59% во 2014, 27.49% во 2017 година, 26.27% во 2019 година и неверојатни 50.28% во 2021 година, а официјално е најавено дека претставници од движењето „Самоопределување“ ќе учествуваат на овогодишните избори во Македонија, на листите за пратеници на „Европскиот Сојуз“ формиран од движењето БЕСА на Билал Касами, Демократското движење на Изет Меџити и Алтернатива на Африм Гаши (и сега Таравари со Алијанса), односно да цитирам:
„Од денеска Европскиот Сојуз се состои од четири политички партии, сега значи во овие четири е и „Самоопределување“, програмата ја работиме заедно, кампањата ќе биде заедничка и ќе бидат дел од парламентарните листи, значи ќе има членови и претставници од „Самоопределување“ изјави Изет Меџити.
Мораме да напоменеме дека учеството на косовското „Самоопределување“ на избори во Македонија преку свои претставници, иако е максимално загрозувачки за унитарноста и суверенитетот на Републиката е законски, бидејќи не е забранета активна политичка партиципација за лица со двојно државјанство.
Секој од овие политичари изобилува со иредентистички изјави и дела, односно на пример по повод денот на албанското знаме, на 28 ноември Билал Касами изјави: „Почитувани присутни, драги сопатници Изет, Африм, почитувани медиуми… Почитувани пратеници, градоначалници и вие почитувани активисти…денес овде во Тетово нека се обединат Косово и Македонија, да го направат Косово втора албанска држава и после Косово, зошто да не, и Македонија…“
Секако, покрај многубројните изјави од ваков тип на речиси секој партиски настан организиран од „Европскиот сојуз“ изобилува со големо-албанска симболика (карти, знамиња и сл).
Ваквата политичка реторика да останеше во рамките на една партиска коалиција би била една работа, но за жал е присутна во секојдневниот дискурс и на останатите етничко-албански политички партии, имено претседателот на ДУИ, Али Ахмети само пред неколку месеца се поклони пред карта на „Голема Албанија“ и положи свежо цвеќе за паднатите борци во нелегалниот музеј на УЧК во Куманово.
Скендер Реџепи, пратеник во македонското Собрание кој излезе од Алтернатива на Африм Гаши, во однос на измените на уставот на Републиката и (не)внесувањето на бугарското малцинство изјави: „Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини“.
Но вакви примери на сецесионизам и иредентизам има безброј, прашањето е: Што понатаму?
Македонците и Албанците: АСНОМски браќа
Според предходно споменатиот социолог Тед Гур „Колективното дејствуање е обликувано од политичкиот контекст во кој што е поставена етничката група, додека пак типот и степенот на типот и степенот на политичкиот конфликт се одредени од голем број фактори: Групната кохезија, етнополитичкото водство, политичката средина, жестокоста на силата употребена од владата и надворешното поттикнување“
Односно, во конкретнава ситуација за да имаме било каква надеж за во Македонија во блиска (или било каква) иднина да постои соживот и љубов помеѓу македонскиот и албанскиот народ потребни се драстични општествени промени. Имено потребно е македонците со албанска етничка припадност (од кои повеќето воопшто не ни гласаат на избори, од разбирливи причини) да ги отфрлат сецесионистичките лидери на досегашните политички партии и да се организираат во партија која ќе биде основана врз позитивното заедничко минато помеѓу албанскиот и македонскиот народ а тоа се АСНОМските темели.
Во своето краток но одличен напис „Нашата бригада и братството со албанскиот народ“ партизанот Илија М. Топалоски многу живописно ја опишува заедничката борба што ја воделе македонскиот и албанскиот народ против фашистичката окупација на албанските балисти, да цитирам
„Стануе јасно да сите тија шовинистички пароли, пуштани от големоалбанската реакција, а по налог на Гестапо, денес во епохата на Н. О. војна на нашите два братски народи, како нестварни и противнародни ке бидат презрени и отфрлени. Во срцето на секој чесен Македонец и Албанец постоји едно вистинско разбирање, да е братството и борбеното единство едини пат и начин за нашето национално и социјално ослободуење.“ и дека „Со овие удари (на Првата Македонска Ударна Бригада) против окупаторот и против големо-албанската реакција, нашата Бригада даде вистински и голем допринос на братството меѓу албанскиот и македонскиот народ.“
Ова братство согласно официјалните документи на КПА (Комунистичката партија на Албанија) дефинитивно било обострано, односно да цитирам дел од соопштение на КПА кое вели:
„Народе на Тирана, на својата земја си ги видел обесени од фашистичките џелати твоите почитувани синови: Шукри Ишма, Амид Шијак, Ферит Џајо и Никола Тупе; на својата земја си видел како се убиени како лавови војувајќи за слободата на Татковината: Ќемал Стафа, Војо Куши, Садек Ставелци, Џорџ Мартини, Мисто Мане, Михал Дури и други; на твојата земја сега гледаш обесени, исто така од крвавите раце на фашистичките колачи, шест деца од македонски мајки, кои војуваа, исто така како твоите синови, со иста душа на самопрегор и жртви против фашистичкиот окупатор и против предавниците, а за слобода на својата Татковина.“
Од сево ова можеме да заклучиме дека избегнувањето на потенцијален нов етнички конфликт, или ако сакате преминување од „негативен мир“ во која состојба се наоѓа сегашното македонско општество и вистинскиот соживот помеѓу македонците и албанците (како и секако останатите етнички заедници во Македонија) не се наоѓа во насилната позитивна дискриминација форсирана од албанските националисти, ниту пак во навидум (обострано) посакуваната сеграгација.
Сите овие политики за „соживот“ претставуваат резултат на политиката водена од страна на клептоманските политички елити, политика која единствено оди во нивна полза, додека и македонците и албанците тонат во сиромаштија, и им се продава (и за жал добар дел од нив купуваат) ефтин национализам, додека политичките елити од „двата блока“ сложно и обединето го поделуваат колачот наречен „буџет“ – не е за џабе кажано „сложни попови и во петок мрсат“.
Единствениот начин напред од оваа многу лоша општествена ситуација јас го гледам во класното и наднационално освестување и на македонците и на албанците, нивно политичко, социјалистичко обединување и создавање на нов свет, братски.