Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска

Македонија е сè уште налик на Трнорушка која чека да биде разбудена во предвечерјето на некој (за неа) „историски“ настан. И сега во 5 до 12 часот (во очекување на уште еден европски извештај) организираме дебати кои требаше да го пополнат оној зачмаен и/или длабоко поделен јавен простор. На некои од нив учествував. Искуството сепак беше повеќе од едукативно, па така „научив“ дека во Македонија дејствуваат „ваши“ и „наши“ интелектуалци, дека има „македонски“ и „албански“ интелектуалци, но и проевропски и антиевропски.

На само еден настан слушнав три верзии за Македонија: претставник на ЕУ зборуваше за светлата иднина и „малиот напор“ кој треба да се стори во таа насока (мислејќи на промена на името). Втор говорник беше Нато (упс, Нано) Ружин, кој наликуваше на Јован без земја – (член на движење Демос без демос) затоа што молчеше додека Ким Мехмети до него јадикуваше над несреќната положба на Албанците на кои им е поважен нов рамковен (федерален) договор отколку решение за името (што се однесува до него, цитирам, „оваа земја може да се нарекува и бавча на скапани домати“). На друга трибина (за европските вредности) сфатив дека и најмала искра во размена на различни мислења е премногу за нежните уши и нерви на новинарите кои веднаш трчаат да известат за наводен скандал. Други медиуми сосема го игнорираат настанот, така креирајќи (не)стварност. Изборот на соговорници и интерпретацијата на нивните ставови од новинари, кои понекогаш и не го разбираат концептуалниот апарат на говорниците (особено од универзитетските средини) е приказна за себе. Граѓаните повторно во дилема дали и на кој медиум да му веруваат, па на крај резигнирано заклучуваат дека повторно некој „млател празна слама“. Ова е нормална ситуација за општество без демократска јавна култура, за општество кое е принудено да егзистира во црно-бела слика и во кое имате избор или да бидете „патриот“ или „еврофил“.

Кога веќе високиот претставник на ЕУ Хавиер Солана и еврокомесарот Оли Рен ја (зло)употребуваат колумнистичката платформа за обраќање до македонската јавност, тогаш и јас ќе си земам слобода да кажам нешто што го сметам за поважно од (нивната) европска интеграција – а тоа е слободата да се критикува ЕУ. Некои новинари ќе ми „простеа“ ако најавев дека сум станала член на некоја партија, но мојот (наводен) евроскептицизам не можеа да го прифатат; тој им наликуваше на бласфемија или на перфидна тактика на „интелектуалец близок до власта“ (вака ме етикетираа дури и оние опозициски лидери кои неодамна ми нудеа место на носител на листа на избори, како Тито Петковски). Притоа, умно ги изоставија тезите во кои се повикував на критиката на „нормативната моќ на ЕУ“ од врвни научни авторитети, како што се Фуко, Чендлер или Галтунг. „Украдов“ и една мисла на хрватскиот колега Пуховски кога кажав дека ЕУ ги узурпира името и идентитетот, лажно претставувајќи се како Европа. Немав време да цитирам уште една негова мисла дека повеќе демократија има во ЦК на КП Кина отколку во елитистичкиот естаблишмент на ЕУ. Ја цитирав и „европската“ изјава на новоизбраниот „Претседател на ЕУ“ (Ромпој) дека во христијанскиот европски клуб нема место за муслиманска Турција. Резигнацијата на нашите медиуми кон ваков ерес зборува дека според нивните стандарди македонскиот интелектуалец мора да мисли низ државничка, национална или евентуално етничка призма, а не дај Боже да се дрзне (уште незачленети во ЕУ) да размислува како Европеец или космополит.

Наместо да мудрувам ќе потсетам на синтагмата за „еден човек“ на Ралф Валдо Емерсон, искажана на прекрасен начин уште пред век и половина: интелектуалец е секој оној кој промислува за себе, за другите, за светот околу себе. Тој не е и не смее да е надчовек, бидејќи иако умее да анализира како објективен посматрач, тој е и дел на општественото ткиво, тој е субјективен фактор во менувањето на постоечкото. Во ваков контекст е и Марксовата теза дека светот не треба да се толкува, туку да се критикува и менува. Неактивноста, седењето настрана, интелектуалниот аутизам, салонскиот интелектуализам и академските кули од слонова коска – сето тоа се паравани за криење на сопствената страшливост. Која е смислата на „високата наука“ ако не умее да се пренесе (прелее) на пошироката јавност? Или како што вели Емерсон, интелектуалецот има јавен ангажман не како обврска, туку како внатрешна потреба (што во наши услови би значело, не заради профитерство – туку затоа што, како што вели Мартин Лутер Кинг, умираме кога престануваме јавно да говориме за важни нешта). А европските вредности и нивните двојни стандарди се важни нешта и за нив таму, и за нас ваму.

Да се биде јавен интелектуалец не е лесна работа (уште потешка е да се биде признат во општества заразени од малициозност). Едвард Саид ги дефинираше овие дилеми низ прашањата: како може интелектуалецот истовремено да биде набљудувач и учесник во општеството? Како треба да реагира на драматично менливите констелации во општеството без при тоа да ги компромитира сопствените непроменливи принципи и уверувања? Јас би додала: како да си остане верен себе си, додека живее и дејствува во несовршен свет во кој сите свети цивилизациски вредности се перверзно злоупотребени и ничкосани на колена? Како да остане релевантен, убедлив и првенствено разбран, без да се прифати Орвеловиот „новоговор“? Некои одбираат да пишуваат, говорат и да се обраќаат само на својата академска заедница – односно, да градат научна кариера. Но, јавните или ангажираните интелектуалци се луѓе кои се инволвираат и во „она што не е нивна работа“ (Сартр). Тие претставуваат многу повеќе од она што го знаат во и за својата струка – тие се и симбол на вредностите за кои се залагаат. Тие се промената која сакаат да ја видат во светот. Така, мојот личен херој и морален идол, Роберт Фиск, не е само врвен британски новинар, воен известувач и публицист; и самото споменување на неговото име е бунт против војната, тој е симбол на говорот против естаблишментот, против корпоративните медиуми и перењето на мозоци.

Хистеријата околу тоа дали овој или оној интелектуалец му припаѓа на „патриотскиот“ или на „европскиот“ табор во Македонија е апсурдна, патетична и мачна. Жално е кога самите интелектуалци ги нудат своите услуги само за доброто на својата земја, и од позиција на Човек преминуваат во категорија на локал-патриот (дури и кога визијата е некаква обединета Европа или НАТО). Интелектуалецот е критичар на власта секогаш и насекаде, без оглед дали таа се остварува на национално или европско ниво. Тоа е веројатно збунувачки исказ за оние кои очајнички се обидуваат да ве разоткријат и да сфатат за кого (или против кого) дејствувате јавно…

Во серијата на измислени дилеми, една гласи дека во контекст на евроинтеграциските премрежија, ова е време во кое интелигенцијата треба да го живее како сопствено „да се биде или не“. Каква е таа интелигенција ако сопствениот опстанок го врзува со опстанокот (во овој контекст, НАТО/ЕУ иднината) на својата земја? Една теза вели дека зачленувањето во НАТО и ЕУ е единствен спас од нас самите и од враќањето кон едноумие. Ако добро сфаќам, се застапува теза дека напредните (проевропски) интелектуалци треба да застанат рамо до рамо со елитите и така да ја обезбедат единствената вистинската опција за државата. Но, интелектуалецот, по дефиниција, е критичар на власта, а особено на онаа која е лицемерна, која применува двојни стандарди и крши права на цели колективитети и народи, вклучувајќи го и македонскиот. Бегајќи од едно едноумие, со трчање ли треба да завршиме во друго?

Интелектуалецот е по дефиниција предавник. Се сложувам со оние кои велат дека борците за човекови права имаат посебен политички морал: тие се против секаков вид насилство. Во ситуација во која се наоѓаме, отпорот спрема неправедниот третман на сопствениот народ од Брисел е должност, а оправданата критика на ЕУ е единствениот легитимен став на секој вистински Европеец. Зошто, лицемерно е да се бунтуваш против кршењето на правата на други народи или на правата на маргинализираните групи и поединци, а да се правиш „на Тошо“ кога нешто слично му се случува на твојот…  

Колумната првично објавена на 7 декември 2009