Демократски социјализам наспроти социјалдемократија

Пишува: Никола Петров – член на ЦК при политичката партија Левица

“Разликата е голема. Социјалдемократијата е политичка насока која поддржува пазарна економија и има потреба од капитализам, а демократскиот социјализам сака да го укине капиталистичкиот економски модел.” – Марио Накиќ

Социјализмот по дефиниција е економски систем во кој средствата за производство се во општествена сопственост, а пазарните цени ги одредува државата преку нејзините органи. Тој се спротивставува на капитализмот во кој средствата за производство се во приватна сопственост, а цените се одредени со пазарниот закон на понуда и побарувачка (читај: корпорациите).

Така, социјализмот и капитализмот се два системи кои меѓусебно се исклучуваат, иако денес нема држава во светот со 100% социјализам или 100% капитализам. Сите држави се разликуваат по уделот на капитализмот и социјализмот.

Демократскиот социјализам е социјализам постигнат со мирни, демократски средства, а не со насилна револуција. Тоа подразбира постепено пренесување на сопственоста на средствата за производство од приватни во јавни односно општествени, на тој начин што државата ги откупува акциите на приватните компании, иницира јавни работи и на тој начин отвора нови работни места на пазарот, во сите сектори.

Ваков систем за прв пат беше испробан во 1970 година во Чиле и втор пат во 1998 година во Венецуела . Слични размислувања имаше и во шведската влада во 1970-тите, кога синдикалниот фонд со децении планираше синдикатите постепено да ги преземат компаниите и да воведат работничка самоуправа.

Социјалдемократијата е идеологија и политички правец што ги прифаќа пазарната економија и капитализмот како економски модел. Социјалдемократите се, всушност, економски кејнзијанци.

Социјалдемократскиот систем го намалува државното финансирање во јавното здравство и образование, а го поддржува приватното. Намалувањето на јавните услуги и нивно префрлање во приватниот сектор, е патеката по која се движи оваа идеологија. “Помошта” за ранливите категории граѓани и работничката класа ја разбираат преку моделот на субвенционирање.

Ако демократскиот социјализам настојува да ги елиминира класните разлики, социјалдемократијата тие ги оддржува, со тенденции на сѐ поголемо нивно зголемување.

На социјалдемократијата и треба работничка класа која ќе биде доволно силна за да го оддржува и јакне капиталистичкиот економски систем, но во исто време и доволно слаба за да не се обиде истиот да го укине.

Последно