Пишува: Претседателскиот кандидат на политичката партија Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
На прв поглед изненадувачки, но годината ни почна со телевизиско емитување на мини-серијата „Црвениот поет“, и тоа во ударен термин (би рекле, медиумските експерти, во „прајм тајм“). Тоа обично е време на висока гледаност, а во време на избори и најскапиот термин што некој може да го обезбеди. Станува збор за македонска филмска продукција, па дури и финансирана од Агенцијата за филм, посветена на животот на нашата поетска икона (покрај Блаже Конески и Ацо Шопов), Коста Солев Рацин.
Можеби неинформираните и се прашуваат зошто тоа би предизвикало изненадување. Одличен потег, а епизодите и репризите веќе се очекуваат со нетрпение! Што е тука за чудење? Простете што сум скептична (кога ќе се изгори, човек дува и на матеница). Но, не може да се игнорира фактот дека филмот беше снимен во 2016 година. За разлика од „Трето полувреме“, кој замина во подрумите откако власта почна да гради „добрососедски односи“, овој филмски производ беше фактички забранет сè досега. Пред неколку месеци „Црвениот поет“ конечно беше прикажан во рамките на фестивалот „Рацинови средби“, во родниот град на Рацин, и тоа доста срамежливо. Серијата ја виде само мал дел на велешката публика (за преостанатите беше невозможно да патуваат неколкупати до градот на гемиџиите за да изгледаа по една епизода и да се враќаат истата вечер во својот град).
Всушност, и кампањата за серијата беше скромна, а присутните на промоцијата кажуваа дека дури и министерката за култура едвај и да ја изгледала првата епизода. Толкувањето беше дека ова, речиси герилско, прикажување на серијата се должело на прикажувањето на Бугарија како окупаторска и фашистичка власт за време на Втората светска војна. Плашливата власт оцени дека неговата содржина ќе ги налути „добрите“ соседи и ќе го загрози бугарскиот договор, а со тоа и евроинтеграциите.
Што се смени одеднаш, па оваа „незгодна“ серија почна да се прикажува на ТВ, на почетокот на 2024 година? Да не свртевме нов лист? Собраа ли храброст? Што им стана да го извадат на виделина Кочо Рацин? Циникот во мене вели дека станува збор за прагматични, предизборни калкулации. Во предизборие треба да се искористи секој можен „адут“, а соседите ќе разберат, ќе им намигнат дека е ова наменски и дека договорот останува, па ќе преговараме и за Гоце и за гемиџиите, па и за Кочо Рацин штом ќе помине овој период. Прикажувањето на серијата (во моментов кога пишувам се прикажани три епизоди, односно серијалот е на половина до целосното прикажување) навистина се покажа како многу значаен чин за македонската публика. Речиси нема човек што не ја следи, а потоа и коментира. Почнавме да си повторуваме и пренесуваме реплики, мисли од Рацин, па си се потсетуваме на училишните денови кога ги учевме наизуст „Копачите“, „Денови“, „Ленка“ итн.
Извонредниот Ласко Џуровски графички ни ја понуди онаа реченица кога младиот Кочо ѝ вели на својата загрижена мајка, која се плаши за неговото добро, „мене и душата ми е црвена“. Мнозина речиси спонтано си ја одбраа за главна фотографија на профилите на социјалните мрежи. Тоа е толку моќна порака, како и онаа „ќе победиме!“, реченица што Кочо често ја кажува во критични моменти.
Мојата реакција на филмот, верувам како и кај мнозинството, е емотивна, не е естетичка или професионална (бидејќи, за тоа не се ни осмелувам да коментирам). Тоа што филмските (и други) критичари ќе имаат да кажат, во моментов е сосема неважно (важно ќе биде за идните слични продукции, за кои се надевам ќе ги има почесто). Самото гледање на „оживеаниот лик“ на Рацин погодува во нерв, буди внатрешни урагани, па дури и го подига духот – нешто што дури и сме заборавиле како е крвта да ти струи и да си го слушаш чукањето на дамарите. Ние пораснавме со Рацин, тој беше наша икона – иако, мора да се признае, дека кога некого третираш како икона, тогаш човечката димензија бледнее, а за историскиот контекст и другите детали и да не зборуваме. Стиховите на Рацин го одразуваа духот на времето (zeitgeist), она време во кое да се биде црвен значеше да се сака не само Македонија, работниците, рударите, тутуноберачите, Ленка, црвената петокрака и знаме – туку и цел свет братски ни беше. Рацин беше интернационалист, а во тој дух растевме и ние, што паѓа ничкум, Рацин ми звучи уште поактуелно, поантимилитаристички, поантикапиталистички, поинтернационалистички. Тој никако не е глас на некое бившо време, ами на времето што доаѓа – бидејќи светот се менува. Ова е време на редефинирање на вредностите, моралот, идеалите – зашто во спротивно, не ни се пишува добро како на човештво. За државата и да не зборувам…
Навистина, кој е интересот на власта да го извади филмот од подрумите и да ни го прикажува во ударен термин?! Нели е чудно? По малку дури изгледа и политички шизофрено за власт што продаде сè што е македонско (па и за јазикот и за Уставот преговара), а која на глобален план поддржува (па и учествува во) секаква милитаристичка политика… Како да се во когнитивна дисонанца, во конфликт на две или повеќе нескладни верувања. Ај што тие веќе не знаат ни кои се ни што се, но сакаат да веруваме дека се тие некаква (вистинска?) левица!?! Како да бидат видени како продолжувачи на делото на Рацин кога со криминалната приватизација во транзицијата создадоа нова поткласа на разнебитени работници и прекаријат. Можеби грешам, но ако некој очекува во предизборие да се рехабилитира за сета антимакедонска политика и да се ребрендира, тогаш длабоко се лаже.
Тенденцијата на ребрендирање и маскирање со квазилевичарска идеологија не е нова. Пред извесно време на социјалните мрежи беше отворен еден портал/ФБ-страница со името на Рацин. Кога ги читате содржините, тие треба да се викаат антирацин. Каква е таа потреба да се „гребат“ на починати великани, а самите мизерни џуџиња, тоа е нешто што само танатополитиката може да го објасни (како што неодамна во разговор ми спомена еден млад умен човек). Гледам таму еден куп луѓе што ги познавам и за кои имам добро мислење како ја „лајкувале“ страницата. Тоа зборува за автоматизмот и невниманието што владее генерално, па така, штом е Рацин, мора да е оној нашиот Рацин… не ја ни сфатиле флагрантната и бескрупулозна злоупотреба на овој голем лик за политички цели. Сето она што го промовираат тие колумнисти и автори е до коска спротивно на вредностите за кои се бореше и умре Рацин. Од другата страна се оние што се ужасуваат од „наивноста“, идеализмот и, се разбира, марксизмот на Рацин – кој не им одговара на конзервативните „прогресивци“. Едно новинарско перо во ужас ќе чкртне нешто за Рациновото „отровно, штетно и неприфатливо влијание врз нашата колективна психа“. Но, без оглед на манипулаторите и злобниците што ги вознемирува Рацин, обичниот човек го чувствува близок, бидејќи (потсвесно) знае дека суштината на капитализмот е не само иста туку и уште пострашна од онаа на почетокот на 20 век.
Навистина, минатата влада, онаа на ВМРО-ДПМНЕ се сврте кон историјата, сакајќи божем да ја доближи до народот, а така и тие да се доближат до него. Главно преку спомениците, но и Музејот на револуционерната борба. Никогаш нема да го заборавам чувството кога застанав пред восочната фигура на Рацин – прикажан како мртовец. Зошто мораме да го гледаме (ние и помладите) во таква деградирачка позиција? Рацин е симбол на дигната глава, на силен глас, на храброст и талент – а, таму лежи безживотно и бледо тело. Веројатно идејата им била да покажат дека комунистите (комуњарите) го убиле (што е не сосема потврден факт во историографијата). Како и да е, смислата на ваквите музеи не е и не треба да биде одмаздничка кон политичкиот противник, туку во оживувањето на делата на најзаслужните. Слично е прикажан и Ченто.
Не знам колку е веродостојна сторијата што ја гледаме сега, но топло ти е на душата за миг да се сретнеш со умните очиња на она дете или момче. Да го „запознаеш“ Кочо во сиот негов младешки раскош и храброст. И во сето негово црвенило. Она вистинското, а не „педесетте нијанси на црвено“ во кои се маскираат (ем да се прогресивци, ем да се божем леви, а всушност се изгубени во вселената и корупцијата, без идеали туку со јамка околу вратот)!
Убаво би било вака да се оживеат ликовите на Ченто, на Мирче, Орце и сета плејада на борци од минатото. Без глорификација, туку со потсетување дека тие биле вистински луѓе, кои се бореле и грешеле, се вљубувале и страдале, ама биле и останале инспирација. Исклесани во мермер или во бронза, неретко руинирани, тие не инспирираат никого. Со магијата на филмската уметност би можеле да се потсетиме дека од вековно ропство мој народе идеш, па така и денешните деца повеќе ќе го ценат она за што се бореле и гинеле. Бидејќи меѓу живите ликови што парадираат на сцената едвај и да има некој што инспирира или кој е воден од идеали.
Колумната прв пат објавена на 15 јануари 2024