Пишува: Проф. д-р Билјана Ванковска, претседателски кандидат на политичката партија Левица
Први мај мина, а претстои денот кога се чествува Гоце. Се чувствувам како Везилката: како да создадам проста и строга колумна, која ќе каже каков разговор ноќен води ова срце среде тревога бесна? Можам ли да испарам два конци од срцето, и да го нанижам сето она што ги поврзува морничавите траги од минатото со копнежот светол (ако не згаснал и тој)? Тоа е работа на Поетот, а мојата задача е да ја осветлам за мнозина невидливата црвено-црна нишка што ги поврзува Денот на трудот со она за што Гоце си го даде животот – а на кое сега му плукаат на гробот јуди додека положуваат цвеќе. Бидејќи, тој не загина за каква било Македонија, туку за земја во која ќе има правда за онеправданите, достоинство за понижените, еднаквост меѓу нееднаквите, братство меѓу различните. Гоце го разбираше светот во најубавата смисла од сите, како поле на културен натпревар меѓу народите, а не поле за испробување нови оружја и на кое волците на национализмот ќе си ги гризат вратовите. И Јане ни остави аманет дека да живееш значи да се бориш, робот за слободата, а слободниот – за совршенство.
Но како да ги поврзеш овие идеали а да не се чувствуваш како будала во земја во која Први мај е празничен фосил, останат по инерција од некое друго време, а кој изгубил секаква смисла: работниците на „Комуналец“ го собраа сметот како и секој обичен ден, градежните работници работат наспроти сѐ (зима, лето, ковид-19, сеедно), а во Крива Паланка го „имплементираа“ Преспанскиот договор брусејќи го сонцето од Кутлеш од плоштадот (бидејќи тоа е, нели, најважната работа на светот!). Сепак, овој Први мај најмногу мислев на оние што престанаа да бидат работници, кои останаа без работа или наскоро ќе останат без работа или без плата – и не се саде тука, тие се „по цел свет безбројни милиони на трудот – црн народ“ (Рацин). Додека седиме затворени дома (некои од нас со можност да си ги извршуваат задачите со помош на интернет-алатките, другите со главата в раце од грижи), надвор ја прекопуваат Скопската чаршија, ја прават „постара и поубава“, а други сечат дрвореди (кои нема кој да ги гушка, па дури ни ГТЦ не остана негибнат). Ковид-19(84) капитализмот е чекор пред работничката класа, одамна во акција на зголемување на профитот до невидени височини, креирање нов вид пазар на трудот и негова експлоатација.
Еден наш „најуспешен и најбогат претприемач“ на вебинари објаснува дека сега е шансата, фала му на бога за вирусот! Глобална социоекономска катастрофа татни на хоризонтот, но ние (засега) имаме дијазепами и си потпевнуваме лефтерни стихови, кои ни ја будат надежта дека наскоро пак ќе имаме дружба (во кафеани, се разбира), пак ќе живееме убаво и нормално (небаре нешто било нормално пред карантинот). Колку и да е допадлива, песничката „Корона чао“ е анестезирање на револуционерниот набој на „Бела чао“. Уште едно подбивање со неа… Ете, жал да те фати за боемите… и боемските улици. Најдобрата потврда дека ситиот не му верува на гладниот е во тоа што Владата си набавува месо и сѐ што оди со него со буџетски средства, а бара луѓето да го донираат повратот од ДДВ за хуманитарни цели; си ги обезбеди фирмите на другарчињата – и го релаксира начинот на отпуштање на работниците. Замислете, дури и онаа срамота од Уставен суд се разбуди, исплашена од гладот (станале дел од народот?).
Наместо да мисли на денот потоа, народот се пали на колумнистички мизерии што (намерно) чепкаат по националната жичка. Велат, ама тој колумнист му бил советник на претседателот, па неговите ставови имале тежина. Е, како да не! Само ако сме малоумни и со паметење како рибите, нема да се сетиме дека колумнистот што открил дека сме Бугари е оној што се колнеше на верност на покојната СФРЈ додека беше македонски министер за надворешни работи. Поголема страшливост, неспособност и нелојалност, да не речам злоупотреба на службената положба – здравје! Во научна смисла тој е една голема нула: подалеку од Тукидид ниту стигнал, ниту прочитал, а богами ниеден учебник не остави иако одамна во пензија, бидејќи и за редовен професор беше избран врз база на колумни.
Ако не ми верувате, проверете, прогуглајте – човекот е непознат на меѓународната академска сцена, никој и ништо – единствена трага се статиите објавени во списанието што си го уредува со сопругата, а цитираноста му е рамна на нула. И не е само тој… Се нижат професори што паднале на одбрана на докторат во Љубљана, ама затоа напишале Устав и рамковен, па некои ликови за кои не знаеш ни што се (час новинари, час директори, час интелектуалци, аналитичари) – накратко, збирштина на пропагандисти. И не знам зошто треба да се наседне на нивните четива? Кој фактор се тие? Ако и имаат некое влијание, тоа е затоа што ние се палиме на нив небаре се некои умни глави и луѓе за респект! Ете, така некако ги „браниме“ Гоце и Мисирков, дозволувајќи пропагандата да нѐ дефокусира од битните нешта и да нѐ држи затворени во маѓепсаниот круг, во кој сами на себе постојано си докажуваме кои сме и што сме. А не гледаме дека тонеме во амбис, во дупка во која нема ни да биде важно на кој јазик ќе го пуштиме последниот крик! Еден одличен твит деновиве гласеше: „Нашите предци не само што се превртуваат в гроб туку повремено и стануваат за да фрлат уште некоја лопата земја врз себе“. (Кога лопатата не може по нас да се сврти и да нѐ чукне по глава…) На утринска програма ги покануваат ТВ-гледачите за да коментираат (старо/нови) уцени и изјави на Бојко, Денко и сл. А веќе првиот гледач – здраворазумен обичен човек – распука и кажа сѐ што требаше да се каже: „Ма, што ми е мене гајле што рекол за македонскиот јазик некој Бојко, или оној од Грција, Албанија, Косово… Јас си имам проблем ОВДЕ, каде што не смеам да кажам дека сум Македонец (ми велат требало северномакедонец/северномакедонско да кажувам), а македонскиот јазик го прекрстија во „мајчин јазик“. Овде ми е проблемот, со „нашиве“, а не со тие таму… Што ми е гајле како ќе нѐ нарекувале во ЕУ, кога јас дома не смеам да кажам кој сум и на кој јазик зборувам.“ Додуша и опцу, а збунетите водители со пелтечење замолија да „внимава на јазикот“ (а човекот баш за јазикот зборуваше, нели! А пцостите се дел од јазикот – и понекогаш посоодветни за искажување на нештата без многу мудрување).
Веројатно сте зачудени: кога веќе зборувам за Први мај и за националниов калабалак, зошто го цитирам Че Гевара (од неговиот говор во Генералното собрание на ОН, во кое ја пренесува пораката на сите угнетени од светот: „Татковината или смрт!“)? Затоа што како никогаш порано во историјата на работничкото движење, Први мај (т.е. работничката класа) немал/а поголемо симболично значење. Ковид-19 капитализмот е најголема закана за најранливите, најсиромашните, најексплоатираните – но веќе сериозни удари доживуваат и струки/вработени од сектори што се сметале за (социјално) безбедни. Вклучувајќи ја и науката… И како никогаш порано, целиот свет е татковината за која треба да се бориме до смрт, бидејќи она што ни го нудат не е достојно да се нарече живот. Нема многу простор за убавина и за културен натпревар (и културата е понижена, комерцијализирана, политизирана, злоупотребена во полза на капиталот и моќта). Мнозина размислуваат во насока на „суверенизмот“ (свртување кон себе, сопствената индустрија и производство на храна итн.) како на решение. Но размислете! Која индустрија или производство ги имаме ние, кога главен приоритет за власта се угостителите и обложувачниците!? Ковид-19 капитализмот е највисоката/последна фаза не на капитализмот, туку на човештвото – или ќе пропадне или ќе го уништи човештвото.
Само интернационализмот може да нѐ спаси – не од короната, туку од оние (ќе) што профитираат од неа. Не мислам на овој интернационализам од типот на НАТО и ЕУ (и ОН се дават во својата нерелевантност) – тие се дел од проблемот, а не од решението. (Токму затоа не можам да ја разберам оваа хистерија околу „бугарските барања“, кои нѐ спречувале да влеземе во ЕУ! Ало! ЕУ е капут! Кога ќе ви текне дека се крстите над зомби? Дека нема да мрднеме ни чекор напред ако им робуваме на вакви догми…) А ковид-19 не е ПРИЧИНАТА на економскиот колапс (за најголемиот дел од човечката популација), вирусот само ги затскрива вистинските корени – оние што одамна ги откри Маркс, а денес ги претставува Томас Пикети. Дејвид Харви ја опишува новата работничка класа, чии членови мораат да носат два товари: истовремено се работници што најмногу ризикуваат да заболат преку вршењето на својата работа, но и да бидат отпуштени и оставени без финансиска заштита поради економските ефекти засилени од вирусот. Некој го коригираше и напиша дека треба да се зборува за „безработна класа“. Нам, во пресрет на изборите, ни следува операција наречена геслајтинг (психолошка манипулација): оние што досега нѐ убедуваа колкава е опасноста и нѐ спасуваа од вирусот, сега ќе нѐ убедуваат во спротивното…. Веќе почнаа со најава на победа над вирусот! Затоа што мораме да „блескаме“ и да работиме, а наесен – ќе видиме… ќе се преброиме во статистичките графи на невработени, гладни, заболени и починати…
Преземено од: novamakedonija.com.mk