Пишува: Претседателскиот кандидат на Левица, Проф. д-р Билјана Ванковска
Како реакција на терористичкиот напад врз редакцијата на францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ се прошири слоганот „И јас сум Шарли“ (Je Suis Charlie). Податоците велат дека овој хаштаг станал најбрзо и нашироко распространетиот во историјата на Твитер. Оттаму беше преземен од јавноста и од политичкиот естаблишмент, особено за време на јавните маршеви на кои учествуваа околу шест милиони луѓе. Македонија е периферија, па нештата тешко стигнуваат, но слоганот беше експресно прифатен од македонските новинари. Беше прашање на престиж, солидаризирање, ама и (посакувано) идентификување со светските колеги-новинари, кои понекогаш и по цена на својот живот ја говорат непријатната вистина или се подбиваат со моќта (политичка, религиозна, воена, итн.).
Кога новинари беа убиени од исламисти, целиот западен свет беше згрозен и застана во одбрана на слободата на говорот и слободата на медиумите. Но пред државниот терор врз истражувачкото новинарство, олицетворено во Џулијан Асанж, се поделија, или поточно замолкнаа. За двојните стандарди на ЕУ зборуваат неколку сцени: прво, пред неколку дена, на берлинскиот Александарплац беа првпат прикажани статуите на свиркачите Асанж, Менинг и Сноуден насловени „Нешто да кажете“ (се планира и нивна светска тура, ако веќе личностите се во затвор или немаат слобода за движење). Нивниот автор, Дормино, вели дека тие се симбол и потсетник за тоа „колку е важно да се знае вистината и да се има храброст да се знае вистината“. Сцена два: ЕУ усвојува акциски план за борба против „лажните вести“ (fake news), односно „изложување на граѓаните на дезинформации од широк ранг, вклучувајќи и подведувачки или сосема лажни информации, како најголем предизвик за Европа“.
Сето тоа е во ред, доколку борбата за вистината е дозволена, а не санкционирана, и доколку зборот „лажно/фејк“ не се користи за да се дискредитира вистината. Ричард Фалк, еден од врвните професори од „Принстон“, опоменува дека: „постепено ја губиме способноста да сфатиме што е вистина, и уште полошо од тоа, веќе не се ни трудиме да бараме одговорност од лидерите со реферирање на фактите, т.е. она што тие го прават во стварноста“. Сцена три: ЕУ донесува нова директива за заштита на „свиркачите“, но на прашањето за апсењето на Асанж и неговата екстрадиција во САД, под закана дури и од смртна казна, одговорот даден од портпаролот на Европската комисија гласи: „немаме коментар“! Немаат коментар за најголемиот свиркач во историјата, по Даниел Елсберг (со „Пентагонските списи“, кои ја разоткрија Виетнамската војна) и подоцна Сноуден?! Се согласуваат дека националната безбедност (што таа и да значи кога се војува на илјадници километри од дома и во чие име се убиваат цивили) е поважна од демократските вредности, слободата и вистината?
Измина седмица од апсењето на Асанж од страна на британската полиција, а со дозвола на еквадорските власти, чиј претседател Ленин (sic!) претходно доби обилен кредит од ММФ. Сцената на извлекувањето на Асанж во прв миг беше шокантна, и покрај најавите дека ќе се случи. Шокираше сликата на еден измачен човек соочен со брутална сила – и отсуството на организиран отпор. Тоа буди чувството на беспомошност. Реално говорено, Асанж беше заборавен дури и од оние што го сметаа(т) за симбол на отпорот; по седумгодишниот притвор во амбасада беше прифатен како нормална работа. Уште пострашно е што мнозина заборавија и на цивилните жртви и злосторствата што ги откри. Лесно е да се восхитуваш од страна, без изложување на реален ризик. А во Авганистан загинаа стотици илјади цивили откако беше „ослободен“ од Талибанците со силата на САД и на НАТО; во Ирак бројката премина 1,5 милион (или можеби тогаш престанавме да броиме?). Либија и Сирија едвај се и вести, а децата на Јемен умираат во тотална медиумска тишина, и тоа поради директната вмешаност токму на Велика Британија, која сега слави дека „раката на правдата го стигнала Асанж“.
Глен Гринвaлд смета дека она што го гледаме низ примерот на Асанж е криминализација на новинарството и закана за сите оние што евентуално би помислиле дека нивна професионална должност е да откријат што прави „државата на национална безбедност“ зад грбот на граѓаните и во нивно име (и со нивни средства). Друг голем човек и истражувачки новинар, Џон Пилџер вели: „Сцената на изнесувањето на Асанж од еквадорската амбасада е симбол на ова време. Моќта наспроти праведноста. Силата наспроти правото. Нечесноста наспроти куражот.“
Чомски вели дека ова е уште еден пример за екстратериторијалноста (долгата рака) на САД, кои можат во секое време да се заканат по животот и слободата на државјанин на друга држава, на новинар или медиум, кој ќе ги открие нивните валкани дела низ светот. Низата е бесконечна, како и нивната адикција по нови војни за профит и ресурси. Гревот и „криминалот“ на Асанж се што го направи она што треба да го прават сите вистински новинари: разоткривање на сето она што моќните (и не само државата на национална безбедност) сакаат да го скријат од граѓаните! Вклучувајќи ги и воените злосторства за кои остануваат неказнети (не е чудно што САД се држава-отпадничка, која не му пристапи ниту на постојаниот Меѓународен кривичен суд, а од сите банана-републики, како што сме и ние, побара склучување билатерални договори за изземање на нивните граѓани и контрактори од јурисдикцијата на судот). Сето она што Викиликс го изнесе на светлина е чиста вистина! И затоа казната треба да биде драконска.
Да се зборува за демократија или за слободно новинарство на моменти личи како разговор за нешто што не постои или е пред исчезнување. Во долгата темна ноќ, која сѐ позабрзано паѓа, не се доволни ликови на храбри поединци. Тие се водилка и инспирација, ама потребни се луѓе што нема да се плашат да го гледаат злото, да го слушаат злото и да говорат за злото. Граѓаните имаат право да знаат што прават нивните политички претставници во нивно име. Харвардскиот професор Семјуел Хантингтон (и советник на американскиот естаблишмент) вели: „архитектите на моќта во САД мораат да креираат сила што може да биде почувствувана, ама да не биде видена. Моќта останува силна кога е во темнина, бидејќи изложена на сонце таа испарува.“ Пред 250 години, мудриот Дејвид Хјум утврди дека „ништо не е поизненадувачки за оние што гледаат на човечките работи со филозофско око, од тоа да се види леснотијата со која мноштвото е владеено од малкумина, но и имплицитното потчинување со што луѓето ги напуштаат своите чувства и страсти пред тие на нивните владетели. Кога истражуваме со какви средства се реализира ова чудо, откриваме дека Силата е секогаш на страната на оние со кои се владее, а дека владетелите немаат ништо на што би се потпреле освен на јавното мислење.“ И кога оние со кои се владее ќе го сменат мислењето и ќе ја повлечат својата поддршка за власта, таа се топи како снег на сонце. Во тоа лежи стравот на секоја власт, а особено на онаа што тврди дека е заштитник на безбедноста на граѓаните.
Кај нас едвај некој отворено да го осуди чинот, кој фактички е најсилниот удар врз новинарството, по трагањето по вистината и слободата на изразувањето (чест на исклучоци). Како смеат да ги критикуваат „сојузниците“? Па, тие и името и Уставот ги фрлија на буниште за да влеземе во НАТО и да се бориме рамо до рамо со САД, а овој Асанж е „антизападен елемент“, ја урива розовата приказна за тоа како ќе ни дојде живот. Во жарот на кампањата, Пендаровски вели дека сме ја „бетонирале Северна Македонија во најмоќните воени сојузи на светот“, а нормален човек не може од ум да ги тргне сликите на оној измачен човек кому му се закануваат тортура и смрт поради откривање на она што стои зад безбедносните политики на тие најмоќните! Новинарите ни се зафатени со многу „поважни“ работи: изградбата на (поданичка) држава на национална безбедност, издвојувања од 2 отсто од БДП за воени потреби, лични дуели на (квази)новинари, пеење шлагери на митинзи и сл. Вистинските новинари и интелектуалци рецитираат „Прво дојдоа по Асанж, а потоа…“, но тоа не допира до нашите: тие своето постоење не можат ни да го замислат без близината на моќта, силата и власта. Тие не чекаат да дојдат по нив, самите се нудат и денунцираат.
Преземено од: https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/je-suis-assange-%d0%bd%d0%b5%d0%ba%d0%be%d1%98/