Вчера во име на Левица и Црвена Младина, членот на президиумот на Левица, Амар Мециновиќ го потпиша студентскиот манифест кој беше објавен од студентите од сите државни универзитети на иницијатива на УСС – УКИМ.
Едно од главните барања на студентите изразено во студентскиот манифест е бесплатно високо образование во прв циклус студии. Тоа е една од главните заложби на Левица од нејзиното постоење до денес. Левица се залага за целосно државно бесплатно образование, отворено за сите – и за сиромашните и за поимотните – затоа што само така може да се мобилизира целосно интелектуалниот капацитет на едно општество!
Меѓу другото на средбата присуствуваа и претставници од политички подмладоци на двете најголеми партии СДСМ и ДПМНЕ кои со нивното владеење во изминативе години го претворија образованието во пазар и се директните виновници што македонското образование потфрла во речиси сите сегменти. Лицемерно е да веруваме дека тие што ги создадоа проблемите, сега ќе ги решат. Впрочем ниту едно ветување на СДС што се однесува на младите и студентите од нивната програма не е остварено.
Тргнувајќи од премисата дека образованието е најважниот постулат за едно здраво општество, Левица е на цврст став дека нужна е темелна трансформација на македонското образование и ќе продолжи и во иднина да се залага за зголемување на студентскиот стандард. – стои во соопштението на Политичката партија Левица.