Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски
Мит бр. 1:
„Сега имаме реална можност за доделување концесија на Црна Река и за целосно трансформирање на нашиот енергетски систем. Тоа ќе биде огромен исчекор во заложбата Македонија да стане зелен енергетски хаб, меѓутоа и да обезбеди енергетска ефикасност за генерациите пред нас“ – изјави Ковачевски. https://novamakedonija.com.mk/…/za-chija-vodenica-kje…/
Како тоа, премиере, ќе обезбеди енергетска „ефикасност“ (веројатно мисли на енергетска флексибилност, балансираност и независност) и трансформација на нашиот енергетски систем, кога ќе имаме само една третина од ПАХЕ „Чебрен“, односно од неа само 111 MW ќе работаат за нас, а ќе се лишиме од 112 MW од ХЕ „Тиквеш“? За складирање ќе добиеме пак само 740/3 = 247 GWh/год. и тоа вклучувајќи ноќно складирање. Нам ќе ни треба складирање на најмалку 1000 GWh/год. ако изградиме државни фотонапонски електрани од 800 MW и тоа само за складирање за потрошувачка навечер (за дневна потрошувачка ќе ни требаат уште толку фотоволтаици). Значи, ни целиот „Чебрен“ нема да ни биде доволен, т.е. ќе ни треба два пати по толку, ако сакаме да ја извршиме нашата „Зелена транзиција“ после гаснењето на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Со складирање на само 247 GWh/год. нема никаде да стигнеме.
Мит бр. 2:
„Доколку се изгради, ХЕЦ „Чебрен“, треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно.“ (Ковачевски и Бислимовски во одделни изјави)
Ова е веќе елементрано незнаење. Тие очигледно ја собираат енергијата од редовниот проток на Црна Река низ Чебрен (максимално 260 GWh/год.) и акумулираната енергија со пумпање и рециклирање на водата во реверезибилната електрана (најмногу 740 GWh/год.). Овие 740 GWh/год. не претставуваат примарно производство, туку само складирана енергија од други извори, а најмногу од фотоволтаици. Од оние 260 GWh/год. од ПАХЕ „Чебрен“ пак, само една третина, односно 87 GWh/год. би биле македонскиот дел, а останатиот дел би бил грчки. Од друга страна, ние ќе подариме 150 GWh/год. од ХЕ „Тиквеш“, од што само една третина, односно 50 GWh/год. би работеле за нас. Нето ефектот за нас би бил одвај 37 GWh/год. и тоа по двојно повисока цена (над 100 евра/MWh) во однос на досегашната (53 евра/MWh). Башка што кусокот од 150 GWh/год. од предавањето на ХЕ „Тиквеш“ ќе мораме (ние граѓаните) да го купуваме наместо по 53 евра/MWh, по 100-200 евра/MWh и тоа (каква иронија!) од нашето ново македонско-грчко претпријатие.
Како тоа, кутри премиере и директоре мислите со 37 GWh/год. да произведете повеќе од сите досегашни хидроелектрани заедно? За толкави ли идиоти нé сметате?
Ако ја продавате годишната енергија од ХЕ „Тиквеш“ во зима навечер по 200 евра/MWh (хидроенергијата можете да ја продавате кога најмногу ви одговара, т.е. кога е најскапа), за 5 години ќе соберете 150 милиони евра (а ХЕ „Тиквеш“ ќе ни остане), што ќе ви биде доволно да подигнете кредит за уште нови 450 мил. евра (што ќе се отплати за 12 години) и самите да ја изградите ПАХЕ „Чебрен“, од што годишно ќе имате нови 260 GWh, плус 150 GWh од ХЕ „Тиквеш“. Тоа се вкупно 410 GWh/год, а не само 37 GWh/год. колку што со вашата штетна и непромислена зделка ќе и донесете на државата, а на Грците ќе им донесете 2/3*(150+260)=275 GWh/год.
Тешко на оваа држава и на овој народ со вакви луѓе како вас на најодговорни позиции, покрај вас воопшто не ни требаат надворешни непријатели. Што ли сме му згрешиле на Бога вака да нé казнува?
==================
Производството од редовниот проток на Црна Река во ХЕ „Чебрен“ се базира на истиот проток како во ХЕ „Тиквеш“, но при 1,73 пати поголем пад (173 m наспроти 100 m). Ако ХЕ „Тиквеш“ произведува 150 GWh/год, ХЕ „Чебрен“ од редовниот проток може да произведе најмногу 1,73*150=260 GWh/год.
Зошто велиме „најмногу“? Затоа што акумулацијата на ХЕ „Тиквеш“ освен Црна Река ја полни и река Блаштица, што значи дека дотокот на Црна река во акумулацијата на ПАХЕ „Чебрен ќе биде помал од дотокот во акумулацијата на ХЕ „Тиквеш“, па според тоа годишното производство не може да биде поголемо од 260 GWh/год., туку реално до 220 GWh/год. Остатокот до 1000 GWh/год, претставува складираната енергија од реверзибилната работа на ПАХЕ „Чебрен“. Ако читаа повнимателно во студијата на ЕСМ, ќе прочитаа дека освен произведена (260 GWh од протокот и 740 GWh од складирањето) има и потрошена енергија за пумпање од 1.000 GWh/год. и тоа поради загубите при двојната трансформацијата на енергијата од околу 25%.
Инаку, за да се складираат 1000-260=740 GWh/год. (од фотоволтаиците по 5 часа на ден) ќе треба инсталираната моќност да биде најмалку 400 MW, а не само најавените 330 MW. Очигледно Грците би ја граделе само ПАХЕ „Чебрен“, но не и „Орлов Камен“ или пак таа не би била реверзибилна ХЕ.