Левица: За општина Сарај законот за јазици не постои – ниту збор на македонски

Деновиве, поранешниот член на т.н „огнена група“ на ДУИ и градоначалник на општина Сарај – Блерим Беџети, на социјалните мрежи се пофали дека отсега седниците на советот на општина Сарај ќе се емитуваат онлајн со цел работата на советот да е „потранспарентна“.

Со започнувањето на онлајн емитувањето на седниците на Советот, стана јасно дека во општина Сарај се работи исклучиво на АЛБАНСКИ јазик. Ова е грубо прекршување на Законот за употреба на јазиците, кој патем беше донесен шверцерски, без потпис од Претседателот, а за кој, евидентно е дека, ниту општините предводени од шовинистичките албански партии, а што е пострашно, ниту институциите немаат намера да го спроведуваат. Работењето исклучиво на албански јазик исто така е спротивно и на Статутот на општината.

Дури и ваквиот шверцерски закон не беше доволен да ги задоволи големо-албанските апетити на национал-шовинистите од ДУИ кои постојано го прекршуваат. Имено, во конкретната ситуација го прекршуваат членот 9 со тоа што на граѓаните кои не се Албанци, а кои живеат во Сарај, како и останати граѓани кои сакаат да се информираат за работата во општина Сарај, им немаат обезбедено симултан превод.

Согласно членот 22 од истиот закон за ваков прекршок е предвидена парична казна од 4000 до 5000 евра, сепак, имајќи во предвид дека сите институции се заробени од Власта, особено што директорот на инспекторатот за употреба на јазиците, Фатмир Исени е сопартиец на Беџети, по се изгледа дека ќе нема кој да ја изврши законската должност и да изрече парична казна на одговорните во општината како и да се потруди општината да работи во согласност со Законот.

Ја потсетуваме јавноста дека Левица во својата програма се залага за: Донесување нов Закон за територијална организација на општините, кој нема да се заснова на поделба според етничката структура – како што е сега, што општините ги прави нефункционални – , туку ќе цели кон создавање функционални административно-територијални, економско-демографски и географски целини. – Се вели во соопштението на Секторот за Политички систем при политичката партија Левица

Последно