Како грците ќе печалат на нашата вода (или нашата глупост)

Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски

Во претходните постови, https://shorturl.at/aNRZ3 и https://shorturl.at/adfjF , ја анализиравме важноста на пумпно-акумулационата хидроелектрана (ПАХЕ) „Чебрен“ за акумулирањето на енергијата од фотонапонските (ФН) електрани, направивме приближна проценка на цената на складирањето на енергијата, ги разгледавме нашите опции за справување со електроенергетската криза во иднина во контекст на скорото престанување со работа на електраните на јаглен, како и централното место во новиот електроенергетски систем што би го имала ПАХЕ „Чебрен“ во спрега со идните ФН електрани.

Сега ќе разгледаме три сценарија за приходите и исплатливоста, поаѓајќи од следните појдовни податоци за моќноста и годишното производство на енергија на ХЕ „Тиквеш“ и ПАХЕ „Чебрен“:

ХЕ „Тиквеш“ (нашиот „чеиз“ за Грците)

– инсталирана моќност: 112 MW (при бруто пад од 100 m)

– средно годишно производство: 150 GWh/год.

ПАХЕ „Чебрен“

– инсталирана моќност: 333 MW (од протокот на Црна Река, при бруто пад 192 m)

– средно годишно производство: 288 GWh/год. (при истиот проток како во ХЕ „Тиквеш“)

– годишен капацитет за складирање на енергија: 602 GWh/год. (при дневно време на пумпање од 6 часа и дневно време на генерирање на електрична енергија од 5 часа).

Пресметките на приходите, расходите и инвестицијата ќе ги извршиме во денешни евра, односно нема да ја земеме во предвид временската вредност на парите. Во реалноста сите овие износи ќе се зголемуваат со текот на времето поради инфлацијата, т.е. растот на цените, но времето на поврат на инвестицијата би било приближно исти. Доколку каматната стапка на кредитите не е поголема од 1%-2% во однос на стапката на инфлација, грешката што ќе ја направиме со ова упростување нема да биде преголема, но и за тоа можеме да направие повеќе симулации доколку е потребна поточна пресметка.

Врз основа на расположливите информации ќе ги користиме следните претпоставки.

1. ПАХЕ „Чебрен“ би се градела 7 години, а по завршувањето на изградбата на грчката страна би и биле предадени на експлоатација во следните 60 години заедно ПАХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Тиквеш“.

2. Македонската страна нема да добива електрична енергија од ХЕ „Тиквеш“, додека од производството на ПАХЕ „Чебрен“ би добивала само 33% од енергијата. Доколку сака да користи од грчката енергија, би требало да ја откупува по пазарна цена, којашто моментално изнесува околу 110 EUR/MWh и со неа ќе ги вршиме понатамошните пресметки.

4. Цената на домашното производство од класична ХЕ („Чебрен“ во проточен режим) изнесува 53 EUR/MWh, а цената на складирањето на енергијата во ПАХЕ ја усвојуваме на ниво од 50 EUR/MWh (пресметката ја видовме во предминатиот пост).

5. За користењето на нашите води грчката страна би плаќала на македонската страна само 1% од пазарната цена на произведената енергија, односно околу 1,1 EUR/MWh.

6. Ќе сметаме дека грчката страна има доволно пари и дека нема да плаќа камата, додека доколку ние самите би ја граделе ПАХЕ, кон основната цена од 520 милиони евра би платиле уште 230 милиони евра камата (во денешни евра, инаку би биле и повеќе доколку ја земеме идната, временска вредност на парите).

7. За одржување (ремонти и плати) се предвидени 200 милиони евра според денешната вредност.

8. Македонската страна наместо парични средства ја вложува ХЕ „Тиквеш“ и се откажува од нејзиното производство на енергија.

Ќе ги разгледаме следните три сценарија:

а.) Ништо не се гради, односно ХЕ „Тиквеш“ ја експлоатираме самите во иднина како и досега

б.) Ги предаваме на Грците постоечката ХЕ „Тиквеш“ и новоизградената ПАХЕ „Чебрен“ на 60 години, а ние користиме 33% од производството и складирањето на ПАХЕ „Чебрен“

в.) Самите ја градиме на кредит ПАХЕ „Чебрен“ и целосниот капацитет за производство и складирање ни остануваат нам.

Резултатите од пресметките се дадени во трите табели на двете слики (да се кликне на нив за подобар преглед). Производството од протокот на Црна Река е даден во редицата ХЕ „Чебрен“, додека складирањето на анергијата со рециклирање на водата е даден во редицата ПАХЕ „Чебрен“. Нема да се задржуваме на објаснувањата на пресметките, бидејќи можат да се разберат од самите табели, туку ќе се задржиме на крајните резултати и заклучоците. Ефектите од разните сценарија ќе бидат разгледани од аспект на граќаните, државниот ЕСМ, како и на грчката страна.

1. Од гледна точка на граѓаните, поради откажувањето од 150 GWh/год. електрична енергија од ХЕ „Тиквеш“, која ќе мораме да ја купуваме од увоз, па дури и од предадента на Грците ХЕ „Тиквеш“, поради двојно поскапата цена на енергијата (110 EUR/MWh наместо 53 EUR/MWh) за 60 години граѓаните ќе имаат за 513 милиони евра поголем трошок. Така и тие индиректно, иако невидливо, ќе учествуваат во финансирањето на изградбата.

2. На местото од откажаните 150 GWh/год. од ХЕ „Тиквеш“, од ПАХЕ „Чебрен“ ќе добиваме само по 96 GWh годишно, оние од протокот на Црна Река. Тоа значи дека од готово ќе направиме вересија, односно ќе си ја дадеме поголемата куќа на 60 години за да станеме кираџии во помала куќа во изградба. После 60 години, пак, двете хидроелектрани ќе бидат целосно економски и технички амортизирани и ќе ни бидат потребни многу големи средства за нивна ревитализација и продолжување со производство.

3. Во првите 60 години од ПАХЕ „Чебрен“ ќе добиеме 110 MW инсталирана моќност (од протокот на Црна Река) и 199 GWh/год. капацитет за складирање на електрична енергија (од рециклирањето на водата во акумулациите), што ќе биде неколкукратно помалку од потребите за складирање на енергијата од новите фотонапонски електрани.

Како замена за РЕК „Битола“ и нивните 630 MW инсталирана моќност, ќе ни бидат потребни околу 1300 MW од фотонапонски електрани. Од тоа 600 MW би ги задоволувале дневните потреби за електрична енергија на државата, а останатите 700 MW би работеле за дневна акумулација (пумпање на водата во ПАХЕ „Чебрен“), што би се користела во вечерните часови. Значи, само за нашите потреби инсталираната моќност на ПАХЕ „Чебрен“ и идните реверзибилни хидроелектрани би требала да изнесува најмалку 700 MW, што е далеку повеќе од 110 MW, па дури и од 333 MW доколку новата ПАХЕ биде во целосна наша сопственост, односно дури после 60 години.

4. По 60 години големи се шансите дека ПАХЕ „Чебрен“ нема ни да ни биде повеќе потребна, бидејќи во меѓувреме најверојатно енергијата од нуклеарна фузија ќе стане достапна и економски исплатлива. Нам ни треба енергија сега веднаш, бидејќи производството од нашите ТЕЦ на јаглен ќе престане до 2030 година. Што ќе правиме тогаш, освен што да увезуваме скапа енергија од странство?

5. Од гледна точка на државата и ЕСМ, доколку се одлучиме за сценариото „б“ (заедничка изградба на ПАХЕ „Чебрен“ со Грците и отстапување на ХЕ „Тиквеш“), за 60 години наместо сегашните приходи од 477 мил. евра би имале вкупно 938 милиони приходи и би се стекнале со ново фиксно средство, ПАХЕ „Чебрен“, прилично амортизирана од време и работа, со вредност од најмногу 260 мил. евра, односно најмногу 50% од проценетата вредност при изградбата. Средниот годишен приход би изнесувал само околу 15,6 мил. евра/год.

6. Од гледна точка на Грците, работите изгледаат најубаво. За 60 години нивните вкупни приходи би изнесувале дури 3431 мил. евра, но би имале и трошок за изградба и одржување од околу 720 милиони евра денешни пари. Нивниот годишен приход би изнесувал околу 57,2 мил. евра, а со овие приходи вемето за исплата на инвестицијата би изнесувало само 12,6 години. Парите им се враќаат неверојатно брзо бидејќи за нив ќе работи и ХЕ „Тиквеш“ без никакви вложувања. Патем, ХЕ „Тиквеш“ на Грците за 60 години ќе им донесе 990 мил. евра приходи, без речиси никакви трошоци, односно повеќе од самата инвестиција за изградба на ПАХЕ „Чебрен“! Така „Чебрен“ за нив ќе претставува чист подарок од Македонија во наредните 60 години.

7. Конечно, да го разгледаме сценариото „в“, т.е. Македонија самата да ја гради и да стопанисува со ПАХЕ „Чебрен“. За 60 години нашите вкупни приходи од ХЕ „Тиквеш“ и ПАХЕ „Чебрен“ би изнесувале околу 3199 мил. евра, а трошоците за изградбата, одржувањето и каматите би изнесувале околу 950 милиони денешни евра. Веќе после 7 години би се стекнале со новата ПАХЕ и таа би останала наша засекогаш. Проценетата вредност со амортизација после 60 години би изнесувала околу 260 мил. евра. Годишниот приход од двете електрани би изнесувал околу 53,3 мил. евра, значително повеќе од 7,95, односно 15,6 мил. евра според сценаријата „а“ и „б“. Времето за отплата на инвестицијата би изнесувало околу 18 години, што е подолго отколку кај Грците. Токму споредбата помеѓу сценаријата „б“ и „в“ најдобро покажува колку многу губиме ако самите не ја градиме ПАХЕ „Чебрен“.

Иако погорните пресметки се упростени и ориентациони, многу очигледно ни покажуваат колку многу губиме со тоа што градбата, сопственоста и експлоатацијата би ја дале на Грците на толку долг период. Тука не е земена предвид користа што Грција ќе ја има со снабдувањето со вода за наводнување во летните месеци, а таа сигурно не е мала.

Од наша гледна точка, испуштените приходи не се единствената и најголемата штета. Најголема штета е што ние би останале без капацитет за складирање на енергијата од идните фотонапонски, но и ветерни електрани. Не помалку штета претставува загубата на енергетскиот суверенитет, односно нашата принуденост да купуваме скапа струја од увоз, по високи и непредвидливи цени. Доколку државата инвестира во сопствено производство, цената е стабилна, предвидлива и изведена од инвестиционите трошоци.

Најпосле, иако не и најмалку важно, останува доведувањето на земјата во подредена положба во однос на држава којашто никако не може да се нарече пријателска, после се што истрпевме од нив во минатото, а понижувања трпиме и денеска.

Исто така, чудно е што сето ова се прави на само неколку месеци пред изборите. Очигледно се смета на краткото паметење на народот и неразбирањето на работите, па оваа штетна зделка ќе биде предизборно прикажана како некаква „инвестиција“ и голем успех на властите. Населението, пак, излегува на протести поради случајот „онкологија“, додека во овој случај, за стомилионски штети во вид на испуштени приходи и урнисана енергетска иднина никој не се потресува. Останува да се надеваме дека се ќе се сведе само на предизбоен маркетинг и дека штетата нема да биде направена.

Заклучокот е јасен и недвосмислен: најдобро е ПАХЕ „Чебрен“ да ја гради и стопанисува ЕСМ, односно самата држава Македонија, со задолжување дома или во странство. Со помалку недомаќинско трошење на буџетските пари би можеле да го намалиме буџетскиот дефицит, па и задолжувањето заради изградбата би можело да се намали на помалку од 80 милиони евра годишно во следните 7 години. Доколку се откажеме од автопатиштата, товарот на отплатата би бил уште полесен. Задолжувањето може да биде и помало доколку државата пренасочи 2000-3000 моментално непродуктивни, буџетски финансирани луѓе на изградба на електраната. Наместо тоа, само годинава со ребалансот на буџетот се пренасочени 300 мил. евра се од капитални инвестиции (колку за половина „Чебрен“) во плати, пензии и којзнае уште какви предизборни трошења.

Изградбата на ПАХЕ „Чебрен“, како и изградбата на државни фотонапонски електрани претставува единствен спас на државата од енергетската криза, поточно катастрофа, што ќе не снајде после само 7 години доколку веднаш не преземеме ништо.

Последно