Извештајот на ЕКРИ за Македонија предизвика реакции во македонската јавност поради едностраниот пристап, без согледување на принципот на реципроцитет кога станува збор за почитувањето на правата на малцинствата. Академик Катица Ќулавкова смета дека европските институции треба објективно да ги претставуваат состојбите од реалноста, водејќи сметка за реципроцитетот вграден во меѓународните конвенции за малцинствата
Извештајот на Европската комисија за расизам и нетолеранција за состојбите во Македонија по темите што се во нејзина надлежност, особено во делот на забелешките за нетолеранција спрема оние што се чувствуваат како Бугари во земјава, со укинувањето на бугарските здруженија што беа именувани со имиња на фашистички соработници, ја доведува во прашање објективноста на оваа институција на Советот на Европа, како и толеранцијата спрема фашистичките провокации на европските институции втемелени на антифашизмот.
Навистина поголем дел од извештајот се однесува на загриженост за правата на ЛГБТИ-заедницата и меѓуетничките односи во контекст на говорот на омраза. Во однос на случаи на говор на омраза, во извештајот се посочува дека тие најчесто се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, но цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните мрежи, се и припадниците ЛГБТИ-заедницата и други етнички групи, како што се Ромите или Бугарите.
Кога станува збор за „антибугарскиот говор на омраза“, претставници на етничките Бугари во земјава со кои разговарала комисијата се пожалиле дека типичен стереотип што се користи е „етикетирањето на сите Бугари како фашисти“, а друга „широкораспространета навреда е насочена кон Бугарките, прикажувајќи ги како евтини проститутки“.
Комисијата посочува и дека „во неколку наврати имало насилство врз лица и организации на граѓани на Македонија што се самоидентификуваат како Бугари“, како и дека има „дерегистрација/распуштање на некои постојни бугарски културни здруженија“.
Во извештајот се наведува дека антибугарското насилство во земјава станало сериозно загрижувачки во последно време, особено по подметнувањето на пожарот во бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во јуни минатата година и по неколкуте напади врз бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, од кој едниот со огнено оружје. Во овој контекст се споменува и нападот на претседателот на згаснатиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.
– Во овој поглед, ЕКРИ не може, а да не забележи дека се појавува шема што предизвикува сериозна загриженост и бара итна и ефикасна акција од властите, не само со осуда на прибегнувањето кон говор на омраза и насилство и изведување на сторителите пред лицето на правдата, туку и со систематско и доследно спротивставување на антибугарскиот јавен дискурс, со цел да се запре и овој загрижувачки тренд – се наведува во извештајот на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата.
Извештајот на ЕКРИ за Македонија предизвика реакции во македонската јавност поради едностраниот пристап, без согледување на принципот на реципроцитет кога станува збор за почитувањето на правата на малцинствата. Академик Катица Ќулавкова смета дека европските институции треба објективно да ги претставуваат состојбите од реалноста, водејќи сметка за реципроцитетот вграден во меѓународните конвенции за малцинствата.
– Со ваквиот извештај на ЕКРИ, со забелешка за укинувањето на здруженијата во Македонија со фашистички предзнак, практично веќе јасно една европска институција стимулира и им дава поддршка на бугарските асимилаторски тенденции спрема Македонија, дури и кога се целосна негација на антифашизмот, вграден во темелите на ЕУ и европските институции. Се прашувам дали евентуално во извештаите на ЕКРИ за Бугарија и Грција би бил забележан односот на овие држави спрема етничките Македонци како малцинство. За ваквиот извештај и однос на европските институции спрема Македонија во голема мера и самите имаме вина, зашто не бараме реципроцитет во односот спрема малцинствата. Не само што не бараме реципроцитет туку сме длабоко навлезени во еден токсичен политички процес на вештачко креирање бугарско малцинство, додека се откажуваме од стотина илјади Македонци што се етничко малцинство во Бугарија. Како што се грижи за чувствата на тие 3.500 самодекларирани Бугари во Македонија, исто така треба да се грижи и за чувствата на стотина илјади Македонци во Бугарија, на кои не им се дозволува и да се декларираат дека постојат како Македонци. Европските институции треба објективно да ги претставуваат состојбите од реалноста, водејќи сметка за реципроцитетот вграден во меѓународните конвенции за малцинствата – вели академик Катица Ќулавкова.
Сепак, комисијата, како што се додава во извештајот, е свесна за контроверзноста на употребата на имињата Иван Михајлов и Цар Борис Трети во земјава, а во тој контекст ги посочува измените на Законот за здруженија и фондации, по чие усвојување овие две здруженија беа избришани од Централниот регистар. Но иако е „свесна за контроверзноста“ на употребата на имиња на фашисти за именување „културни здруженија“ се чини дека ЕКРИ со извештајот ги доведе во прашање антифашистичките темели на Советот на Европа, во чии рамки дејствува оваа институција.
Адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, смета дека за ваквиот тон на извештајот на ЕКРИ негативен придонес има и незаинтересираноста на македонската дипломатија за македонското прашање.
– Извештајот на Европската комисија за расизам и нетолеранција (ЕКРИ) е необјективен и тоа е поради апстиненцијата на македонската дипломатија по ова прашање. Македонската дипломатија не е заинтересирана за македонското прашање. Овој извештај е резултат на македонската политика веќе со години. Македонците не се предмет на интерес на дипломатијата што ја плаќаат. Офанзивниот став на бугарската дипломатија е да ја искриви реалноста пред меѓународната заедница и Македонците од жртви, сака да ги прикаже како сторители. Или, непочитувањето на човековите права во Бугарија врз Македонците, официјална Софија сака да го прикаже како непочитување на правата на Бугарите во Македонија.
Она што е страшно е што Советот на Европа поддржува формирање здруженија на граѓани со фашистички предзнак, а самото по себе е спротивно и контрадикторно на практиката на Судот на Советот на Европа, односно Европскиот суд за човекови права. Се поставуваат неколку прашања: дали Советот на Европа веќе го губи приматот на организација што е формирана на темелите на антифашизмот?, дали македонската дипломатија ќе реагира соодветно на овој извештај?, дали ние Македонците, треба да го бараме излезот во други меѓународни текови, како БРИКС? – вели адвокатот Тони Менкиноски.