Соопштение на Протест против амнестија со измените во Кривичниот законик
Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем.
На Македонија и е потребна нова, некорумпирана генерација правници. Но страв ни е дека додека ние, како актуелни студенти, стасаме до позиции на правораздавачи – правдата ќе стане мисловна именка.
Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава.
Затоа ги повикуваме сите студенти, професори, граѓани да се приклучат на протест во понеделник во 18:00 часот пред Влада!
Доста е од злоупотреба на европското знаме, затоа бараме и сметаме дека е нужно некој конечно да одговара за ваквите фалсификувања.
Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем.