Претходниот дел: https://lenka.mk/left_literature/skladira%d1%9ae-i-akumulaczi%d1%98a-na-chovekovata-aktivnost-fredi-perlman/
Преобразбата на вишокот на вредност во Капитал е специфичен историски облик на еден поширок процес, процесот на индустријализација, постојаната преобразба на човековото материјално опкружување.
Одредени суштински карактеристики на оваа последица на човековата активност во капитализмот можат да бидат сфатени преку поедноставени илустрации. Да речеме дека во едно замислено општество, луѓето поголемиот дел од својата активност го трошат за производство на храна и други неопходни нешта; само дел од нивното време е „вишок на време“, во смисла дека е ослободено од производството на неопходните ствари. Овој вишок на активност може да биде посветен за производство на храна за свештениците и воините кои самите не произведуваат; може да биде искористен за производство на добра кои се трошат во свети прилики; може да биде искористено за изведување церемонии или гимнастички вежби. Во кој било од овие случаи, не е веројатно дека материјалните услови на луѓето ќе се променат, од една во друга генерација, како резултат на нивните секојдневни активности. Меѓутоа, една генерација на луѓе од ова замислено општество може да го складира трудот наместо да го троши. На пример, тоа вишок на време можат да го користат за намотување пружини. Следната генерација може да ја искористи енергијата складирана во овие пружини за да изврши некои задачи, или едноставно може да ја искористи енергијата за да намота други пружини. Во кој било случај, складираниот вишок на труд од претходните генерации ѝ обезбедува на новата генерација поголемо количество на вишок на работно време. Новата генерација може да го складира овој вишок во пружини или други нешта. За релативно краток период, трудот складиран во пружините ќе го надмине расположливиот труд на сите живи генерации; со трошењето на релативно малку енергија, луѓето на ова замислено општество би биле во можност да ги употребат пружините за најнеопходните работи, а исто така и за намотување нови пружини за генерациите што доаѓаат. Повеќето од часовите кои претходно ги трошеле за производство на неопходните нешта сега ќе бидат расположиви за активности кои не се наложени од неопходноста туку определени од имагинацијата.
На прв поглед се чини неверојатно дека луѓето би ги посветиле животните часови на такво бизарно нешто како намотувањето пружини. Изгледа исто толку неверојатно, дури и ако ги расипуваат пружините, дека би складирале за идните генерации, бидејќи одмотувањето на пружините би можело да обезбеди, на пример, прекрасен спектакл за време на празници.
Меѓутоа, ако луѓето не се ослободеа од своите сопствени животи, ако нивната работна активност не беше нивна, ако нивната практична активност не се состоеше од присилен труд, тогаш човековата активност би можела да се сведе на рутинската работа на намотување пружини, задачата на складирање работно време во материјални предмети. Историската улога на Капитализмот, улога која е изведувана од страна на луѓе кои ја прифатиле легитимноста на други да се ослободуваат од нивните животи, се состои токму од складирање на човечка активност во материјални предмети преку присилен труд.
Штом луѓето се покорат на „моќта“ на парите да купуваат складиран труд како и жива активност, штом го прифатат измисленото „право“ на сопствениците на пари да ја контролираат и да ја распоредуваат складираната исто како и живата активност на општеството, тие ги трансформираат парите во Капитал и сопствениците на пари во Капиталисти.
Двојното отуѓување, отуѓувањето на животната активност во облик на наемен труд, и отуѓувањето на активноста на минатите генерации во облик на складиран труд (средства за производство), не е единствен чин кој се случил некогаш во историјата. Односот меѓу работниците и капиталистите не е нешто што му се наметнало самото по себе на општеството во некој момент во минатото, еднаш и засекогаш. Никогаш луѓето не потпишале договор, или пак вербално се согласиле да се откажат од моќта над животната активност на сите идни генерации во сите делови на светот.
Капиталот ја носи маската на природна сила; тој се чини исто толку цврст колку и самата земја; неговото движење изгледа неповратно како времето; неговите кризи се чинат неизбежни како земјотресите и поплавите. Дури и кога се признава дека моќта на Капиталот потекнува од луѓето, тоа се користи само како повод за изнаоѓање на уште повеличествени фикции, за некаква маска на сила создадена од човекот, налик чудовиштето на Франкештајн, чија моќ предизвикува повеќе стравопочит од онаа на која било природна сила.
Меѓутоа, Капиталот ниту е природна сила ниту чудовиште создадено од човекот некогаш во минатото, кое оттогаш доминира со човечкиот живот. Моќта на Капиталот не лежи во парите, бидејќи парите се општествена конвенција која нема повеќе „моќ“ отколку што луѓето се подготвени да ѝ дадат; кога луѓето одбиваат да го продаваат својот труд, парите не можат да ги извршуваат дури ни наједноставните задачи, бидејќи парите не „работат“.
Моќта на Капиталот не лежи ниту во материјалните предмети во кои е складиран трудот на минатите генерации, бидејќи потенцијалната енергија складирана во тие предмети може да биде ослободена од страна на активноста на живите луѓе без разлика дали тие предмети претставуваат Капитал или не, т.е. отуѓена „сопственост“. Без животната активност збирот на предмети кои го сочинуваат општествениот Капитал би бил само расфрлен куп на избрани артефакти без сопствен живот, а „сопствениците“ на Капиталот би биле само расфрлан избор од необични некреативни (истренирани за такво нешто) луѓе кои се опкружуваат со парчиња хартија во празен обид повторно да ги заживеат спомените на минатиот сјај. Единствената „моќ“ на Капиталот лежи во секојдневните активности на живите луѓе; оваа „моќ“ се состои од склоноста на луѓето да ги продаваат своите секојдневни активности во замена за пари, и да се откажат од контролата над производите на нивната сопствена активност и активноста на претходните генерации.
Штом одредена личност ќе го продаде својот труд на капиталистот и прифати само дел од неговиот производ како надоместок за тој труд, тој создава услови за купување и експлоатирање на други луѓе. Ниту еден човек доброволно не би ја дал својата рака или своето дете во замена за пари; сепак кога човек намерно и свесно го продава својот работен живот со цел да ги задоволи неопходните потреби во животот, тој не ги репродуцира само условите кои продажбата на неговиот живот продолжуваат да ја прават неопходност за опстанок; тој исто така создава услови кои продажбата на животот ја прават неопходност и за други луѓе. Следните генерации, се разбира, би можеле да одбијат да ги продаваат своите работни животи од истата причина заради која тој одбил да ја продаде својата рака; сепак, секој неуспех во одбивањето на отуѓениот и присилен труд ја зголемува количината складиран труд со кој капиталот може да купува работни животи.
Со цел да го трансформира вишокот труд во Капитал, капиталистот мора да пронајде начин да го складира во материјални предмети, во нови средства за производство, како и да најми нови работници кои ќе ги активираат новите средства за производство. Поинаку кажано, тој мора да го зголеми своето претпријатие, или да отвори ново во друга гранка од производството. Ова претпоставува или наложува постоење на материјали кои можат да бидат обликувани во нова стока за продажба, постоење на купувачи на новите производи и постоењето на луѓе кои се доволно сиромашни да бидат подготвени да го продаваат својот труд. Овие услови се создадени од капиталистичката активност, а капиталистите не знаат за граници или пречки во нивната активност; демократијата на капиталот изискува апсолутна слобода. Империјализмот не е само „последната фаза“ на капитализмот; таа е истовремено и првата.
Сè што може да се претвори во пазарно добро претставува жито за Капиталистичката мелница, било да се наоѓа на земјата на самиот капиталист или кај соседот, над или под земја, пловејќи по морето или ползејќи на дното; било да е ограничено на други континенти или други планети. Сето истражување на природата од страна на човештвото, од алхемијата до физиката, е мобилизирано во потрага по нови материјали за складирање на трудот, во потрага по нови предмети што некој може да ги купи.
Купувачите за стари и нови производи се создаваат со сите расположиви средства и постојано се откриваат нови средства. Постојано се создаваат „отворени пазари“ и „отворени врати“ преку принуда и измама. Ако луѓето немаат средства да ги купуваат капиталистичките производи, тие се најмени од страна на капиталистите и се платени да ги произведуваат добрата коишто сакаат да ги купат; ако локалните занаетчии веќе го произведуваат она што капиталистите треба да го продаваат, занаетчиите се уништуваат или откупуваат; ако законите или традицијата го отфрлаат користењето на одредени производи, законите и традицијата се уништуваат; ако луѓето ги немаат предметите со кои можат да ги користат капиталистичките производи, тие се подучуваат како да ги купат тие предмети; ако луѓето ги истрошат своите физички или биолошки желби, тогаш капиталистите ги „задоволуваат“ нивните „духовни желби“ и најмуваат психолози да ги создадат; ако луѓето се дотолку заситени од производите на капиталистот што не можат повеќе да користат нови предмети, тие се подучуваат да купуваат предмети и спектакли кои немаат никаква употреба туку едноставно можат да се посматраат и восхитуваат.
Сиромашни луѓе можат да се најдат во предземјоделските и земјоделските општества на сите континенти; ако не се доволно сиромашни за доброволно да го продадат својот труд кога ќе пристигнат капиталистите, тогаш тие се осиромашуваат преку активностите на самите капиталисти. Земјата на ловците постепено станува „приватна сопственост“ на „сопственици“ кои користат државно насилство за да ги ограничат ловците во „резервати“ кои не содржат доволно храна за да преживеат. Алатите на селаните постепено стануваат достапни само од истиот трговец, кој великодушно им позајмува пари со кои можат да ги купат алатите, сè додека „долгот“ на селаните не стане толку голем за тие да бидат принудени да ја продадат земјата која ниту тие ниту нивните предци некогаш ја купиле. Купувачите на производите на занаетчиите постепено се префрлаат кај трговците кои ги продаваат производите, сѐ до денот кога трговецот ќе го вдоми „неговиот занаетчија“ под ист покрив, каде што ќе им ги обезбеди средствата кои ќе им овозможат да ја насочат својата активност на производство на најпрофитабилните производи. Независните исто како и зависните ловци, селани и занаетчии, слободните луѓе како и робовите, се преобразуваат во наемни работници. Оние кои претходно ги дале на располагање сопствените животи поради суровите материјални услови, престануваат да ги дават на располагање своите животи кога ќе ја преземат задачата на модифицирање на своите материјални услови; оние кои претходно биле свесни креатори на својот скуден опстанок стануваат несвесни жртви на сопствената активност дури и кога ја отфрлаат скудноста на нивниот опстанок. Луѓето кои биле големи но имале малку, сега имаат многу но се мали.
Производството на нови стоки, „отворањето“ нови пазари, создавањето на нови работници, не се три одделни активности; тоа се три аспекти на истата активност. Новата работна сила се создава токму со цел да произведува нови стоки; самите наемнини што ги добиваат овие работници се новиот пазар; нивниот неплатен труд е извор на нова експанзија. Ниту природните ниту културните бариери не го спречуваат ширењето на Капиталот, преобразбата на секојдневната активност на луѓето во отуѓен труд, преобразбата на нивниот вишок на труд во „приватна сопственост“ на капиталистите. Меѓутоа, капиталот не е природна сила; тој е збир на активности извршувани секојдневно од страна на луѓето; тој е облик на секојдневен живот; неговото континуирано постоење и експанзија претпоставува еден суштествен услов: склоноста на луѓето да продолжат да ги отуѓуваат своите работни животи и на тој начин да го репродуцираат капиталистичкиот облик на секојдневен живот.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/perlman/1969/sekojdneven-zivot.htm