Прекинот на патничкиот и товарниот железнички сообраќај во Македонија продолжува, а машиновозачите го демантираат вчерашното соопштение на раководството на Железници на РМ-Транспорт дека платата на машиновозачите изнесувала 60.000 денари.
Претседателот на Синдикатот на машиновозачи и претставник на машинскиот персонал, Тони Димовски во изјава за Мета.мк вели дека основната плата на машиновозачите е 23.000 денари, и но дека не е точно оти инженерите имаат лични примања од 21.000 денари.
Димовски потенцира дека догодина неговата основна плата ќе биде еднаква со минималната плата во земјава, што значи дека машиновозачите, кои имаат огромни одговорности, ќе работат за минималец. Тој додава дека вториот дел од платата на јули не е исплатен, иако дојде и крајот на август, а законскиот рок за исплата на платите е до 15-ти во месецот.
Сепак, редовната исплата на платите е само едно од барањата на машиновозачите. Тони Димовски вели дека бараат измени и дополни на систематизацијата за коефициенти на работните места. Како што информира тој, раководството доделило 240 решенија со зголемени коефициенти за дел од вработените, кои ќе значат и покачување на нивните плати. Следствено на ова, и тие како машиновозачи бараат покачување на коефициентите.
Претседателот на Синдикатот на машиновозачи информира дека бојкотот на машиновозачите значи дека сите колеги доаѓаат на работа, но не ги извршуваат работните обврски. Тие очекуваат да бидат повикани на разговор од раководството на Железници на РМ-Транспорт за остварување на нивните барања. Во меѓувреме, прекинот на железничкиот сообраќај продолжува.
Превземено од: rabotnik.com.mk