Реакција на Левица – Сектор Сообраќај
Не е тајна дека во Република Македонија на месечно ниво има над илјада регистрирани камиони кои вршат извоз на индустриски добра од Албанија во Македонија со цел да се задоволат потребите на македонската економија.
Меѓутоа, со заобиколување на Законот за превоз во патниот сообраќај, албанските превозници на црно работат и вршат превоз на стока/материјали во внатрешноста на Република Македонија.
Според член 74 од Законот на превоз во патниот сообраќај, странски превозник може да изврши внатрешен превоз на стоки меѓу одделни места во Република Македонија (каботажа) само ако за таков превоз добие посебна дозвола. Странскиот превозник барањето за дозвола го поднесува кај органот надлежен за транспорт во земјата во која има седиште, а истиот го доставува до Министерството за транспорт и врски во Република Македонија.
Влезот на тешките товарни возила кои носат материјали кон Македонија, прво се упатуваат од граничниот премин Св. Наум па преку Битола до село Возарци и наместо по истиот пат да се упатат назад, тие продолжуваат кон Градско каде што се врши ископ на песок, товарениот песок се носи до Струга и преку граничниот премин Ќафасан ја напуштаат Република Македонија.
Во останатите држави во регионот строго е забрането вршење на внатрешен превоз на странски државјани, доколку превозникот нема издадена дозвола од задолжениот орган следува запленување на возилото и притвор за лицето кое го управува товарното возило.
Бидејќи Министерството за транспорт и врски нема објавено колку дозволи за вршење на внатрешен превоз од страна на странски државјани се имаат издадено за 2023 година, јавно го повикуваме министерот Бочварски да го изнесе овој податок и да каже зошто се даваат вакви привилегии на албанските превозници додека македонските превозници се оставени на цедило.