Пишува: Петар Здравевски – студент на Филозофскиот факултет при УКИМ
Г-ѓо Јованка Тренчевска желбата за минимална пензија од 20 илјади денари не би требало да биде сметана за “нереална” кога говориме за лица кои цел живот го дале на работа и развојот на Македонија, а да не заборавиме дека овој проблем не’ опфаќа и нас децата на самохрани родители приматели на семејна пензија.
Министерката, ужива во приходи кои се поголеми од барем тројца-четворица пензионери заедно. Ова покажува нееднаквост во приходите и игнорантски однос да се разберат потребите и грижите на оние кои живеат со минималната пензија. Истата личност која има покачување на плата од 78% вели дека е нереално пензионерите да добијат минимална пензија од 20 илјади денари.
Тренчевска е инаку дипломиран социолог, а нас на факултет не’ учат како социолозите треба да ги разберат потребите и проблемите на различните социјални групи, вклучително и сиромашните. Можеби е време да си го повторите наученото од учебниците, бидејќи социологијата не само што се изучува, туку и треба да се живее во практика, г-ѓо Тренчевска.
Протестите на пензионерите не се само за бројки на хартија, тие се за човечност и достоинство. За Тренчевска сумата од 13300 денари минимална пензија е само бројка, бидејќи таа не може да го осети животот и грижите на оние што живеат со тој беден износ.