Спас Банџов е роден 1904 година од родители Наум Банџов и Ленка Банџова род. Талева кои во тоа време живееле во Битола фамилијарно, каде се раѓа Спас како трет син на истите. Татко му до тоа време се занимава во Битола како рибар – матрапас. След година-две целата фамилија пак си се враќа во Охрид каде им се раѓаат уште три машки деца од кои последното им умрело. Спас растејќи како дете во едно такво многучлено семејство со скромни приходи и за тоа време завршил само трети клас гимназија во време на Првата светска војна. След тоа го напушта училиштето (веројатно поради материјалното состојание на семејството) и тој како дете веќе почнува да привредува со рибарство и земјоделие со малкуто сопствена земја која е имал татко му како и сите, по она време домаќинства во Охрид што покрај занаетот имале и по малку земја. Таткото Наум, оптоварен со повеќе деца и плус тоа вдовец, зашто мајка му на Спас умрела 1913 година, решава со голема болка на душата да испрати две деца (т.е. Спас и Јонче, роден 1906 год.) во Романија на печалба во 1921 год., но не ги испраќа тукутака на чиста печалба ама ги испраќа при внука од сестра „да се малку овештат” и да научат занает шеќерџиски. Но во зимата 1922 год. умира и таткото Наум кој не успеа да си ги прибери назад децата.
Спас и Јонче остануваат за секогаш во туѓина. Осетувајќи го тешкиот печалбарски живот Спас, како поголем, веќе дванаесетгодишно дете решава барем да знае зошто е на печалба да оди во Америка, оставајќи го брата си Јончета при братовчедата со извесна годишна награда плус опскрбен со стан и храна сè додека не го земе и него тамо. И така през есента на 1924 год. заминува преку Франција за Куба бидејќи уште тогаш за влез во САД се бараше гаранција која тој ја немаше. Во Хавана на Куба тој останува 6-7 месеци работејќи на една железнопатна линија. Пролетта на 1925 год. тој со една група од четириесетина души решаваат да заминат илегално во САД. Патувале пет дена до Флорида со некаков едрењак и пред да се доближат до обалата ги открива американската патрола и сите ги затвораат.
Во затворите на САД проведуваат шест недели од каде им се јавува на братјата во Охрид (Димчета и Андона) и на Јончета во Романија град Лугош, меѓу другото со следното содржание: „Американските власти од овде ќе нè вратат етапно по истиот пат како сме пристигнале“ и така го враќаат назад во Хавана пак во затвор каде останува исто 6-7 недели и од затворот пак се јавува на братјата во Охрид и во Романија на Јончета, пак меѓу другото со следното содржание: „Од Хавана ќе нè вратат секако кој од каде е родом или кој од каде се укрцал во брод од Европа“. И така Спас повторно по неволја пристигнува во Франција каде го пуштаат слободно, дали сака да остане тамо, или сака ли да си оди дома. Знаејќи ги приликите во Охрид како дома така и од српските власти, решава да остани во Франција.
След оваа Одисеја Спас се јавува слободен од гратчето Ла Палис. За првпат во тој град постапува на работа во една ортомџиска фабрика (ужара). Во таа фабрика работи околу една година и тука за првпат се запознава со синдикатите, заживува во работничкото движење, станува активен соработник на напредното движење и воопшто со напредните идеи во Западна Европа во тоа време. Во 1926 год. се префрлува со работа во железарна фабрика во истиот град Ла Палис каде стекнува уште поголеми сознанија во напредното движење и станува поорганизиран и поактивен во тоа. И така како општ фабричен работник стално живи во Франција сè додека не го откриле властите дека е активен соработник на синдикалното и комунистичко движење. Во зависност од владите и режимот кои се менувале во Франција, така и тој бил кога притворуван кога слободен. Но през време на 1927 год. често пати (кога било густо) одел во Белгија и се враќал назад во Франција. Во 1928 год. се настанил за постојано во Бруксел (Белгија) каде се и оженува за Луиз ван Коте во 1932 год., исто работничка, која и денес уште живее во Бруксел. През тој период след 1928 год. тој со некој ортаци почнува да работи приватно некакви сандали плете и како таков егзистирал. За тоа време сè до 1937 година неговиот дом бил како илегална ќелија – јатка (прихватна станица) за илегалци, за доброволци за Шпанската граѓанска војна, како за Југословените, така и за Бугари и други народности кои идале од Советскиот Сојуз за Шпанија, а и за други кои се најдувале во Белгија, Холандија и други држави.
Кон половината на 1937 год. решава и тој да замине за Шпанија. След кога излиферува извесна количина на сандали во Лиеж од каде му јавува на брат му Андона дека утредента заминува за Шпанија и на верно след 5 дена Андон зема една разгледница испратена од Спас од Париз, а след тоа му се јавува од Мадрид често пати на таа коресподенција од Мадрид, туку оди преку жената му т.е. преку Бруксел, а сè тоа заради ненародниот режим на бивша Југославија. Но сепак властите на бивша Југославија докучиле за тоа дописување на браќата и заради тоа Андон бил преселуван со фамилија како геометар од Охрид во Ниш каде беше преместен сè до 1941 год. до падот на Југославија.
Во Шпанската граѓанска војна Спас прво се бореше на Мадридскиот фронт, после тоа е префрлен на Теруелскиот фронт. Тамо добил чин поручник. По престојување во Шпанија од околу 15-16 месеци Спас сериозно заболува од стомачни болести и во 1938 год. се враќа во Бруксел.
Таму останува уште една година и во текот на септември 1939 год. фамилијарно со жената Лујза се преселува во Софија. Пред да се реши да оди во Софија се распитал во тогавашата југословенска амбасада во Бруксел дека сака да се настани во Белград, но дали може да оди тамо бидејќи не служел кадровски рок. Од југословенската амбасада му рекле дека може да оди, ама ќе биде земен три години војник зашто ќе го сметаат за дезертер и така тогаш тој решава да оди во Софија. Во Софија тој работи во некоја фабрика ето така колку да се води дека е на работа, а повеќе да разбере каква е свеста на бугарскиот работник, додека жената му отвора модни салон за женски шапки. Во Софија Спас се најдува со свои другари од Белгија, како и со оние кои оделе преку него од Советскиот Сојуз за Шпанија. Со ними е продолжува илегалната работа во Комунистичката партија на Бугарија.
Во 1941 год. през месец јули Спас со жената му и со жената на брат му Андона со три деца (додека сам Андон останува на служба во Софија) за прв пат после 20 години идат во родниот си град Охрид за кусо време од еден месец. Пред да тргнат за Охрид барал совет од брат му Андона со кого да се поврзи во Охрид и тој му рекол: „Прво ќе се најдеш со Пера Пирузета, а след тоа тој ќе те поврзе со други.“ И на верво тој овде во Охрид се поврзува со Пера Пирузета, направиле неколку состаноци во неговиот татков дом како и на други места. През втората половина на август 1941 год. се враќа во Софија и продолжува со илегалната работа. Идат во Охрид уште два-три пати, но повторно заболува сериозно и през пролетта на 1942 год. се подвргнува на операција од чир во стомахот, но му констатираа и рак и така на 4-5 месеци след операцијата на 15 август 1942 година умира во татковиот дом во Охрид.
Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/spanija/bandzov.htm