Кина испрати уште еден тим астронаути во својата вселенска станица Тијангонг (Небеска палата).
Астронаутите, кои во Кина се наречени таиконаути, полетаа со вселенското летало Шенжу 16 од космодромот Џиукуан во северозападниот дел на земјата. Тие полетаа во вселената со ракетата Долгиот Марш 2Ф („Long March 2F).
Меѓу тројцата астронаути е и научникот Гуи Хаичао од Универзитетот Беиханг, кој е прв цивил во кинеската вселенска историја. Се очекува тој да спроведе експерименти на станицата. Сите други кинески астронаути досега беа припадници на кинеската војска.
Другите двајца астронаути се Џинг Хаипенг, кој со својот четврти вселенски лет има завршено повеќе мисии од кој било друг кинески вселенски патник, и инженерот за летови Жу Јангжу.
Тројцата астронаути од Шенжу 16 ќе останат на станицата пет месеци.
Сегашниот екипаж од вселенската станица треба да се врати на Земјата во сабота, но датумот не е официјално потврден.
Кина сака да ги достигне САД и Русија
Новата мисија е драгоцено искуство за Кина, која ја потврди својата желба да испрати човек на Месечината до 2030 година.
Кинеската влада инвестира милијарди во својата амбициозна вселенска програма со цел брзо да ги достигне големите вселенски нации САД и Русија. Во иднина, Кина, исто така, планира да пречека странски астронаути во својата вселенска станица. Има проекти за соработка, меѓу другото, со Вселенската канцеларија на ОН, Европската вселенска агенција ЕСА и „идните“ вселенски нации.
Превземено од: https://www.dw.com/mk/kina-za-prvpat-isprati-civil-vo-vselenata/a-65768149?maca=maz-rss-maz-cul_timemk-4721-xml-mrss