Говор по повод студентските демонстрации [Јосип Броз Тито]

По повод заедничката седница на Претседателството и Извршниот комитет на ЦК СКЈ, генералниот директор на Радиотелевизија Белград, Здравко Вуковиќ, го замоли претседателот на Републиката и претседател на Сојузот на комунистите на Југославија, другарот Јосип Броз Тито, да говори за прашањата што се предмет на денешната седница. Претседателот Тито рече:

Со оглед на тоа што денес тука [во Белград] се одржува заедничка седница на Претседателството и Извршниот комитет на ЦК СКЈ, ја користам можноста да ѝ упатам на јавноста неколку збора, да објаснам за што всушност се работи. Ќе се вратам малку назад. Во прв ред, сакам да кажам дека ние, проблемите што се напуштени, а кои многу бавно ги решаваме, веќе кон крајот на март ги имавме како предмет на дискусија на заедничката седница на Претседателството и Извршниот комитет на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија. Тогаш заклучивме дека треба да се согледаат сите елементи. Тоа беа главно прашањата на стопанството, а и прашањата на општествената реформа. Решено е да се изврши сестрана анализа за да видиме со што располагаме и на што треба да му се даде приоритет.

Јосип Броз Тито

Втората седница на Претседателството и Извршниот комитет на ЦК СКЈ е одржана на 20 мај, на која поконкретно пријдовме и дојдовме до единствено гледиште дека ситуацијата е толку созреана што, ако итно не преземеме соодветни мерки, за кои веќе разговаравме, таа може уште повеќе да се влоши. Тогаш решивме да формираме комисија и ние ја формиравме. Таа имаше задача да изврши анализа и да подготви материјал во врска со прашањата што беа на дневниот ред. Беше договорено тоа да се изврши до 14 јуни. Но, настаните се развија многу побрзо, и тие нè испреварија.

Освен тоа, ни резултатите од седницата не беа поопширно објавени во печатот, туку само кратко, така што јавноста не можеше да добие вистинска слика за што се расправаше и што е заклучено. Тоа беше наша грешка. Но, бидејќи настаните, уште еднаш повторувам, нè испреварија, ние денес мораме да ја одржуваме оваа седница и по повод настаните на Универзитетот, што се само еден дел од проблемите за кои мислам, дека се многу поважни прашања на самоуправувањето во претпријатијата и работните колективи — и што, исто така треба итно да се решат. Јас не ги потценувам тие работи и сметам дека студентите многупати можеле да видат дека не сме биле со многу остер слух кога ни говореа дека би требало и кај нив некои работи побрзо да се решат. И јас за тоа не им забележувам. Јас го разбирам нивното незадоволство и сметам дека овојпат тие работи ќе ги решиме онака, како што тоа нашата социјалистичка заедница може да го направи.

Кога станува збор за тоа, дали студентските демонстрации нè испреварија, се истакнува прашањето, дали тука има некоја политичка забуна, дали некој стои зад тоа, иницијативата, што ние ја покренуваме, да се истргне од нашите раце за да се прават тогаш врз тоа политички капитали. Јас во тоа не можам да навлегувам. Но, јас само едно велам дека, навистина, беше крајно време, пред сè, да се отстрани бавноста, што доаѓаше до израз во решавањето на разни проблеми, и недоволното единство меѓу раководните луѓе во спроведувањето на тие мерки. Кога се работи за согледување на заклучоците тоа единство постои. Но, во примената на тоа во практиката — едноставно не постои; секогаш има некакви забелешки и посебни гледишта.

Стопанската и општествена реформа токму во овој момент бара многу поефикасни мерки и многу побргу за решавање на проблемите, за да може да им се даде перспектива на луѓето и покрај тешкотиите што постојат. Зашто, постојат можности ние веќе денес да го согледаме приоритетот на оние мерки што е потребно да се преземат за да се подобрат условите на животот и работата на работничката класа. Јас, овде, во прв ред, говорам за производителите, за работничката класа, бидејќи е потребно да се знае каде, што и колку можеме да земеме, за да обезбедиме средства за решавање на актуелните проблеми, како што се подобрување на положбата на производителите, прашањето за запослувањето, потоа отстранувањето на некои крупни несоцијалистички појави, што во нашата земја сè повеќе доаѓаат до израз. Покрај тоа, се работи за цела низа и други проблеми на чие што решавање, навистина, повеќе не може да се чека, ниту да се одолговлечува.

Студентски демонстрации во Југославија

Да речеме, во решавањето на школството ние низа години се вртиме во круг. Ни до денес не успеавме тоа прашање да го решиме. Особено, на високите школи. Посебно е прашањето на запослувањето на млади луѓе кои завршуваат универзитет и кои стручно се оспособени. Значи, и на самиот систем на самоуправувањето на универзитетите. Јас мислам дека, во прв ред, должноста на професорите и студентите, кои се наоѓаат на универзитетите, е да ни помогнат во развивањето на самоуправувањето на универзитетите. Пред да се одржи конференцијата на Сојузот на студентите на Југославија, кај мене беше една делегација. Јас тогаш укажав на тие проблеми и го изнесов своето мислење за тоа како би требало тие проблеми што побрзо да се решаваат и ги предупредив членовите на делегацијата на она што мислиме да го направиме. За тоа имаше малку објавено, многу малку тоа на студентите им е објаснето.

Со оглед на ова што се случи во последно време — демонстрации на студентите — сакам да го кажам своето мислење. Јас за тие демонстрации, размислувајќи во текот на демонстрациите за сè што на тоа му претходеше, дојдов до уверување дека револтот што постоеше кај младите луѓе, кај студентите, дојде спонтано. Но, дека постепено, како тие демонстрации се развиваа и, потоа, се пренесоа од улиците во аулите и салите на Универзитетот, дојде до извесно инфилтрирање на разни на нас туѓи елементи што не стојат на социјалистички позиции, кои не се на позициите на Осмиот конгрес на Сојузот на комунистите, кои не се за спроведување на стопанската реформа. Со еден збор, дојде до инфилтрирање на оние елементи кои сакаа оваа ситуација да ја искористат за свои цели. А тука има разни тенденции и разни елементи, од најреакционерните па до оние најекстремните лажно-радикални елементи кај кои има одзив Маоцетунговата теорија. Меѓутоа, јас дојдов до уверување дека огромен дел, можам да кажам 90 отсто од студентите е чесна младина за која ние не водевме доволно сметка, во која ние гледавме само ученици, само ученици во училиштата, а за кои уште не е време да се вклучат во општествениот живот на нашата социјалистичка заедница.

Тоа беше погрешно. Ние нив ги оставивме сами. Таа своја грешка ние ја согледуваме.

На денешната седница на Претседателството и Извршниот комитет на ЦК СКЈ е водена мошне сериозна и темелна дискусија. Нема ниеден човек — а на седницата имаше 55 раководни другари — чие мислење би се разликувало по прашањето на студентските проблеми, материјалната состојба, решавањето на запослувањето на младите стручњаци кои ги завршуваат факултетите, по прашањето на неоправдано богатење на разни луѓе во поглед на разни несоцијалистички појави, како што е, на пример, градбата на приватна фабрика. Ние тоа најенергично го осудуваме и такви слични работи нема да се дозволуваат.

Студентски демонстрации во Југославија

Предмет на денешната дискусија е и цела низа други прашања, за кои јавноста ќе биде запозната. Сега се работи врз насоките што ние ќе ги објавиме, утре или по некој ден. Тогаш секому ќе му биде јасно што е заклучено на оваа седница. Ќе му биде, исто така, јасно секому, дека ја примаме сета одговорност, оти тоа ќе се спроведе во животот. А за оној меѓу нас, кој со тоа не би се согласувал, кој евентуално по овие одлуки би одел по поинаков правец и би изразувал некои свои посебни погледи, наместо во полна мерка да се заложи за извршување на нашите одлуки — за него нема место меѓу нас. Ние решивме да го засилуваме единството на нашите народи, не формално, туку вистинско единство, и за тоа денеска овде да донесеме цврста одлука. Тоа единство мора да биде такво, најефикасно да дејствува за извршување на сите проблеми што денеска нè мачат и со кои се суочува нашата заедница.

Мислам, дека настаните до кои дојде во Нов Белград, многумина од нас ги удрија по глава, некои повеќе — некои помалку. Се чини дека луѓето малку се сепнаа, и дека им светнаа пред очите и во главите, сфаќајќи што би можело да се случи кога работничката класа не би била толку свесна, кога не би ги видела тешкотиите на кои таа самата наидува, па би презела извесни чекори што не би биле во согласност со нашите односи во социјалистичкото општество.

Но, другари, ние не смееме врз работничката класа да се фрли премногу голем товар и да очекуваме таа да мора мирно да чека и слуша. Со нашите одлуки ние зафаќаме многу широк круг проблеми. Ќе преиспитаме разни прашања од системот. Мораме да менуваме некои работи, некои инструменти, ќе видиме дали мораме токму сега да ги изградиме сите објекти, во ситуација кога не располагаме со доволно материјали, или приоритет треба да дадеме на други работи. Мое мислење е, и на сите нас овдека, дека приоритет треба да им дадеме на прашањата за кои овде говорев. Прашањето на работничката класа, односно олеснувањето на производителите на нивната ситуација во претпријатијата, проблемот на распределбата на средствата, ликвидирање на огромниот распон меѓу платите што ги боде очите со кои јас никако не се согласувам. Во тој поглед ние мораме да најдеме мерка. Тука се и низа други прашања на кои сега мораме да им најдеме приоритет. А што се однесува до средствата, тоа е работа што не може моментно да се реши, бидејќи мораме најпрвин да извршиме целосна анализа. 3начи, јас не би сакал сега за тоа широко да раскажувам. Но, морам да го кажам она што е најважно за нас и за мене лично. Не станува збор само за проблемот на студентите, со кои јас, со повеќето од нивните барања, секогаш се согласувам. Бидејќи такво беше моето мислење и порано.

Всушност, нашата младина знае што зборував јас и што би требало поскоро да се реши. Не е работата само во тоа. Тоа е дел од проблемите што денеска се имаат натрупано. Создадена е навистина мошне мачна состојба, нашиот престиж во светот е наштрбен, а и да не зборувам за материјалната штета што е направена. Мене ми се обраќаа работниците и протестираа. Но, во ниедно писмо на работниците од било кој крај на нашата земја, во ниедно писма не стоеше дека работниците не се согласуваат со барањето дека на студентите мора да им се овозможи подобра материјална состојба, дека мора да им се даде можност да го развијат самоуправувањето, целосно самоуправување, да не бидат само формално таму, а да управуваат други, а не оние за кои тоа најмногу се однесува. Ниедно писмо од работниците во таква смисла немаше. Тоа е мошне значајно.

Студентски демонстрации во Југославија

Затоа, јас денеска морам да кажам овде дека сум среќен што имаме таква работничка класа. А можам, исто така, да кажам дека сум среќен што имаме таква младина која се покажа зрела. Еве, најновиот развиток на универзитетите покажа дека 90 отсто од студентите се наша социјалистичка младина, која не дозволува да ја трујат, која не им дозволува на разни ѓиласовци, ранковиќевци, мао-цетунговци и слични кои под предтекст дека се грижат за студентите, всушност се обидуваа да ги остварат своите цели. Нашата младина е добра, но ние треба да ѝ обрнеме повеќе внимание. Голема вина е на нас, а особено на Сојузот на комунистите, кој доволно не се залагаше и на самиот универзитет за решавање на студентските проблеми. И требаше да дојде, ете, до такви мошне немили ситуации, сега конечно да видиме дека сме оделе премногу бавно, дека премногу одолговлекувавме и дека тоа имаше тешки последици.

Ние, другари, многупати говоревме дека треба да се води грижа за човекот. Но, јас мислам дека толку нè засенија разни инвестиции и разни расправии околу тоа, што тоа им ги засени и очите и мислите на луѓето, па се заборави на човекот. А ние ни објектите не можеме да ги создадеме без човекот. Не можеме! Некои мислат дека ова до што дојде е одраз на она што се случува во Франција, Германија, Чехословачка итн. Тоа не е точно. Не е тоа одраз на тоа. Тоа е одраз на нашите слабости што се натрупаа и кои ние денес мораме да ги отстраниме. Значи, тоа не треба да се толкува како резултат на некои влијанија однадвор.

Јас се обрнувам до другарите и другарките, работниците и работничките, до нашите студенти да ми помогнат во конструктивното пристапување и решавање на сите тие прашања. Будно нека следат што ние работиме, тоа е нивно право, нека учествуваат во нашиот секојдневен живот, и кога нешто не им е јасно, кога ќе видат дека нешто треба да се разјасни, нека дојдат кај мене, нека пратат делегација. Но, мислам, дека за тоа нема да има ни потреба, бидејќи ние ќе одиме кај нив. И мораме да одиме и работите да ги разјаснуваме и решаваме онака како што во едно општество на производители, во една социјалистичка заедница, треба да се решаваат. За сето тоа јас говорев многу кратко. Наскоро ќе бидат објавени насоките за идната работа, врз кои сега се работи и јасно ќе видите за што, всушност, се работи и што сè ние мислиме конкретно да преземеме.

Студентски демонстрации во Југославија

Што се однесува до незадоволството на студентите поради немилите настани до кои дојде во Нов Белград, јас сметам дека е тоа работа која треба да се испита. Ако било кој човек од било која страна ги прекршил законите, или не ги исполнувал своите должности, или ја злоупотребил својата должност — тоа ќе расветли истрагата — тој мора да биде повикан на одговорност, без оглед кој е тој.

Што се однесува до студентите кои го искажаа својот мошне силен револт, тоа не е работа која ние треба сега да ја претресуваме. Зашто, револтот до кој дојде е делумно резултат на тоа што студентите видоа дека јас често ги поставував тие прашања, па тие, сепак, не се решавани. Овој пат јас им ветувам на студентите дека сериозно ќе се заложам за решавање и во тоа студентите треба да ми помогнат. Уште повеќе, ако не сум способен да ги решам тие прашања, тогаш јас не треба веќе да бидам на тоа место. Јас мислам дека ниеден наш постар комунист, кој и да е, кој има свест на комунист, не би требало да инсистира на тоа дека мора да остане таму каде што е, туку треба да им даде место на оние луѓе кои се способни да ги решаваат проблемите.

И најпосле, јас уште еднаш им се обрнувам на студентите: време е да се фатиме со учење, сега е време на полагањето на испити и во тоа ви пожелувам многу успеси. Зашто, би било навистина штета да изгубите уште повеќе време.

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/tito/1968/studentski-demonstracii.htm

Последно