Проклет да бидам, се сеќавам како вчера да беше, а еве скоро деценија помина. Тоа беше еден ден, што траеше цела година. Доцна есен. Тажно време. Сивило. Транзицијата нѐ покоси. Моите останаа на улица. Двајца студенти, четворица невработени.
Станувам сабајлето. Ќе одам за Скопје. Да полагам испит. Спреман ми е по возови и автобуси, оти се нема пари за кирија. Ама се знае пустото. Од инат.
Новчаникот празен. Немам двеста денари за пат. За појадок и кафе ич не се ни помислуе. Луксуз е тоа за нас „провинцијалците“.
Стутулен сум, a внатре вријам. Ми се урлика. Жими сѐ ќе убијам некого! Стварно. Баба ми, Бог да ја прости, се туфка. Оди кај комшиката Вера од спротива да позајми. ДВЕСТЕ ЕБЕНИ ДЕНАРИ. За внукот да ѝ полага у Скопје. Оти „учи детето“.
Нешто се скрши во мене. Ги зимам. Понижено и бесно. Одам на станица. Купувам билет у еден правец. Знам. Повратниот е поевтин, ама нема. Се качувам. Седнувам покрај џамот. Ги кријам солзите, ама течат како споулавени. Не можам да ги контролирам. Од дете немав плачено. Сигурно нешто заебано ми се дешава. Гадно, а големо. Прелом!
Стигнувам на Правен. Сите се спремаат пред полагање, ја мртов ладен. Немам ни книга, ни бутур. Сум ја забораил у фрката. Зјапам коо нетокму у една точка. – Шо ти е бе? – ми викаат колегите. – Ништо бе, викам. Малце сум изморен. Учев синоќа до касно. Како не бе. Лажам. Никогаш не учев ден пред испит. Влегувам и положувам. Десетка кај Шкариќ. Од прва. Оти преполагањето е за бубачи.
Излегуваме. Сите одат на кафе. Да се почастат и зезаат. Ме викаат и мене. Ги лажам дека не ми се пие, дека имам „работа“. Фатив да шетам накај Карпош. Сам. Без цел. Од причина што е појака и од целта и од смислата.
Се мотам коо мува без глава, а длабоко медитирам. И пцујам. Ебате државата која ја боли кур за децата на стечајците кои нeмаат пари да си ја платат партиципацијата. Ебате системот кој и најдобрите студенти ги гледа само како уплатница! Овде нешто смрди. Не, не… Не може вака. Нешто длабоко не е во ред. Нешто од корен треба да се смени. Да се исече. И пак да се засади.
Сум талкал цел ден. На стемнување заплискува дожд. Ме потсетува дека е време за дома. Купувам билет со стоте денари шо ми останаа. Се прибирам. Вечерта легнувам да спијам. Капнат уморен, ама освестен. Социјално и класно. Од таа ноќ веќе ништо нема да биде исто. Автентичниот политички активизам мора да почне, оти идиоти ни ја креираат судбината! И тогаш, и сега.
Неколку години потоа се случи „ЛЕНКА“. Движењето кое им објави војна на уфирцаните партиски подмладоци и на НВО-паразитите. И уште трае. И ќе трае. Оти тек сеа почињаме. Оти нема да дозволиме и нашите деца да плачат по возови. Ете затоа, ЌЕ (ГИ) ПОБЕДИМЕ! Тоа ни е од Рацин аманетот.
Димитар Апасиев
авторот е активист на ДСП ЛЕНКА