Во текот на првата недела на мај оваа година [американскиот синдикат] Обединети работници од челичарниците го претставија своето барање за пократка работна недела. Дека тоа е смешно ниско барање – кратење од 40 на 38 часа неделно – кажува тоа што дури и таканаречениот радикален печат му дава малку публицитет. Сепак, барањето е од голема важност. За првпат после многу, многу декади еден синдикат во период на склучување на договорите да стави едно такво барање на преговарачка маса.
Нема сомнение дека тоа што сегашните синдикални лидери го поставија ова барање во првата недела од мај беше случајност. Но, повторно, значајноста не може да се загуби во случајната природа на нивниот тајминг кога, историски, 1 Мај е нераскинливо поврзан со борбите за осумчасовен работен ден. Почетокот на борба за осумчасовен работен ден се совпадна со основањето на првиот Национален синдикат во Америка.
Сојузите за осумчасовен работен ден се појавија насекаде. „Во Соединетите Американски Држави“, напиша Маркс, „секоe самостојно работничко движење остануваше парализирано сè додека ропството нагрдуваше еден дел од републиката. Трудот со бела кожа не може да се ослободи таму каде што трудот со црна кожа го носи на себе срамниот ропски печат. Но, од смртта на ропството, веднаш изникна нов подмладен живот. Првиот плод на Граѓанската војна беше агитацијата за осумчасовниот работен ден.“
Сериозната финансиска криза од 1873 им зададе смртен удар на Сојузите за осумчасовен работен ден, но не и на идејата за осумчасовен работен ден. Во 1884 не само идејата, туку и акциите за нејзино остварување, беа повторно започнати, овој пат од Федерацијата на организирани трговски и работнички синдикати на САД и Канада, кои подоцна ќе бидат познати како Американска федерација на трудот. Ова беше организацијата која определи дека датумот за борба во форма на општ штрајк ќе биде на 1-ви Мај.
Борбата за осумчасовен работен ден во текот на декадата на 1880-тите години резултираше со вистински масакар од контрареволуциите започнати од компаниите со помош на владата. Анархистичките работнички водачи, Парсонс, Спајс, Фишер и Енџел беа доведени на бесилка.
Ова ширење на контрареволуцијата не го запре движењето за осумчасовен работен ден. Напротив. Конзервативниот раководител на Американската федерација на трудот, Самуел Гомперс, побара меѓународна помош. Како што рекол во своите сеќавања во 1889 година: „Како што се приближуваше времето за состанување на Меѓународниот работнички конгрес во Париз, ми падна на ум дека ние би можеле да му помогнеме на нашето движење со изразување на симпатии ширум светот од тој Конгрес.“
Тие добија повеќе од симпатии од Меѓународниот работнички конгрес во Париз, кој веднаш ја усвои следната резолуција: „Конгресот решава да организира голема меѓународна демонстрација, така што во сите земји и во сите градови, на еден одреден ден, работничките маси ќе бараат од државните власти законско намалување на работниот ден на осум часа… Бидејќи слична демонстрација веќе беше одлучено да се случи на 1 мај 1890, од Американската федерација на трудот на својот конвенција во Сент Луис во декември 1888, овој ден е прифатен за меѓународна демонстрација.“
Единството на праксата и теоријата
Токму кога марксистичката светска организација го усвои американскиот избор на 1 Мај како празник кој ќе ги комбинира штрајкувачката акција со демонстрации во поддршка на барањето на работниците за осумчасовен работен ден, во пракса – така, во теорија, борбата за пократок работен ден стана оска на Марксовото најголемо теоретско дело, Капиталот. Темелејќи се на импулсот, акцијата и филозофијата на работничката класа, за пократок работен ден, Маркс го извлекол заклучокот дека „развитокот на човечката сила, која си е сама своја цел, вистинското царство на слободата… може да расцвета само врз царството на нужноста како своја основа. Скусувањето на работниот ден е негов основен услов.“
Неизбежниот штрајк на работниците во челичарниците
Како зборови, Марксовата фраза – „развитокот на човечката сила, која си е сама своја цел“ – може да звучи чудно. Но, мислата зад неа, развитокот на човечкото суштество наместо на сè поголемите и поголеми машини, е токму она што сега ги преокупира работниците во челичарниците.
„Тоа ќе ни даде шанса да земеме здив“, рече еден од работниците во челичарницата Хоумстед, Пенсилванија. „Сигурно дека ни треба“, рече еден друг работник. „Забрзувањето [на работата] едноставно нè убива.“ „Автоматизацијата влошува сè“, рече трет, „кратејќи ни ја како вработеноста така и сигурноста. Ова скратување на работната недела, ако го добиеме, ќе ни помогне во одредена мера.“
Не се работи за тоа дека некој смета дека сите проблеми, или на вработените или на невработените, ќе се решат со ова минорно скратување на работната недела. Се работи за тоа дека мора да се почне од некаде. Ројтер е голем кога вика за намалување не само на работната недела, туку и на работниот ден кога се обраќа на средби со невработените. Но, за време на преговори тој е тивок како египетски гроб. Целото прашање за тоа каков вид труд, кое беше поставено од американските работници уште од времето на автоматизацијата, сега стана поконкретно со обидот да се ограничи времето кога работникот мора да работи за други и да го прошири времето за своите сопствени размислувања.
Преземено од: https://www.marxists.org/makedonski/dunaevskaja/1959/prvi-maj.htm