„Американскиот политички филозоф Мајкл Паренти вели дека единственото нешто за кое владејачката класа се грижи кај обичниот работен народ е што тој мисли. Сопствениците на капиталот трошат огромни суми на нивната најсакана љубов – парите – за создавање установи кои го контролираат начинот на кој луѓето размислуваат, параметрите на прифатливи и неприфатливи ставови. Рамката на мислата која го олеснува умножувањето на доминантните општествени односи се шири, додека онаа која го предизвикува, истата се замолчува. Академијата, која се гордее себеси како центар на слободна и критичка мисла е местото преку кое произлегуваат најнапредните облици на капиталистичка апологетика.
Оваа апологетика, како што ја опишува Георги Лукач во “Уништувањето на разумот”, не мора секогаш да биде непосредна. Во напредните капиталистички општества најголемите бранители на системот не се секогаш оние кои изразито го бранат. Свесни за кризата што го движи системот, капиталистичката класа е доволно способна да разбере дека за да ја одржи својата моќ мора да го контролира не само наративот што го слави доминантниот поредок, туку и установите и дискурсите кои претендираат да го предизвикаат.
Посредната апологетика станува најефикасната одбрана на хегемонијата. Може да завземе многу облици. Но, воглавно, таа нуди критика на системот која е културолошка, трансисториска и површна. Гневот што луѓето го чувствуваат е спречен да се подигне на ниво на систематска свест, на свесност за корените на нивните индивидуални страдања во самиот капиталистички начин на живот. Системските проблеми, пак, се замаглуваат како културни прашања или проблеми на „човечката природа“.
Ниту еден револуционер не треба да биде наивен и да мисли дека ќе ги добие интелектуалните алатки за да го промени светот во буржоаската академија. Не е во капиталистичката академија каде што ќе ги најдеме тие јажиња за кои зборуваа Маркс и Енгелс. Најмногу што може да најдеме е некое предиво, но тоа е далеку од доволно за нашите цели.
Да се очекува од интелектуалните апарати на доминантниот поредок „да бидат непристрасни во општество на наемни робови,“ како што остроумно ни вели Ленин, „е толку наивно како да очекувате непристрасност од производителите по прашањето дали платите на работниците не треба да бидат зголемени намалувајќи ги профитите на капиталот.“ Целта на академијата е да ги створи извршителите кои ќе ја водат армијата на капиталистичките интелектуални апарати. Тие се оние кои се грижат чамецот да не се разниша. Кога не ќе успеат, се појавуваат вооружените сили, полицијата, војската итн.
Што треба да прават оние од нас кои сакаат коренито да ги променат нашите општества? Ако за нашата задача за придобивање на масите не можеме идеолошки да се обучиме во традиционалните установи на „високо образование,“ мора да изградиме сопствени образовни установи. Ова е дел од она што значи двојна моќ. Ова е она што е потребно за да се изгради хегемонија за нашата класа. Треба да изградиме образовна двојна моќ.
Нема подобар пример за метафоричкото јаже што капиталистот ни го продава од напредокот во технологијата што го видовме во последните две децении. Преку средства како зум, час по марксизам-ленинизам што се предава навечер во средниот запад на САД може да го следи револуционер во Њу Делхи после појадок.”
Превод на: Христијан Мурџески
ДСП Ленка во иднина ќе организира серија предавања посветени на марксизмот-ленинизмот, кои ќе бидат отворени за сите заинтересирани за систематско проучување на идеите кои го предизвикуваат капиталистичкиот поредок. На овие предавања ќе се запознаеме со класиците на 20 век – од Ленин до Сталин и Мао – и ќе ги стекнеме револуционерните идеолошки алатки кои официјалната академија никогаш нема да ни ги понуди.