Пишува: Круме Богевски
Многу често велиме „чувствувај се како дома,“ но по посетата на Калининградската област, можам да потврдам дека Русите навистина го мислат тоа! Изминатата седмица ја поминав истражувајќи неколку градови во овој фасцинантен регион и открив природни и културни богатства кои целосно го надминаа она што го очекував. Оваа колумна е само првиот дел од мојот руски серијал; следуваат впечатоци од Санкт Петербург, Псков, Москва и други руски градови што ќе ги посетам периодов!
Како и многу луѓе, од тоа што сме гледале во западните медиуми, замислував дека Калининград ќе носи типични обележја кои често се поврзуваат со Русија и Источна Европа – блокови, сивило и студ. Но, реалноста е сосема поинаква.
Да, тука има станбени блокови, но тие претставуваат совршено социјално решение за домување, додека на главните улици доминира елегантна европска архитектура која потсетува на Познан, Виена или Грац. Историјата на ова место е навистина уникатна: Калининград преминува под руска управа дури во 1945 година, како резултат на победата во Втората светска војна.
Од тоа време, во Советскиот Сојуз, па сè до денес, како дел од Руската Федерација, Калининград се развива како значајна ексклава. Оваа географска одвоеност од остатокот на Русија го прави патувањето до тука особено возбудливо – два часа со авион или со брод преку Балтикот.
Застанувајќи пред споменикот на Александар Невски, кој гледа западно, јасно ја гледам симболиката: Калининград е руското „прозорче“ кон Европа. Невски, познат како војвода кој ги бранел руските територии од западните освојувачи (особено од германските Тевтонски витези), е симбол на отпор против западните сили кои го загрозувале рускиот суверенитет. Во овој контекст, неговото присуство во Калининград, град што Русија го стекнала по Втората светска војна и го задржала како важна геостратешка ексклава, потсетува на историската борба за одбрана на руските територии.
Еден од највпечатливите моменти беше посетата на Островот на Имануел Кант. Овој мал остров, сместен во срцето на Калининград, е дом на готската катедрала каде што е погребан познатиот филозоф Имануел Кант, идеално за прошетки покрај реката Прегел.
И, се разбира, Стадионот на Балтика (Ростех Арена) – модерен спортски комплекс и центар на локалниот фудбалски клуб „Балтика.“ Стадионот е изграден за Светското првенство во фудбал во 2018 година и пружа импресивен поглед кон реката. Имав можност да го следам натпреварот Балтика против Урал, и иако домаќинот изгуби, еуфоријата и ентузијазмот на трибините беа непроценливи!
Калининградската област е многу повеќе од географска ексклава или историски артефакт. Ова место е срцето на европската култура со руско срце, место кое живее своја автентична приказна, независна од општо прифатените стереотипи. Со секое поминато место, од улиците на Калининград до малите крајбрежни села, се уверувам дека Русија е земја на различности, контрасти и топлина. Се надевам дека следните дестинации ќе ми понудат подеднакво инспиративни приказни кои ќе го збогатат моето патување и ќе ви донесат нови перспективи од најголемата земја на светот.
Искористени се фотографии од Ана-Марија Паунеску