Игор Радев: Коцката е паразит! Таа не може да се смета за економска дејност.

Лингвистот и филолог, д-р Игор Радев, кој важи за еден од водечките синолози во Југоисточна Европа, во својата најнова колумна, објавена на порталот „Плус инфо“, пишува за девастирачките општествени последици од коцката како легална економска дејност.

„Коцкарниците не генерираат, не додаваат никаква вредност, туку само ја вшмукуваат вредноста, која ние сме ја создале. Коцката е паразит! Оттука, таа не може да се смета за реална економска дејност.“ пишува Игор Радев.

Колумната е насловена „На коцката црн народ“ како алузија на поемата „Копачите“, на комунистичкиот поет и партизан, Коста Солев Рацин, кој го повикува македонскиот народ да се бори за слобода со стиховите „Пробудете се морни /копачки и копачи —
на трудот, црнм, народ!

Меѓу другото, Игор Радев, се осврнува и на економската оправданост, односно неоправданост на коцкарската дејност.

„Но, од тој „црн народ“ некој и тоа како видел полза. Имено, минатиот месец беше објавен податок дека во текот на 2023 г. коцкарниците и обложувалниците во Македонија имаат остварено приход од приближно 800 милиони евра. Со други зборови, ова е сумата на пари што народов ја има загубено на коцка, и тоа само за периодот колку што ѝ треба на нашава планета да заврти едно кругче околу сонцето. Притоа, профитот што горенаведените за нас веќе иконични „институции“ го направиле изнесувал над 70 милиони евра (на страна, пак, тоа што повеќето коцкарски фирми се во странска сопственост, па најверојатно овие средства се изнесуваат надвор од земјата). И тој чист ќар, што би рекле, не ви е тешко да претпоставите дека од година во година станува сѐ поголем.“

На крај на својата колумна, Радев заклучува дека коцкањето дефинитивно треба да биде строго ограничено, велејќи дека апсурден е аргументот кој се сведува на тоа дека и доколку оваа дејност биде нелегална истата секако ќе постои да вирее и на црно. На ова д-р Радев подвлекува дека ова логички би важела буквално за секое кривично дело. Што ако производството и трговијата со хероин се нелегални, кога пак ги има „на црно“? Тоа што рекетот не е законски, не го спречува да постои „на црно“, нели? Ист е случајот и со трговијата со луѓе итн… Чуму воопшто Кривичен законик, кога сѐ, коешто тој го санкционира, пак се случува „на црно“?

Подолу, во целост ви ја пренесуваме колумната првично објавена на порталот „Плус инфо“.

Не се работи (само) за децата. Да беше така, ќе почнев „од прва“ задишано да зборувам како спроти најголемото основно училиште овде кај мене во Кисела Вода, Скопје, самоуверено се истопорила коцкарница, чиниш вавилонски зигурат, сосема соодветно (но не и премногу креативно) именувана Казино Вегас. А и да бидам до крај искрен, смачено ми е од тоа кога некој сака да протне во јавноста каква и да е „кауза“, редовно мора да се повика на „децата“, божем сѐ за што се залага или прави било единствено во „интерес на децата“, „да се заштитат децата“ итн., засркнувајќи се притоа од излачената каша на морализаторското сентиментализирање.

Не се работи ни (само) за мене. Во спротивно, со изострено смуртен израз на лицето (колку да на се посомневате во интензитетот на моралниот ми револт за на показ), ќе ви објаснував како на улицата, каде што живеам, во отсечка од некаде сто и педесетина (буквални, не метафорички) чекори успеале да се сместат дури две коцкарници, три обложувалници и две лихварници (без проблем разбравте, нели, на што се однесува крајново hapax legomenon).

Се работи, всушност, за него, оној слабичок проќелавен човек во фармерки, кому му останеле одвај уште три-четири години пред конечно да си го истроши и последното парче од придавката „средновечен“, под чии стеснети ногавици ѕирнале патики, коишто од првичната артикулација на белото веќе одамна преминале во можеби четириесет и деветата нијанса на сивото. Токму тие измачени обувки со грчевито испресечен чекор си го носат сопственикот на неговиот дневен аџилак до култни објекти со претенциозни „европејски“ имиња од типот Сенатор, Адмирал, Моцарт, пред кои ние што најмногу само две или три поколенија ги делат од балканското село веројатно би требало да почувствуваме засрамена стравопочит.

Станува збор и за него, кого го ословуваат со именката „дечко“, и да, до пред пар години и да го наречевте тинејџер, немаше фактографски да згрешите. И тој патешествува на истиот аџилак како и претходниот, можеби не секојдневно, но веќе во просек трипати неделно. Ама неговиот чекор не е испресечен, уште е мазен и течен, притоа забрзувањето, со кое тој минува низ неонските порти на знаете веќе што го надминува она од Њутновиот закон за општата гравитација.

Можеби тука се работи и за третиот, дедо, вистински, на седумгодишно внуче, кого откако си го испраќа на роденден на свое училишно другарче, знае да си тркне до онаа  „институција за обложување“, блиску де, преку улица, очекувајќи детето, откако ќе заврши роденденската забава, само да отиде и да влезе да го побара внатре во спомнатата „установа“.

За првиот велат дека бил некогаш женет и има две деца, вториот уште не, а третиот, видовме, веќе дотерал и до внуци… Насетивте дека сиве овие, и многу други, споделуваат едно заедничко својство. Којзнае дали веќе успеале да развијат и некој вид на колективна свест, не знам, квази-класна можеби, квази-национална, зашто очигледно е дека тие се сега единствената популациска група, која ни ја „поправа“ демографската слика. Сите останати заедници без исклучок, додека очите си ги вадат во врска со „балансери“ и останати недоветности, полека, па и веќе не толку полека, се осипуваат, се разредуваат, од географијата на нашево поднебје се селат во неговата историја. Но не е тоа случај и со оваа заедница, таа расте, се шири, набабрува како тесто побудено од квасец… токму тие, на коцката црн народ (Рацин како комунист, секако, нема да ми замери за некакво непочитување на интелектуална сопственост).

Осумстотината милиони

Но, од тој „црн народ“ некој и тоа како видел полза. Имено, минатиот месец беше објавен податок дека во текот на 2023 г. коцкарниците и обложувалниците во Македонија имаат остварено приход од приближно 800 милиони евра. Со други зборови, ова е сумата на пари што народов ја има загубено на коцка, и тоа само за периодот колку што ѝ треба на нашава планета да заврти едно кругче околу сонцето. Притоа, профитот што горенаведените за нас веќе иконични „институции“ го направиле изнесувал над 70 милиони евра (на страна, пак, тоа што повеќето коцкарски фирми се во странска сопственост, па најверојатно овие средства се изнесуваат надвор од земјата). И тој чист ќар, што би рекле, не ви е тешко да претпоставите дека од година во година станува сѐ поголем.

Ќе речете, па добро, економска гранка како и секоја друга, зошто не би остварувала добивка? А толку сте сигурни дека коцката може да се смета за „обична стопанска дејност“, преобична, па дури и „здодевна“ како водоинсталатерскиот занает или производството на овошни сокови на пример? Можеби ќе ве предомислам на следниов начин: Кога, учествувајќи во економскиот живот, некому давате пари, зошто тоа го правите? Секако, затоа што за возврат очекувате да добиете некое добро, кое може да биде материјално, односно, предмет за ползување, или нематеријално, то ест, услуга. Така? Во продавница за чевли даваме пари за да си купиме нови чевли, на бербер плаќаме за да се потстрижиме. Од ова стојалиште дури можеме да кажеме дека во економијата постои своевиден еквивалент на физичкиот закон за запазување на масата и енергијата (нели, дека во даден систем овие величини не можат да бидат уништени, туку дека само преоѓаат од еден облик во друг). Имено, една вредност бидува разменувана за друга вредност, но самата таа не исчезнува за разменувачот при чинот на размената.

Да ве прашам сега: Кога оставате пари во коцкарница, која вредност, кое добро за возврат го добивате? Никое! Вашите пари просто исчезнуваат (барем за вас)… Понатаму, секоја економска дејност би требало да создава или додава вредност. Така, програмерот создава софтвер што ќе треба да се справи со некоја задача, и на тој начин создал нова вредност. Слично, и писателот кога ќе напише книга, создал некоја нова идеја, споделил некакво сознание, креирал вредност. Кога земјоделецот од семе израснува, да речеме, домати, тој преку својот труд на семето му додал вредност. Кога преработувачот од истите домати ќе изработи кечап, тој преку вложената работа на доматите им додал вредност. Па дури и препродавачот, кога истите домати ги зел од земјоделецот и ги однел на пазар во град, со тоа што географски ги приближил до купувачот, пак на тој начин им додал некоја вредност. Кога, пак, угостителот од пазар ги купил тие домати, па во кујната на неговата кафеана биле измиени, исецкани и претворени во состојка за салата, која келнерот ја однел до масата на гостите, со сиот тој труд пак им била додадена вредност. Каква добога вредност креира или додава коцката?

Возрасни сме, тука нема потреба да се залажуваме со гачки дека, да, во коцкарница се оставаат пари, но за возврат може и да добиеш ако се посреќиш. Како сонце во зенит е јасно дека целиот коцкарски „бизнис модел“ се темели врз принципот „Куќата секогаш на крај добива“. Во спротивно, целокупната коцкарска дејност не би имала смисла. Сите ние знаеме луѓе, кои материјално пропаднале поради коцката, но не сме чуле за коцкарница што пропаднала затоа што „муштериите“ (а некои поцинично, додуша без премногу емпатија, знаат да ги именуваат и како „пациенти“) се покажале „к’сметлии“. Теоретски, коцкарница би можела да пропадне ако немала доволен број на клиенти, па приходите не ги покриле расходите, меѓутоа да банкротира затоа што истите имале многу „среќа“, ви се молам…

Патем, на втора мисла, можеби има шанса (колку и да е статистички микроскопизирана) во коцкарница да се „заработи“: Ако се случи некој од љубопитство да влезе еднаш таму, и по некоја неверојатна случајност таа вечер успее да добие, па замине со добиеното за повеќе никогаш во животот да не стапне во коцкарница… Влезе ли по вторпат, со сигурност ќе пропадне. Токму ваква една „пропаст на рати“ ни предочува Достоевски во својот роман Коцкар (1866):

„Јас наеднаш се сепнав. Како? – Па јас добив оваа вечер на коцка сто илјади флорини!… Наоколу сите се смееја додека поминував низ салите, гледајќи на моите подуени џебови и неурамнотежениот ми чекор од тежината на златото… Двајца Евреи ми пристапија на излезот. ,Вие сте смел, навистина многу смел!‘ – ми рекоа тие, –  ,но неизоставно заминете си утре наутро, што е можно порано, во спротивно сѐ ќе прокоцкате…‘“

И да не сте ја читале книгата, верувам нема да ви претставува особена тешкотија да погодите дека младиот Алексеј Иванович не го послушал советот на овие двајца франкфуртски Евреи, па посочената епизода ретроспективно може да се смета за првото скалило на неговото руинирање како човек.

(Задоцнето предупредување: Најдлабоко се извинувам што не ве предупредив однапред дека следи цитат од руски писател. На тој начин почувствителните меѓу вас ги изложив на ризик мозочното ткиво да им биде извалкано, опетнето, контаминирано од руско влијание. Но и за тоа има чаре! Мозочни ткива изгнасени со руско влијание најефикасно се перат во машините за перење од интернационалната марка Engio, кои функционираат на детергентскиот бренд Грант. Боже, ова почна да звучи како реклама…)

Гладно пие тагата наша

 Заклучивме, коцкарниците не генерираат, не додаваат никаква вредност, туку само ја вшмукуваат вредноста, која ние сме ја создале. Коцката е паразит! Оттука, таа не може да се смета за реална економска дејност. Впрочем, што се парите, кои се исцицани од коцката? Парите се цена за нашиот труд, физички и интелектуален, на извесен начин тие претставуваат „алхемиска“ метаморфоза на човечките (= работничките) телесни и ментални напори. Така, кога коцката ги голта парите без ништо да даде за возврат, таа јаде живи луѓе, ги џвака, разложува, по што ги исплукува остатоците. Коцката, а не веќе тутунот,  е таа, која во склад со Тутуноберачите на Рацин:

„…гладно пие тагата наша

и пот`та и крвта и снага ни.“

Следствено, што претставуваат мешетарите на коцката, ако не апокалиптичните „трговци со тела и души човечки“, кои ја опслужуваат фамозната „Блудница вавилонска“. Затоа не треба да нѐ чуди што историски речиси сите религии ја осудуваат коцката како појава. Така, христијанството својот став кон неа го искажува, меѓу останатото, преку 50-то правило од VI Вселенски Собор (Цариград, 680-681 г.):

„Никој од мирјаните или свештените лица да не се препушта на коцкарски игри. Доколку некој биде откриен да се занимава со такво нешто, ако е свештено лице да се расчини, а ако е мирјанин да се исклучи од црковната заедница“.

Слична настроеност пројавува и исламската традиција, па во тој контекст може да го чуеме Имамот Али (‘Алӣ ибн Абӣ Та̄либ; 600-661) да вели:

„Коцката ги наведува луѓето на нечесност и порочност; коцкањето ги доведува луѓето до вратата на сиромаштијата и бедата“.

Понатаму, и меѓу хадисите од збирката на Бухари може да се најде нешто на таа тема:

„Пратеникот Аллахов беше кажал: ,Оној што се коцкал стекнал неправедна (= харам) добивка.‘“

Веројатно најдраматичен и доволно симболички приказ до што сѐ може да доведе коцката гледаме во монументалниот индиски еп Махабхарата. Всушност, целиот трагичен заплет, кој крававо ќе експлодира во братоубиствената (или попрецизно – братучедоубиствената) војна при Курукшетра, е генериран од една непромислена коцкарска игра опишана во втората книга од епскиов циклус, каде Јудиштира, односно, петте браќа Пандави, ќе успеат да си го прокоцкаат во буквална смисла на зборот царството, а и самите себе си, па дури и својата Драупади (додуша, од овој последен срам ќе ги спаси интервенцијата на Васудева-Кришна, малку во стилот на deus ex machina). Според индиската историосифија, сиве овие настани ја отвориле влезната врата на постојната космичко-историска „ера на црнила“ (кали југа), во која ќе продолжиме да тонеме…

Но, да се вратиме на нашата коцка. Мотивот на луѓето да фрлаат пари по неа е составен од еден од двата најмоќни наркотици познати на човештвото – лажната надеж (а за вториот, другпат…). Секој што влегува во коцкарница и остава таму пари, тоа го прави со цел да се здобие со повеќе отколку што оставил. Таа желба систематски се изјаловува, зашто, како што кажавме, деловниот алгоритам на коцкарницата поаѓа од премисата „Куќата на крај мора да добие“. Меѓутоа, човек продолжува да си се надева, при што интензитетот на надежта е правопропорционален со степенот на загубата. Таа надеж нужно е лажна!

Овде не важат споредбите со ризикот сврзан со вложување во некоја реална економска дејност. На пример, можеби јас како трговец решам следниот септември да вложам пари за да купам непосредно од фабрика две илјади чадори со цел да ги продавам преку есента. Меѓутоа, како за баксуз, таа есен може да се погоди воопшто да не заврне, па никој да не ги купи моиве чадори. Јасно, во тој случај би бил во загуба, меѓутоа ваквата ситуација воопшто не е истоветна со загубата од коцка. Зошто? Затоа што при посочениот пример кога јас сум ги дал парите за да ја купам стоката, во истиот миг за тие средства сум добил рамнозначна вредност – две илјади чадори. Сега, дали сум направил лоша проценка или стекот на околности бил таков, па тие понатаму останале непродадени, е веќе нешто сосема друго, не ја менува суштината дека при чинот на размената јас сум добил соодветна вредност за парите што сум ги дал. Честопати разговорно, за купувањето и препродавањето акции на берза се говори како за „коцкање“. Добро, може така да се каже само метафорички, но во реалноста пак постои разлика. Зошто? Затоа што, повторно, во мигот кога некој купува акции, тој добива точен еквивалент во хартии од вредност за парите што ги дал. А дали на тие акции во иднина ќе им падне или ќе им се зголеми цената е веќе друга работа. Но кога се оставаат пари на коцка, во истиот тој миг дали се добива каква и да е еквивалентна вредност? Не! А што се добива? Само надеж, пуста надеж дека во текот на играта ќе имам среќа да добијам нешто.

А и самиот назив „игри на среќа“ е доволно циничен, божем шансите помеѓу тебе и коцкарницата се израмнети, па колку што постои можност ти да добиеш, толку има можност и Куќата да добие на твоја сметка, а што ќе се случи само „среќата“ ќе реши. Коцкарите, т.е. „муштериите“, „пациентите“, предоцна узнаваат дека коцкарската среќа е „жена неверна“,  која секогаш на крај ќе побегне со газдата на Куќата. Коцката му доаѓа како инверзен руски рулет. Нели, при „нормалниот“ руски рулет, во буренцето на револверот што собира шест куршуми се става само еден, па после тоа, завртувајќи го, „играчот“ си го чкрапнува оружјето на главата. А сега замислете ситуација кога во буренцето на револверот се ставаат пет куршуми, а само едно место е оставено празно, па ти играј против револверот. Токму таков е односот помеѓу тебе и коцкарницата.

Ако и наликува на нешто коцкарската дејност, можеби најголема блискост наоѓаме со шарлатанското надрилекарство. Кога некој ќе објави оглас дека продава чај од „мистериозна билка“, кој стопроцентно лечи и леукемија и сите останати малигни заболувања, спасува истовремно и од angina pectoris и разградува камен во бубрезите, што, вусшност, продава тој? – Лажна надеж. Оваа лажна надеж е гравитационата сила на коцката, која прави од неа црна дупка што во својот вшмукувачки проѕев голта цели човечки биографии, бришејќи им го хоризонтот на иднината.

(Предупредување: Следи цитат од дело на руски автор, со што постои ризик да бидете изложени на руско влијание. Доколку сакате да го избегнете овој ризик, се препорачува да замижете, па да ги прескокнете неколкуте редови што следат. Еве, не си ја повторив грешката.)

Нашиот Фјодор Михајлович во веќе спомнатиот Коцкар ни дава на увид концизна симптоматологија на понирањето во црната дупка на коцката преку тежата на лажната надеж:

„Вториот ден загуби конечно сѐ. Тоа и мораше да се случи. Секој што ќе го фати тој пат, небаре по снежна падина со санка, се слизнува удолу сѐ побрзо и побрзо…“

 Advocati aleae

 Ќе се најдат и такви што ќе речат: Да, коцката можеби од материјална и морална гледна точка е штетна, па дури и погубна за поединецот, но макевијалистички набљудувано, таа е полезна за државата. Во тој контекст ни се става до знаење дека четириесет и шесте коцкарски компании, кои се активни денес во Македонија, на име даноци, давачки и придонеси годишно имаат исплатено над сто и педесет милиони евра, а згора вработуваат 7. 745 луѓе.

Има дури и журналисти, а и (да не употребам претежок збор) интелектуалци, кои врз основа на ова му пееат славопојки на коцкарскиот бизнис. Пред нивниот хор јас стојам збунет, не можејќи да сфатам дали тие можеби се натпреваруваат да се надминат самите себе си во тапоста или во цинизмот. Како што видовме, минатата година коцкарниците паразитски исцицале, вшмукале, испијавичиле од нашите граѓани над 800 милиони евра. Сега, од тие 800 милиони, коцкарските компании слеале во државниот буџет по фискална основа над 150 милиони евра (еве, нека се и дупло повеќе), и тоа ја правело коцката полезна за општеството и државата? Според ова логицирање и грабежот би требало да биде корисен во случај разбојниците да решат да го делат пленот со државата. Да не му дадов на некого идеја тукушто? Да не излезе некој во Парламентот утре, задутре или ден потоа, па да каже: „Ајде да го легализираме ограбувањето и крадењето, со тоа што ограбувачите и крадците ќе ги оданочиме.“

Секако, карикирам. Сетете се, мнозина се радуваат како мали деца пред веста дека Македонија успеала да добие кредит од 400-500 милиони евра под вакви или онакви, поволни услови. Притоа никој од нас не го забележува пословичниот слон со клемпави уши во просторијата, односно дека на годишна основа нешто под милијарда евра пропаѓаат во црната дупка на коцката, во дејност, којашто не креира или додава вредност. Замислете си сега тие 800 милиони евра секоја година да се вложуваат во реалната економија, без разлика дали како инвестиција во сопствени помали или поголеми стопански потфати, или просто во потрошувачката на производи и услуги? Еден вид годишна инвестиција од 800 милиони евра (добро де, нека биде и малце помалку од тоа, бидејќи никој не може со сигурност да знае дали сиве овие пари доколку не биле прокоцкани би завршиле во потрошувачаката или инвестирањето, а не делумно и како штедни влогови)!

Значи, ако ваква една сума редовно се слева во реалната економија наместо година по година да пропаѓа на коцка, тогаш јасно е дека и средствата што би влегле во буџетот врз основа на даноци, давачки и придонеси би биле поголеми од оние, кои сега се наплаќаат од коцкарниците. Исто така, и вработувањата во економијата што креира вредност би биле помногубројни од тие што сега постојат во паразитските коцкарници.

Колку треба да се поедностави? Ако парите што не сум ги прокоцкал, ги потрошам на патувања, повеќе промет ќе има, ќе ѝ се зголеми оспегот на дејност, па следствено и повеќе данок ќе плати туристичката агениција, та може ќе ѝ бидат потребни и повеќе вработени. Доколку некој, наместо да ги загуби на коцка парите од платата, дел од нив потроши да ѝ купи на сопругата рачно изработен накит со македонски рубин, ќе има повеќе работа занаетчијата, неговата работилница ќе плати повеќе данок, може да му притреба и чирак, а оној, пак, и жена му повеќе ќе го сака (наместо да се разведува од него, зашто сите семејни пари ги фрлил на коцка). Или, парите што требало друг да ги даде на коцка, ги употреби да си купи книги за читање, тогаш книжарницата, а и печатницата ќе види полза, можно е да им се најде и уште некој вработен, та ќе има и повисоки хонорари за авторите и преведувачите (добро, сега може претерав малку).

Кога секоја апологија на коцката ќе потфрли, тогаш се вади последното софистичко оружје што стои на располагање – резигнираното слегнување со раменици: „Видете сега, да, јасно ни е дека коцката можеби е штетна, и на индивидуално и на општествено рамниште, појава; но, коцкарниците дури и законски да се укинат, коцката пак ќе постои на црно, а тоа е уште полошо.“

Да се разбереме, сегашаната сеприсутност и пристапност на коцкарниците (дали постои статистички податок споредбено колку коцкарници има во Македонија по глава на жител?) доведува до тоа, во нивно отсуство, каква и да има „коцка на црно“, таа никогаш не би можела да го вовлече во себе овој рој од луѓе, кој моментално, како во пчеларска кошница, ги таложи по казината плодовите на сопствениот труд како жртва за царицата матица – коцката.

Понатаму, позицијата „…и да не е легално, пак ќе постои на црно, па затоа ајде да е легално“, се сведува на апсурд, зашто таа логички би важела буквално за секое кривично дело. Што ако производството и трговијата со хероин се нелегални, кога пак ги има „на црно“? Тоа што рекетот не е законски, не го спречува да постои „на црно“, нели? Ист е случајот и со трговијата со луѓе итн… Чуму воопшто Кривичен законик, кога сѐ, коешто тој го санкционира, пак се случува „на црно“?

Изгледа, апсурдот останува последното уточиште на коцката…

Последно