Фетишизмот на стоката [Фреди Перлман]

Претходниот дел: https://lenka.mk/left_literature/reprodukczi%d1%98a-na-seko%d1%98dnevniot-zhivot-prv-del-fredi-perlman/

Фреди Перлман – автор на текстот

Со отуѓување на својата активност и нејзиното олицетворување во стоката, во материјалниот облик на човековиот труд, луѓето се репродуцираат себеси и создаваат Капитал. Од гледната точка на капиталистичката идеологија, а особено на академската Економија, оваа изјава е неточна: стоките „не е производ само на трудот“; тие се произведени од примарните „фактори на производство“, Земјата, Трудот и Капиталот, капиталистичкото Свето тројство, а главниот „фактор“, очигледно е херојот на делото, Капиталот.

Целта на ова вештачко Тројство не е анализа, бидејќи анализата не е она за што овие експерти се платени. Тие се платени да замаглуваат, да го маскираат општествениот облик на практична активност во капитализмот, да стават превез врз фактот дека производителите се репродуцираат себеси, своите експлоататори, како и средствата со кои се експлоатирани. Но, оваа формула на Тројството не е доволно убедлива. Очигледно е дека земјата не е ништо поголем производител на стока отколку водата, воздухот или сонцето. Освен тоа, Капиталот, кој е истовремено назив за општествениот однос помеѓу работниците и капиталистите, за средствата на производство поседувани од капиталистот, и за еквивалентот на пари за неговите средства и „нематеријални добра“, не произведува ништо повеќе од фикции погодни за публикување од страна на академските економисти. Дури и средствата за производство кои претставуваат капитал на еден капиталист можат да бидат примарни „фактори на производство“ единствено доколку погледот се ограничи на едно изолирано капиталистичко претпријатие, бидејќи погледот врз целата економија открива дека капиталот на еден капиталист го претставува материјалното прифаќање на отуѓениот труд на друг капиталист. Сепак, иако формулата на Тројството не е убедлива, таа ја остварува својата задача на замаскирање преку заменување на предметот на прашањето: наместо прашањето зошто активноста на луѓето во капитализмот го зема обликот на наемен труд, потенцијалните аналитичари на капиталистичкиот секојдневен живот се трансформирани во академски салонски марксисти кои расправаат дали трудот е единствениот „фактор на производство“.

На тој начин економијата (и капиталистичката идеологија воопшто) ја третира земјата, парите и производите на трудот, како ствари кои поседуваат моќ да произведуваат, да создаваат вредност, да работат за нивните сопственици, да го трансформираат светот. Ова е она што Маркс го нарече фетишизам кој е карактеристичен за секојдневните сфаќања на луѓето, и кој е издигнат на ниво на догма од страна на економијата. За економистите, живите луѓе се ствари („фактори на производство“), а стварите живеат (парите „работат“, капиталот „произведува“).

Обожувачот на фетишот му го припишува производот на својата активност на својот фетиш. Како резултат на тоа, тој се откажува од својата моќ (моќта да ја преобрази природата, моќта да го одреди обликот и содржината на својот секојдневен живот); тој ги употребува само оние „моќи“ кои му ги припишува на неговиот фетиш („моќта“ да купува стоки). Со други зборови, обожувачот на фетишот се осакатува самиот себе и му препишува плодност на неговиот фетиш.

Но фетишот е мртва ствар, не е живо суштество; нема плодност. Фетишот не е ништо повеќе од ствар за која, и преку која, се одржуваат капиталистичките односи. Мистериозната моќ на Капиталот, неговата „моќ“ да произведува, неговата плодност, не се наоѓа во него самиот, туку во фактот дека луѓето ја отуѓуваат својата креативна активност, дека им го продаваат својот труд на капиталистите, дека го материјализираат или конкретизираат својот отуѓен труд во стоките. Со други зборови, луѓето се купени со производите на нивната сопствена активност, а сепак таа своја активност ја сметаат за активност на капиталот, а нивните сопствени производи како производи на Капиталот. Припишувајќи му креативна моќ на Капиталот, а не на сопствената активност, тие се одрекуваат од својата животна активност, од својот секојдневен живот, за сметка на Капиталот. Што, пак, значи дека луѓето секојдневно се предаваат себеси на персонификацијата на Капиталот, на капиталистот.

Продавајќи го својот труд, отуѓувајќи ја својата активност, луѓето секојдневно ги репродуцираат доминантните облици на активност во капитализмот, тие го репродуцираат наемниот работник и капиталистот. Тие не ги репродуцираат поединците само физички, туку и општествено; тие ги репродуцираат поединците кои се продавачи на работна сила, и поединците кои се сопственици на средствата за производство; тие ги репродуцираат поединците како и нивните специфични активности, продажбата исто како и сопственоста.

Секогаш кога луѓето извршуваат некоја активност која самите не ја одредиле и не ја контролираат, секогаш кога плаќаат за добра што самите ги произвеле со пари што ги добиле во замена за нивната отуѓена активност, секогаш кога пасивно се восхитуваат на производите на нивната сопствена активност како отуѓени предмети набавени со нивни пари, тие му даваат нов живот на Капиталот и ги уништуваат сопствените животи.

Целта на процесот е репродукција на односот помеѓу работникот и капиталистот. Меѓутоа, тоа не е целта на поединечните чинители кои учествуваат во него. Нивните активности не им се транспарентни на нив самите; нивните очи се фиксирани на фетишот што стои помеѓу чинот и резултатот. Поединечните чинители го задржуваат погледот на стварите, точно на оние ствари за кои се воспоставени капиталистичките односи. Работникот како производител настојува да го замени својот дневен труд за наемнина во пари, тој се стреми точно кон стварта преку која неговиот однос кон капиталистот повторно се воспоставува, преку која тој се репродуцира себеси како наемен работник а другиот како капиталист. Работникот како потрошувач ги разменува своите пари за производи на трудот, точно оние ствари кои капиталистот треба да ги продаде за да го реализира својот Капитал.

Секојдневната преобразба на животната активност во Капитал е посредувана од ствари, но не е извршувана од нив. Обожувачот на фетишот не го знае ова; за него трудот и земјата, средствата и парите, претприемачите и банкарите, сите тие се „фактори“ и „чинители“. Кога ловецот кој носи амајлија ќе улови елен со камен, тој може да ја смета амајлијата за суштински „фактор“ во уловувањето на еленот, па дури и за пронаоѓање на еленот. Ако е одговорен и добро-образован обожувач на фетиш, тој ќе му го посвети своето внимание на амајлијата, внимателно грижејќи се за неа и восхитувајќи ѝ се; за да ги подобри материјалните услови на својот живот, тој ќе го усоврши начинот на кој го носи својот фетиш, а не начинот на кој го фрла каменот; тој може дури и да ја прати својата амајлија да „лови“ за него. Неговите сопствени секојдневни активности не му се транспарентни: кога јаде добро, тој не успева да сфати дека фрлањето на каменот е негово дело со кое си обезбедува храна, а не дело на амајлијата; кога гладува, тој не успева да сфати дека неговиот чин на обожување на амајлијата наместо ловењето, а не лутината на неговиот фетиш, е причината за неговото гладување.

Фетишизмот на стоките и парите, мистификацијата на секојдневните активности, религијата на секојдневниот живот која на безживотните нешта им дава својства на живи активности, не е ментален каприц создаден во човековата имагинација; тоа ги наоѓа своите корени во карактерот на капиталистичките општествените односи. Луѓето всушност се поврзуваат едни со други преку стварите; фетишот е всушност причината поради која тие делуваат колективно и преку кој ја репродуцираат својата активност. Но, не е фетишот тој кој ја извршува активноста. Не е Капиталот тој кој ги преобразува суровините, ниту пак е Капиталот тој што ги произведува добрата. Ако животната активност не ги преобразува материјалите, тие ќе останат непроменети, инертни, мртва материја. Ако луѓето не беа подложени континуирано да ја продаваат својата животна активност, импотенцијата на Капиталот ќе беше разоткриена; Капиталот ќе престанеше да постои; неговата последна потентност ќе беше моќта да ги потсетува луѓето на изминатиот облик на секојдневен живот карактеризиран со секојдневна сеопшта проституција.

Работникот го отуѓува својот живот со цел да го одржи својот живот. Ако не ја продава својата жива активност, тој нема да добие наемнина и нема да преживее. Меѓутоа, не е наемнината таа која отуѓувањето го прави услов за опстанок. Доколку луѓето не беа колективно подложени да ги продаваат своите животи, и наместо тоа беа подложени да ја имаат контролата над своите сопствени активности, сеопштата проституција не би била услов за опстанок. Склоноста на луѓето да го продаваат својот труд, а не стварите за кои го продаваат, е тоа што отуѓувањето на животната активност го прави неопходно за одржување на животот.

Животната активност која ја продава работникот, ја купува капиталистот. Ова е единствената животна активност која вбризгува живот во Капиталот и го прави „продуктивен“. Капиталистот, „сопственик“ на суровините и средствата за производство, ги претставува природните ствари и производи на трудот како своја „приватна сопственост“. Но, не е мистериозната моќ на Капиталот таа која ја создава капиталистичката „приватна сопственост“; животната активност е таа која ја создава „сопственоста“, а обликот на таа активност е она што ја одржува неа да остане „приватна“.

Следниот дел: https://lenka.mk/left_literature/skladira%d1%9ae-i-akumulaczi%d1%98a-na-chovekovata-aktivnost-fredi-perlman/

Превземено од: https://www.marxists.org/makedonski/perlman/1969/sekojdneven-zivot.htm

Последно