Зголемен бројот на мртвородени деца – природниот прираст во дебел минус, најдебел е во Битола

Во Македонија продолжува трендот на негативен природен прираст, помалку бебиња се раѓаат, но и помалку лица умираат споредено со претходните периоди. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2023 година е намален за 8,8 отсто во споредба со истиот период лани и изнесува 3.656 живородени деца. Лани во првото тримесечје се родиле 4.009 деца, во второто 4.379, во третото 4.956, а во четвртото тримесечје 4.427 новороденчиња.

Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2023 година е намален за 29,5 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година. Починале 5.233 лица, а од кои 5 се доенчиња. Лани во првото тримесечје умреле 7.427 лица.

Според Државниот завод за статистика природниот прираст е негативен и изнесува – 1.577 лица, односно за толку лица бројот на живородените бебиња е помал од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје има и најголем број на мртвородени бебиња споредено со лани, односно во првите три месеци од годината има 37 мртвородени бебиња. Лани во првото тримесечје имало 18 мртвородени, во второто 25, во третото 33, а во четвртото тримесечје 25.

Намален е бројот на умрени доенчиња. Во првото тримесечје умреле 5 доенчиња, а лани во истиот период 12, во второто тримесечје 20, во третото 12, а во последното умреле 9 доенчиња.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје е намален за 2,9 отсто во споредба со истиот период од 2022 година и изнесува 2.396 бракови. Во ова тримесечје се добиени 336 извештаи за разведени бракови, што претставува намалување од 26.8 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година.

Најголем негативен прираст има во Битола, каде во првото тримесечје се родиле 156 новороденчиња, а умреле 323 лица, што значи дека прирастот е -158. Во Скопје прирастот е -150, па следува Прилеп со -139, Штип -68 и Велес со -65.

Од поголемите градови во позитива се Куманово, каде бројот на жители се зголемил, а прирастот за првото тримесечје изнесува 6 лица, како и Тетово со природен прираст од 12 лица.

Превземено од: https://www.slobodenpecat.mk/zgolemen-brojot-na-mrtvorodeni-deca-prirorniot-prirast-vo-debel-minus-najdebel-e-vo-bitola/

Последно