Во Германија рапидно расте бројот на деца во ризик од сиромаштија и социјална изолација

Децата на родители со пониски образовни квалификации во Германија се особено изложени на ризик од сиромаштија, објави во средата Сојузниот завод за статистика во Визбаден.

„Опасноста од влегување во категоријата сиромашни граѓани е особено голема кај децата и младите до 18 години кои живеат во домаќинства каде родителите завршиле само основно образование, но не и образование за некоја професија“, соопшти Заводот за статистика.

Минатата година процентот на деца во семејства со понизок степен на образование кои се во ризик од сиромаштија се зголеми на 37,6 отсто.

Статистиката покажува дека ризикот од сиромаштија брзо паѓа со зголеменото ниво на образование на родителите. За децата кои живеат во семејства каде што родителите имаат средно образование, овој процент е значително помал и изнесува 14,5 проценти. Во семејства со родители со вишо и високо образование изнесува 6,7 отсто.

Севкупно, во Германија има 2,2 милиони деца и млади кои се во ризик од сиромаштија, што е 14,8 отсто од граѓаните на возраст под 18 години.

Според методологијата на Европската Унија, граѓаните кои имаат помалку од 60 отсто од просечната вредност на приходот на населението се сметаат за сиромашни. Во Германија тоа значи 1.250 евра месечно за лице кое живее во домаќинство со едно лице. За двајца возрасни со две деца помлади од 14 години, границата под која се сметаат за сиромашни е 2.625 евра.

Сиромаштијата, како што се наведува во соопштението на Сојузниот завод за статистика, не е само финансиски, туку и социјален поим. Во Германија, 24 отсто од луѓето помлади од 18 години се изложени на ризик од сиромаштија или социјална изолација.

Сиромаштија или социјална изолација се јавуваат кај оние граѓани кои можат да се идентификуваат со еден од трите индикатори: ако нивниот расположлив приход е под прагот на сиромаштија, ако нивното домаќинство е погодено од значителни материјални или социјални недостатоци или ако лицето живее во семејство со високо ниво на невработеност.

Германија е малку под просекот во ЕУ. Најмалата опасност од сиромаштија и социјална изолација им се заканува на децата во Словенија (10,3 проценти), Данска (13,8) и Чешка (13,4), а најголема во Романија (41,5), Бугарија (33,9) и Шпанија (33,9).

Превземено од: Локално.мк

Последно