Годинава беше успешна за многу светски милијардери, а десетте кои заработија најмногу до 15 декември го зголемија богатството за 490 милијарди долари, оцени магазинот Форбс.

Во првите десет најуспешни годинава се најдоа и 7 милијардери од технолошкиот сектор кои заработија од растот на вредноста на нивните компании. Акциите на компаниите „Епл“, „Мајкрософт“, „Алфабет“, „Амазон“, „Нвидија“, „Тесла“ и „Мета“, годинава ги надминаа очекувањата на пазарот.

Милијардерот Илон Маск ја започна годината како втор најбогат човек на светот со имот од 146,5 милијарди долари, а во текот на 2023 година заработи уште 108 милијарди долари и се најде на врвот на оваа листа, пред се поради добрите резултати на неговите компании „Тесла“ и „Спејс Икс“.

Второто место го зазеде извршниот директор на компанијата Мета, Марк Цукерберг, кој по тешката година во 2022 година се врати годинава и додаде околу 75 милијарди долари на своето богатство.

На трето место е извршниот директор на Amazon, Џеф Безос, кој по оваа година стана побогат за уште 65 милијарди долари.

Во првите десет се индонезискиот милијардер Прајого Пангесту, ко-основачот на „Гугл“  Лари Пејџ, сопственикот на модната компанија „Зара“  Амансио Ортега, вториот ко-основач на „Гугл“ Сергеј Брин, поранешниот шеф на „Мајкрософт“ Стив Балмер, шефот на „Оракл технологија“ Лери Елисон и извршен директор на „Nvidia“ Џенсен Хуанг.