УНИЦЕФ: Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија, додека само секое трето дете достигнува минимално ниво на знаење по математика, читање и природни науки. Ова се дел од загрижувачките податоци од најновото истражување на УНИЦЕФ за состојбата на децата и адолесцентите во земјата. Според извештајот, децата се изложени на бројни ризици, вклучително и физичко или емоционално насилство, што негативно влијае врз нивниот развој и благосостојба.

Според податоците, 73% од децата се изложени на некаква форма на насилство во домот, што дополнително ја влошува нивната состојба. Истовремено, истражувањето укажува на значително намалување на детската популација во земјата. Од 2011 до 2023 година, бројот на деца се намалил за 18%, достигнувајќи 368.731 деца.

„Плодноста останува под нивото на природна замена, со стапка од 1,5 раѓања по жена во 2023 година. Урбанизацијата напредува, при што 61% од новороденчињата се раѓаат во урбани средини, а земјата бележи нето миграција од минус 1.000 луѓе годишно. Јавните трошоци за деца се распределуваат нерамномерно, што бара поголема транспарентност и зголемени инвестиции во поддршката за децата“, стои во извештајот на УНИЦЕФ.

Сиромаштијата – најголема закана за децата

Сиромаштијата останува сериозен проблем за децата во Македонија. Според УНИЦЕФ, 32% од децата живеат под националната линија на сиромаштија, што е значително повисоко од 22% кај возрасните. Особено погодени се семејствата со еден родител (50%), семејствата со три или повеќе деца (53%) и ромските семејства, каде 79% од децата живеат во сиромаштија. Дополнително, само 23% од децата и семејствата добиваат социјални бенефиции, што е значително под просекот на Европската Унија.

Според анализата, во 2022 година стапката на сиромаштија во Македонија изнесувала 22,9%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Овие бројки укажуваат на високо ниво на социоекономска нестабилност, особено кај најмладите категории на населението.

Државните институции со слаби мерки

Истражувањето на УНИЦЕФ покажува дека јавните трошоци за децата се недоволни и нерамномерно распределени, што резултира со недостиг на соодветни програми за поддршка. Прагот на сиромаштија е дефиниран како 60% од просечниот приход, при што најранливи се семејствата со деца. Во 2022 година, четиричлено семејство со двајца возрасни и две деца било класифицирано како сиромашно доколку имало годишен приход под 272 илјади денари.

Во однос на родовата распределба, истражувањето покажува дека жените (22,6%) биле малку помалку сиромашни од мажите (23,1%). Најмногу изложени на ризик од сиромаштија биле децата на возраст од 0 до 17 години, како и самохраните родители со издржувани деца, каде стапката на сиромаштија достигнала 51,8%.

Итна потреба од системски реформи

УНИЦЕФ алармира дека овие трендови можат да имаат долгорочни последици по развојот на младите генерации и повикува на итни мерки за подобрување на животните услови на децата. Експертите предупредуваат дека без значителни инвестиции во образованието, социјалната заштита и здравствената грижа, ризиците за децата ќе продолжат да се зголемуваат.

Останува на институциите да покажат вистинска посветеност кон подобрување на условите за најмладите, бидејќи во спротивно, овие алармантни податоци ќе станат секојдневна реалност за многу семејства во земјата.

Последно