Соединетите Држави ќе ги повлечат своите војници од Нигер, изјави неименуван извор за Њујорк Тајмс, додавајќи дека е постигнат договор меѓу американскиот заменик државен секретар Курт Кембел и раководството на Нигер.
Околу 1.000 американски војници се во Нигер, каде што американската војска оперира од две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како Воздухопловна база 201 во близина на Агадез во централниот дел на Нигер, во која САД инвестираа околу 100 милиони долари.
Минатата година армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар. До пучот, Нигер беше клучен партнер на САД и Франција и регионот Сахел.
Новите власти во Нигер им се придружија на соседните Мали и Буркина Фасо во прекинот на воените договори со Франција и САД и го напуштија регионалниот африкански политички и економски блок ЕКОВАС, контролиран од Западот и започнаа соработка со Русија.
Во наредните денови ќе има дискусии за тоа како ќе изгледа тоа повлекување на војниците, изјави изворот на Ројтерс.
Минатиот месец, владејачката хунта во Нигер соопшти дека веднаш го укинала воениот договор со кој се дозволува цивилен персонал на американската војска и Министерството за одбрана на нејзина територија.
Илјадници луѓе излегоа на улиците на главниот град на Нигер минатата недела за да побараат заминување на американските трупи откако владејачката хунта дополнително ја промени својата стратегија со прекин на воениот договор со САД и започнување соработка со руски воени инструктори.
Осум државни удари во Западна и Централна Африка во текот на четири години, вклучително и во Буркина Фасо, Мали и Нигер, предизвикаа значителни геополитички промени во регионот.