Советниците на Град Скопје претходно денеска не успеаја да го усвојат барањето за субвенции за ЈСП – пари со кои вработените во ова претпријатие треба да ги добијат своите плати за декември 2023 година.

Барањето за доделување субвенции го поддржаа 22 члена од потребни 23 на Советот, 11 советници од пратеничката група на ДПМНЕ гласаа „воздржано“, а советници кои се изјаснија „против“ немаше.

На оваа срамна одлука на советниците од ДПМНЕ веднаш реагираше политичката партија Левица со соопштение дека поради хировите на ДПМНЕ со Мицкоски, 1300 вработени биле оставени без плати.

Денеска на вонредната седница на Советот на Град Скопје, за еден глас поради негласањето на советниците на ДПМНЕ не беа исплатени субвенциите за ЈСП, со што работниците и нивните семејства останаа на цедило, без пари и понижени.

Советниците на Левица веднаш ќе побараат нова вонредна седница за да не бидат жртви работниците на буржоаските хирови на раководството на ДПМНЕ, затоа што не можат политичките желби на отуѓената елита да ја диктираат мизеријата на луѓето. – Се вели во соопштението на партијата Левица.

Советот на Град Скопје на денешната вонредна 14. седница ја донесе одлуката за давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за 2024 година во висина од 11 милиони евра.

Во очекување да се изгласа оваа точка, вработените во претпријатието во знак на протест поради неисплатената декемвриска плата, утрово во 9 часот прекинаа да сообраќаат по скопските улици.

Барањето за доделување субвенции овој пат го поддржаа 25 члена на Советот, а немаше советници кои беа воздржани или кои гласа „против“.

Пред да се гласа за доделување на субвенциите, советниците од ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ги намалат субвенциите на една третина од предвидените преку амандман, но тоа не беше прифатливо за другите советници.

Претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, претходно најави дека доколку денеска не се одржи дополнителна седница на Советот на Град Скопје, тогаш нема да има ниту автобуси на скопските улици.