Вработените во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување од понеделник ќе стапат во штрајк.

Од Синдикалната организација на Синдикатот на УПОЗ при Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) информираат дека ќе се извршуваат само неопходните работни задачи како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи.

За прием на документи, како што информираат од Синдикатот, ќе има само по еден вработен во подрачните единици.

Истовремено сакаме да се заблагодариме на досегашната поддршка и разбирање на граѓаните и лекарите од јавното и приватното здравство, кои ги поддржуваат вработените во нивните барања и се на страната на вработените во ФЗО и имаат разбирање за нивниот проблем со платите, се наведува во соопштението од Синдикатот при ФЗО.

Вработени од ФЗО во понеделникот се собраа пред просториите на Фондот изразувајќи незадоволство од можното намалување на платите. 

Од 9 јануари со препорака од Владата, како што е срочено, се бара намалување од 21 процент. Иако Владата го препорачува тоа како усогласување согласно донесениот буџет, согласно пресметките на стручните служби тоа значи дека платите на сите вработени треба да се намалат за 21 процент, изјави тогаш претседателот на Синдикалната организација на ФЗО Бранко Аџигогов.

Според синдикатот, со одлуката ќе бидат засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, 25 проценти ќе добиваат плата под минималната, а 25 проценти колку минималната плата. 

Од Министерството за финансии следниот ден појаснија дека не се работи за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку дека се прави обид за нивно повторно зголемување кое ќе има фискални импликации врз буџетот на Фондот.