Модната империја „Мајк Кејн“ одсега раководена од работниците

Хелмут Шлотерер, германски милионер и цар на модата, својата компанија „Марк Кејн“ им ја препушти на вработените. Гест за кој бруи Германија, но и пошироката јавност.

Производството на женска облека продолжува во рамките на модната империја која се наоѓа во покраината Баден-Виртемберг. Само што сега сопственоста е променета. Сите акции Шлотерер ги пренел на вработените во компанијата, со која како основач и сопственик управувал цели 50 години, а пред неполни три години му донела 200 милиони евра приходи од продажба, пренесуваат медиумите.

Раководењето со светски познатата компанија одсега ќе се одвива според системот на самоуправување. Формирано е тело слично на работнички совет, составено од секторските раководители. Преку нив како претставници, вработените имаат можност активно да учествуваат во успехот на компанијата и да го искористат правото на глас за тоа како ќе се користи добивката.

„Најважно за мене е компанијата да е во вистински раце, бидејќи продажбата никогаш не беше моја опција. А, бидејќи со сопругата немаме деца, ја донесовме оваа одлука“, изјавил за медиумите богатиот Геманец, чие име се наоѓа и на листите на Форбс.

Фабриката произведува женска облека и ја извезува во десетици земји.

Инспирација е жената која живее во сегашноста, самоуверена, со отворен ум и љубопитна, а такви се и колекциите на „Марк Кејн“. И, како што пишува на нивната веб страница, оваа голема страст трае веќе 50 години. Од 1973 година. Семеен бизнис и бренд препознатлив во светот, но посочуваат – веруваме во германската мода и претпочитаме да произведуваме во Германија.

„Вработените ја споделуваат нашата фасцинација за модата и пионерскиот дух да размислуваме визионерски и да освојуваме нови терени во сите области. Одговорноста за луѓето, околината и општеството ни доаѓа природно, а довербата и креативната соработка е дел од основата на нашиот успех“, може да се прочита на веб страницата на „Марк Кејн“.

Превземено од: https://pari.com.mk/milionerot-shoterer-ja-iznenadi-javnosta-modnata-imperija-majk-kejn-ja-nasledija-vrabotenite/

Последно