Политичката партија Левица како единствената партија на обичниот народ испраќа искрени честитки по повод 8ми април – Меѓународниот ден на ромите. Етничката заедница во Македонија кон која има убедливо најмногу предрасуди и која е континуирано дискриминирана од страна на целокупниот општествен систем.
Во Македонија но и во „демократската“ ЕУ, ромите се соочуваат со системска дискриминација и супресија што резултира со целосна сеграција по етничка основа. Ромите егзистираат во руинирани, полуномадски населби и се соочуваат со целосна недостапност до основните потреби за живот со што се елиминира социјалната димензија на граѓанственоста, а со тоа и се оневозможува нивен активен општествен живот односно, нивна адекватната општествена еманципација.
Во вакви деликатни ситуации многу е често да се покаже кон некои изолирани примери како „објаснување“ за состојабата во која се наоѓа ромската популација. Но ние мораме да го задржиме вниманието кон вистинските извори на овие системски неправди, а тоа се енормните класни разлики и методот на „раздели па владеј“ кој го користат олигарсите во Македонија па и пошироко.
Единствениот начин за целосна еманципација на Ромите, како и на сите маргинализирани групи не се наоѓа во квотите и во „позитивната дискриминација“ туку во создавањето на високо ниво на класна свест и сфаќањето дека единствено солидарноста помеѓу работниците може да придонесе за поправично општество. Стои во соопштението на политичката партија Левица.