Соопштение на политичката партија Левица
Расте бројот на оштетени граѓани кои никогаш не земале брзи кредити, а „продавниците за пари“ ги известуваат дека треба да враќаат кредити за кои воопшто не аплицирале.
Во 2021 година во Македонија се регистрирани 142 кривични дела за злоупотреба на лични податоци, за кои по преземени мерки, кривично се пријавени 67 сторители; во 2022 година регистрирани се 125 кривични дела и мерки на кривичен прогон се преземени против 76 сторители, додека во 2023 година само за седум месеци има 65 пријави до МВР. Вистинската бројка на ваквите случаи сигурно е поголема, затоа што голем дел од оштетените граѓани стравуваат од извршители и наместо да пријават, ги плаќаат туѓите долгови.
Левица претходно реагираше дека во овој бизнис се инволвирани роднини на политичката елита, како синовите на Љубчо ГЕОРГИЕВСКИ и Зоран Верушевски, како и мајката на Трајче ЗАЕВ.
„Продавниците за пари“ со голема леснотија одобруваат потрошувачки кредити, каде не е потребно кредитобарателот да се идентификува со физичко присуство, освен ако кредитот го подигнува во готовина. Наменските или стоковите кредити се исплаќаат директно на добавувачот, без притоа да се достави профактура или договор за намената за која е одобрен кредитот.
Министерството за финансии, и покрај тоа што е задолжено да врши надзор над овие „продавници за пари“ како финансиски друштва, сепак, министерот БЕСИМИ воопшто не се огласува за проблемот со масовната појава на ИЗМАМИ во овие друштва.
Согласно измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, договорите се склучуваат во писмена форма или преку друг траен медиум, иако претходно се сметаа ништовни договорите кои не се склучени во писмена форма и беше предвидена глоба во износ од 3 000 до 5 000 евра.
Левица ќе поднесе ИЗМЕНИ на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, со што ќе се спречи одобрените кредити да ги користат лица кои не се вистинските кредитобаратели и ќе заврши грабежот на граѓаните кои не зеле брзи кредити.