Како украинските бегалци ги протеруваат македонските печалбари од Германија?

Расте бројот на протерани македонски работници од Германија, а причината, верувале или не, е токму конфликтот помеѓу Русија и Украина.

Имено, огромниот број надојдени украински бегалци веќе почнале да ги истиснуваат нашинците од Германија, а први на удар, секако, се тие без обезбеден легален престој во земјата.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР), во првата половина од годинава во Македонија присилно се вратени 600 македонски државјани, додека, пак, лани, во текот на целата година, протерани биле 500 луѓе.

„Најмногу луѓе се депортирани од германските градови Коесфелд, а помал број од градовите Карлсруе, Минхен, Хамбург, Хале, Касел, Триер, Берлин и други. Освен во Германија, депортација на нашинци се врши и од Австрија, Белгија, Италија, Грција и други земји. Причините за нивното присилно враќање се различни, но најчеста причина е нелегалниот престој во туѓа држава. Македонските државјани кои се депортирани од Германија се наши државјани со нелегален престој во Германија и согласно Спогодбата помеѓу РСМ и Европската заедница за преземање лица кои престојуваат без дозвола, истите се депортираат во РСМ – велат од МВР.

Денар.мк разговараше со депортиран нашинец од Германија, кој раскажува како преку ноќ бил принуден да му се врати на стариот живот во Свети Николе.

-Повеќе од две години работев градежништво во Германија. Јас сум човек кој ги почитува правилата и затоа никогаш не сум имал проблем со законот, а можеби затоа и никогаш не сум бил разоткриен дека работам на црно и дека не поседувам дозвола за престој во земјата. Но, сѐ се промени откако започна војната во Украина и откако неколку милиони Украинци пребегаа во развиените земји, особено во Германија. Тогаш, за да се отвори простор за нивно вработување, властите наредија строги контроли и депортации на лицата кои не поседуваат документи. Не им требаше долго за да ме уловат и да ме депортираат во Македонија, но тоа е животот, продолжуваме понатаму – раскажува 43-годишниот Благојче.

Од агенциите за посредување при вработување во странство објаснуваат дека иако најголемиот дел од земјите-членки на Европската Унија имаат слично законодавство, сепак секоја си има свои специфики во однос на доселувањето и добивањето работни визи.

Дел од нив, објаснуваат нашите соговорници од агенциите, поради големата потреба од работници најчесто прогледуваат низ прсти и не ги чепкаат работниците на црно, но сега, конфликтот во Украина и целата таа бегалска криза најверојатно ги тера да им се вратат на законите.

Превземено од: https://denar.mk/286988/ekonomija/kako-ukrainskite-begalci-gi-proteruvaat-makedonskite-pecalbari-od-germanija

Последно