Јабланица за национален парк

Планината Јабланица, според многумина. е една од најубавите планини во Македонија. Како ретко каде на еден релативно мал простор може да се сретне толкаво богатство на геоморфолошки форми и преубави пејзажи, изразен биодиверзитет, специфични хидролошки појави, раритетни и ендемични растителни и животински видови, како и (микро)локалитети кои сами по себе претставуваат заштитени подрачја или имаат потенцијал за заштита. Јабланица е и важен истражувачки ресурс за домашни и странски научници, пред сè, како извор на научни сознанија за геолошката еволуција, особено од глацијалниот и постглацијалниот период. Таа претставува и исклучително важен коридор за движење на крупен дивеч, особено на мечката, волкот и критично загрозениот балкански рис…

Поради сите свои вредности, планината Јабланица ги поседува потребните параметри да биде прогласена за национален парк, со што би се комплетирала заштитата на целата планина чиј албански дел веќе го има овој степен на заштита уште од 2008 година, а воедно целосно би се заокружила прекуграничната заштита на целото планинско подрачје долж западната и северозападна граница со соседна Албанија и Косово, почнувајќи од Галичица на југ до Шар Планина на север.  Во Македонија од 2006 постои иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк која, иако не се отфрла, за жал сè уште не се реализира. Како оправдување се споменуваат разни причини, од административни проблеми и немање соодветни студии за валоризација на вредностите на планината, до немање доволно средства во буџетот и потребата истите да се обезбедат од странски донации. Со оглед на тоа дека од година во година во буџетот се предвидуваат сè помалку средства за заштита на животната средина, прашање е уште колку години ќе чекаме за оваа планина да го добие статусот на национален парк. Дотогаш нѝ останува да живееме со фактот дека и после 33 години државна независност, не сме способни сами да си го заштитиме природното наследство и дека зависиме од добрата волја на странски фондации.

01/18

jablanica za nacionalen park 1

Јабланица е една од тринаесетте македонски планини повисоки од 2.000 метри. Се наоѓа во крајниот југозападен дел на Македонија, северозападно од басенот на Охридското Езеро, помеѓу преминот Ќафасан и Охридската Котлина на југ и Дебарската Котлина на север. Западните делови на планината и припаѓаат на соседна Албанија, додека источните на Македонија. Има меридијански правец на протегање во должина од околу 45 километри. Делот во Македонија е со површина од 235,85 квадратни километри и на запад е ограничен со македонско – албанската граница, додека на исток со долината на реката Црн Дрим. Највисок врв е Црн Камен (2.257 м.н.в.).

02/18

jablanica za nacionalen park 2

Гледана како целина, планината има незначително лаковидна форма со меридијански правец и на неа доминира главниот гребен во должина од околу 10 километри кој на југ започнува кај десниот изворишен крак на Беличка река (1.850 м.н.в.), а на север завршува кај Лакавичка Река (1.410 м.н.в.). Самиот гребен всушност е државна граница помеѓу Македонија и Албанија. Источно од главниот гребен, главно во напореднички правец, се протегаат неколку помали гребени помеѓу кои се изградени впечатливи глацијални циркови.

03/18

jablanica za nacionalen park 3

Основен морфолошки белег на највисокиот предел на Јабланица се петте доминантни цирка (амфитеатрални вдлабнувања со стрмни страни создадени при глацијални процеси), наредени во линија, од кои особено се издвојуваат четирите во чие подножје лежат глацијални езера, Вевчанскиот, Подгоречкиот, Горниот и Долниот Лабунишки Цирк. Воедно, токму петте јабланички цирка го претставуваат највпечатливиот остаток од постглацијалната релјефна морфопластика во Македонија.

04/18

jablanica za nacionalen park 4

Во подножјето на Вевчанскиот Цирк е сместено Големото Вевчанско Езеро наречено и Вевчанска Локва. Езерото лежи јужно од највисокиот врв на Јабланица Црн Камен и на околу 4,5 километри западно од истоиманото село. Создадено е во постглацијалниот период во најиздлабениот дел од циркот. Езерото нема извор или доток на вода и со вода се снабдува исклучиво од дождови и топење на снеговите, додека водата ја губи со испарување и со евентуално подземно истекување. Поради ова, нивото на водата и површината на езерото варираат од година в година, во зависност од метеоролошките состојби. Најголемата длабочина изнесува 10 метри.

05/18

jablanica za nacionalen park 5

На нешто помалку од 2 километри северно од Вевчанска Локва лежи најголемото од сите глацијални езера на Јабланица – Подгоречкото Езеро. Езерото, покрај од дождовница и растопен снег, се полни и со доток на вода од околните извори, а има и свој истек на западната страна. Езерото се смета за загрозено поради фактот што неговите води се користат за потребите на жителите од село Подгорци, па поради прекумерно истекување се нарушени неговите природни карактеристики што се манифестира низ развој на нетипична макрофитна флора, како и низ промени во дното на езерото.

06/18

jablanica za nacionalen park 6

Во подножјето на Лабунишките Циркови, на околу 900 метри северно од Подгоречкото, се сместени Горно и Долно Лабунишко Езеро. Карактеристично за двете е тоа што се обраснати со мочуришна вегетација од родот Carex, што укажува на стареење на езерата. И кај двете езера е проблем што заради задоволување на потребите на жителите на селото Лабуништа, се прокопани вештачки канали што дополнително го забрзува стареењето на езерата.

07/18

jablanica za nacionalen park 7

Покрај цирковите на Јабланица, се среќаваат и некои други геораритетни форми кои се многу ретки на Балканскиот Полуостров и пошироко, а се изразени низ присуство на периглацијални мезо и микрорелјефни форми. Врвот Стрижек е карактеристичен по тоа што на неговите јужни и северни падини има појава на таканаречени камени реки кои ја детерминираат неговата основна физиономија и во тој поглед овој врв е еден од највпечатливите на Балканот. Од мезорелјефните форми внимание заслужуваат и фосилните карпести глечери во Вевчанскиот и Подгоречкиот Цирк, какви што во литературата на Балканот се регистрирани само уште на планината Рила во Бугарија.

08/18

jablanica za nacionalen park 8

Јабланица е карактеристична и по тоа што на еден релативно мал простор (вкупната површина ѝ е околу 500 квадратни километри, што за овој дел од светот претставува мала до средна планина) има дури 24 врвови кои се повисоки од 2.000 метри. Највисок врв на Јабланица е Црн камен (2.257 м.н.в.), кој се наоѓа веднаш над Вевчанска Локава и од кој се простира прекрасен поглед кон целата планина и пошироката околина, вклучувајќи го и Охридското Езеро. Други поважни врвови се Вевчански Врв (2.192 м), Крстец (2.186 м),  Пупуљак (2.054 м), Стрижак (2.233 м) и др.

09/18

jablanica za nacionalen park 9

Околу 14.870 хектари или 63% од вкупната површина од македонскиот дел на планината се покриени со шуми во кои доминираат дабот (30,7%) и буката (29,7%). Околу  2,6 % од вкупната површина на планината се под борови насади, додека 0,04 % отпаѓа на појасот на питомиот костен, кој претставува особена реткост и специфичност на тукашниот шумски систем. Во околината на Подгоречкото Езеро и врвот Крстец може да се сретнат на стотици стебла од молика (Pinus peuce) кои таму формираат состоини со мала густина.

10/18

jablanica za nacionalen park 10

Горната граница на листопадната шума на Јабланица ја сочинува субалпскиот појас на букова шума кој претставува граница помеѓу шумскиот појас и високопланинските пасишта. Шумите се исклучително важен дел од целокупниот екосистем на оваа планина, го регулираат хидролошкиот режим, ја зачувуваат издашноста на изворите, а претставуваат и важен хабитат за многу фаунистички видови меѓу кои и на Балканскиот рис кој е критично загрозен вид.

11/18

jablanica za nacionalen park 11

Највисоките делови на Јабланица се прекриени со непрегледни високопланински пасишта  испресечени со карактеристични гребени, долини, вртачи, и други геоморфолошки форми. Околу 3.048 хектари висококвалитетни пасишта претставуваат исклучителен потенцијал за развој на традиционално сточарство, пред се’ овчарство.

12/18

jablanica za nacionalen park 12

За жал овој потенцијал на планината денес е многу малку искористен. За разлика од некои минати времиња кога на Јабланица бројот на овци се мерел во илјадници, денес на целата планина има не повеќе од 5 до 6 бачила со по стотина до двесте овци.

13/18

jablanica za nacionalen park 13

Флората на виши растенија на Јабланица е исклучително богата и според досегашните сознанија брои околу 250 видови. Од нив 35 видови се важни од аспект на зачувување на биодиверзитетот, 9 видови се наброени во црвената листа на загрозени видови на IUCN, а застапени се и два локални ендемити, еден вид – Dianthus jablanicensis и еден вариетет – Cirsium erisithales (Jacq.) Scop. var. Spinosum. Седум видови растенија освен на Јабланица не се регистрирани на ниту едно друго место во Македонија, а за пет се смета дека се исклучително ретки во нашата земја.

14/18

jablanica za nacionalen park 14

На Јабланица се среќаваат и повеќе лековити, ароматични и овошни растенија кои имаат стопанско значење за жителите од јабланичките села. Меѓу нив најмногу се собираат мајчината душица (Thymus sp.), кантарионот (Hypericum perforatum), линцурата (Gentianna lutea) и боровинките (Vaccinium myrtillus), како и плодовите на костенот (Castanetum sativae macedonicum) во пониските појаси каде што овој вид е распространет. Опстанокот на дел од овие видови (особено на линцурата) е загрозен поради неодржливо и прекумерно собирање, а во многу случаи тоа го прават илегални берачи од соседна Албанија.

15/18

jablanica za nacionalen park 15

Животинскиот свет на Јабланица е исклучително разновиден и богат со видови, како од инвертебралната, така и од вертебралната фауна.  Разновидноста на животинскиот свет се должи на големиот диверзитет на хабитати кои се среќаваат на овој простор.

16/18

jablanica za nacionalen park 16

Во рамките на територијата на планината Јабланица постојат подрачја кои се веќе заштитени или се спомнати во одредени документи како локалитети од особено значење со потенцијал за заштита. Заштитени подрачја се споменикот на природата „Вевчански Извори“ како и ботаничкиот резерват  „Дреночка Река“ каде што опстојува реликтна крајречна шумска заедница на див костен (Aesculus hippocastanum). Во просторниот план како значајни се набројуваат и неколку микролокалитети во околина на селата Луково и Вевчани, како и некои поединечни стебла на даб, ела и костен кои имаат особени хабитуелни карактеристики.

17/18

jablanica za nacionalen park 17

Нема сомневање дека Јабланица е планина која ги поседува сите атрибути потребни да биде прогласена за национален парк. Со нејзина заштита би се комплетирал цел еден прекуграничен заштитен појас долж западната граница на Македонија почнувајќи од Шар Планина која е национален парк и од наша и од косовска страна, преку националните паркови Маврово и Кораби , кај нас и во Албанија, па сè до планината Јабланица која засега е заштитена само од албанска страна.

18/18

jablanica za nacionalen park 18

Со прогласување на Јабланица за национален парк би се подигнал квалитетот на грижата за ова наше природно богатство, би се создал поквалитетен амбиент за слободно движење на крупните цицачи, особено на рисот,  а би се спречила и деградацијата на планината од страна на човекот, која се манифестира низ бесправно сечење на шумите, подигање дивоградби на најатрактивните локации на планината, интервенции во езерата и водотеците, низ неконтролираното собирање на шумски плодови, изградбата на мини хидроцентрали, криволов и генерално неодговорно однесување кон планината.

Текстот е превземен од следниот линк: https://doma.edu.mk/zhivotna-sredina/jablanica-za-nacionalen-park/