Утрово на социјалните медиуми се споделува граѓанска петиција на платформата Change.org која, како што велат во петицијата, има за цел да ја демократизира Претседателската кампања, која за прв пат досега во историјата на Македонија се одвива во целосен недостаток на директна кандидатска дебата.

Од сите кандидати единствено проф. д-р Билјана Ванковска, кандидатката поддржана од политичката партија Левица континуирано преку медиумите ги повикува на дебата своите противкандидати, додека останатите се кријат зад своите политички партии.

Во прилог ви го пренесуваме интегралниот текст на петицијата:

„Во најновиот извештај на Фридом Хаус, како и во многу извештаи на слични релевантни меѓународни организации, е забележано дека Република Македонија не само што не напредува во демократските процеси туку и назадува.

Типичен пример за демократскиот дефицит во македонското општество се овие Претседателски избори, односно во овој процес кој е од огромно значење за иднината на македонските граѓани нема ниту една дебата помеѓу кандидатите за Претседател на државата! Нешто што е нечуено во ниту едно општество кое претендира да е демократско.

Дебатите претставуваат најдобар начин за кандидатите да ги претстават своите визии пред јавноста и да се соочат со визиите на противкантите на јавна сцена, во живо. Како и за граѓаните да се здобијат со подетални информации за тоа кои се нивните планови за управување на земјата. Ова ги овозможува граѓаните да направат поинформирана одлука на 24 април.

Благодариме на сите кои ќе ја поддржат оваа петиција и кои ќе се придружат во нашиот заеднички став за подобра, поинформирана и отворена демократија.“

Линк до петицијата: https://chng.it/sdVSSdqPWs