Во 2023 година, според прелиминарните проценки, германската економија падна за 0,3 отсто на годишно ниво, откако порасна за 1,8 отсто во 2022 година.

Ова го соопшти германската федерална статистичка служба Дестатис.

„Целиот економски развој во Германија заглави во 2023 година, во средина која сè уште е оптоварена со кризата“, рече претседателката на Дестатис, Рут Бранд на прес-конференција.

Според нејзиното мислење, главните причини за економскиот пад на Германија се високите цени, неповолните услови за финансирање поради зголемувањето на каматните стапки и намалената побарувачка од земјата и од странство, се наведува на веб-страницата Дестатис.

Производството во германскиот индустриски сектор падна за два отсто на годишно ниво во 2023 година поради намаленото производство во секторот за снабдување со енергија, а голем пад е забележан и во германската автомобилска индустрија.

Градежната индустрија во Германија минатата година забележа мал раст од 0,2 отсто и покрај високите трошоци за изградба и недостатокот на квалификувана работна сила.

Од година во година растот во германскиот услужен сектор е забавен, што е забележливо во сите главни сегменти како што се информациите и комуникациите, бизнисот и јавните услуги.

Во 2023 година, приватната потрошувачка е намалена за 0,8 отсто на годишно ниво, инвестициите за 0,3 отсто, а државната потрошувачка за 1,7 отсто.

Надворешната трговија придонесе позитивно за вкупниот биланс бидејќи германскиот увоз се намалил повеќе од извозот во 2023 година.

Преземено од: Biznispro.com