Апасиев поднесе барање за утврдување одговорност на судија

„За прв пат во мојот професионален живот и универзитетска кариера како професор по право, до републичкиот Судски совет, поднесов Барање за поведување постапка за утврдување одговорност за судија,“ соопшти Претседателот на Левица на својот фејсбук профил.

Претходно, од партијата Левица поднесоа законски измени со кои се ограничува мандатот на судиите, и истите можат да подлежат на прекршочна и кривична одговорност, за носење неправедна пресуда и оштетување на странка. Конкретната пријава на Апасиев е за судијата Слободан Хаџи Христовски.

„Станува збор за судијата од Основниот граѓански суд Скопје – г. СЛОБОДАН ХАЏИ ХРИСТОВСКИ за сторена „крупна професионална грешка“, односно неследење и неспроведување на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (Стразбур), која е задолжителна за домашните судови – согласно чл. 18, ст. 5-6 од Законот за судовите (2006)“ – стои во објавата на социјалните мрежи.

Апасиев сподели дека на неговата пријава претходи одлука на Европскиот суд за човекови права, којшто утврдил дека судијата не постапил согласно законската регулатива.

„Имено, дотичниов судија-поединец, не ги применил задолжителните ставови од дури 52 (со букви: педесет и две) цитирани конечни и извршни судски пресуди на ЕСЧП-Стразбур кои педантно му ги приложив, иако имал законска обврска непосредно да ги примени in concreto. Живо ме интересира, какво правно волшепство ќе измислат нашите некредибилни правни магионичари од РСС, за да го „извадат“ нивниот колега од одговорност“ – напиша Апасиев.

Последно