Пред точно 176 години, на 21 февруари 1848 година, за првпат беше објавен Манифестот на Комунистичката Партија. Иако е стар речиси два века, Манифестот бил и продолжува да биде една од највлијателните книги во модерната историја.
Манифестот ги уведе идеите за научен социјализам, што Маркс и Енгелс ќе ги елаборираат во текот на следните 50 години по неговото печатење, идеи коишто ќе служат како водич за акциите на револуционерите кои доаѓаа.
Но повеќе од историски артефакт, содржината на Манифестот продолжува да ја објаснува ситуацијата во која се наоѓаме денес.
Владејачките идеи се идеи на владејачката класа
Ситуацијата што Маркс ја обелоденува воопшто не изгледа стара 174 години. Читајќи го Манифестот лесно е да се поврзат зборовите со сегашноста, бидејќи околностите се многу малку променети од тогаш.
Маркс рече, „законот, моралот, религијата се за неa (работничката класа) само толку буржоаски предрасуди, зад кои демнат во заседа исто толку буржоаски интереси“.
Со други зборови, владејачката класа ќе ги искористи сите моралистички идеали што и се на располагање за да го прикрие бруталниот систем на експлоатација со којшто владее.
На пример, се уште можеме да видиме како капиталистичкиот морал е протуркан во општеството во однос со прашањето за таканаречените баратели на социјални бенефиции. Буржоазијата е задоволна што може да ги нарече ‘измамници за бенефиции’ и да создаде омраза кон нив преку тврдењата дека овие луѓе едноставно не работат доволно напорно.
Сепак, капиталистичката класа е таа што седи со скрстени раце додека други работат за неа, а таа заработува многу повеќе од минималецот што го добиваат тие работници. Корисно за неа е и пренасочувањето на внимание со тоа што ги обвинуваме најранливите делови од општеството, додека капиталистите ништо не работат, но сепак уживаат во своите милијарди. Ова се буржоаските предрасуди кои стојат зад моралот на капитализмот.
Инхерентна криза на капитализмот
Маркс потенцираше во 1848 г. дека „непрекинатото нарушување на сите социјални услови, вечната несигурност и вознемиреност прават буржоаската епоха да се разликува од сите претходни”. Последниот период и тоа како одговара на овој исказ.
Финансискиот колапс во 2008 г. отвори нова и далеку поинтензивна ера на економска криза, што доведе до смртоносно штедење и намалување на социјалната помош од која што зависат многу семејства припадници на работничката класа. Во меѓувреме, долгот што треба да го исплатат следните генерации постојано се зголемува. На учениците и универзитетските студенти ова не им а непознат процес. Тројното зголемување на школарината, намалување на редовните работни позиции со полно работно време, влошување на животните услови, зголемената невработеност и зголеменото бездомништво се проблеми со кои секојдневно се соочуваме. Призракот на иднината изгледа се помрачен.
Неодамнешната пандемија на ковид-19 само го истакна овој процес, најавувајќи кризна ера со размери невидени од времето на „црната чума”.
За ова можеме многу да научиме од пророчката фраза на Маркс што го споредува капитализмот и контролата на буржоазијата врз производството и размената на добра и ресурси со „волшебникот кој повеќе не е во состојба да контролира ниту еден елемент од силите кои тој сам ги повикал“. Одличен пример за тоа се конзервативците во Велика Британија, кои се заглавени помеѓу разумната буржоазија, што треба да ја застапуваат, и десничарските ставови и мерки на таборот на Борис Џонсон што ја водат земјата од една криза во друга. Капиталистите ја имаат изгубено сета контрола.
Социјализам или варварство
Покрај цикличното уништување предизвикано од капиталистички кризи, капитализмот постојано го загрозува и сопствениот начин на постоење. Во 1848 година Маркс го спомна „потчинувањето на силите на природата пред човекот“ извршено под идеите на капитализмот. Тој истакна дека дури и во таа рана фаза на индустриски развој започнала „примената на хемијата во индустријата и земјоделството“, а особено почетокот на „расчистувањето на цели континенти“.
Како што знаеме, уништувањето на шумите е огромен проблем со кој се соочува општеството во 21 век, што покрај безброј други загадувачки процеси во капиталистичкиот ланец на производство има потенцијал да предизвика огромни климатски катастрофи коишто би можеле да доведат до фатални последици уште во средината на овој век.
Варварските војни создадени и протуркани во име на империјализмот се уште еден пример за тоа. Маркс беше во право кога предвиде дека буржоазијата „под закана за истребување, ги принудува сите нации да го прифатат буржоаскиот начин на производство“. Ова ја претскажа колонијалната и империјалистичка политика на буржоаските сили како САД и Велика Британија. Од озлогласената „Трка за Африка“, па се до бројните војни, странски инвазии и удари во втората половина на 20 век, гледаме речиси вистинска крстоносна војна против остатокот од светот.
Поентата е да го смениме
Но, настрана од многуте зачудувачки предвидувања и описи на процесите на капитализмот, што се далеку поадекватни од кој било универзитетски учебник, поентата на Манифестот не е само да се направи блед опис на тоа колку е беден капитализмот туку претставува и повик на борба за промена на светот. Што е најважно, Манифестот ја објаснува основата врз која треба да се одвива борбата за да се укине капитализмот, т.е. класната борба.
Капитализмот, како и секој друг претходен општествен систем, ги произведува копачите на сопствениот гроб во форма на работничката класа. Во времето кога Маркс и Енгелс пишуваа, оваа класа беше уште во својата ембрионска фаза и единствено во Велика Британија се развиваше по бројност и политичко убедување. Денес, капитализмот е поголем и помоќен отколку било кога и во Велика Британија зафаќа огромно мнозинство од населението.
Кога Маркс и Енгелс го напишаа Манифестот, тоа не беше направено само од интерес туку со цел да се изнесат идеите на овие двајца големи револуционери во јавноста. „Првата интернационала“, чиј клучен дел беа Маркс и Енгелс, го нарача овој текст за да се шири гласот на идеите на Маркс. Поентата на Манифестот отсекогаш била да се подигне класната свест и да се создадат револуционери.
Целта на марксизмот е опремување на таа класа со револуционерна програма за укинување на ужасот без крај, ужасот наречен капитализам. Идеите што се сумирани во Комунистичкиот Манифест се водич за револуционерите и имаа влијание врз многу одлучувачки настани во модерната историја. Чекориме по патот обележан со стапките на гигантите. Задачата на Марксистичката студентска Федерација, како дел од Интернационалната марксистичка тенденција, е да ги следи тие стапки, да ги проучува овие идеи и да ги користи за да ја води социјалистичката револуција на 21 век!
Преведено од: https://marxiststudent.com/why-you-should-read-the-communist-manifesto/
Линк до манифестот: https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1848/index.htm